1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Калимера, господине Мицотакис

14 август 2024

Грчките службеници се уште не ословуваат со „Скопиа“, исто како и повеќето Грци. Никој како да не го прифаќа името Северна Македонија, ниту обичните Грци, ниту обичните Македонци. Пишува Никола Тодоров.

„Македонија е Грчка“. Архивска фотографија од протести во Грција против Преспанскиот договорФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Господинот Кирјакос Мицотакис, денес премиер на соседна Грција, прв пат, случајно, го сретнав во еден хотел во Њујорк, ако не грешам во периодот на одржување на генералното собрание на ОН. Тоа беше случајна средба во холот на хотелот, куртоазно се поздравивме и секој си замина по својот пат. Јас тогаш бев министер, а тој само што стана лидер на опозицијата. Ми остави позитивен впечаток. Прочитав дека бил школуван во Америка, а знаев дека е десничар. Тогаш се уште бевме заглавени во бесмислениот спор за името. Помислив, зошто на Балканот сме толку упорни иднината секогаш да ни биде заложник на историски тврдења во кои секој од нас слепо верува. Но, тоа беше одамна, денес е поинаку. Потпишавме договор и сметавме дека го решивме спорот кој Грција го имаше со нашето уставно име.

Калимера Господине Мицотакис, колумнава ја пишувам од Грција, од кампингот под велелепниот Олимп. Уживам тука. Си го најдов мирот тука, откако своеволно ја напуштив политиката како една прилично гадна професија. 

Но, пред некој ден, направив една грешка. Бев на пазар во блиското гратче и непрописно ја паркирав колата. Ми ги одзедоа таблиците и ме казнија. Со право, згрешив. Беше пазарен ден и беше многу гужва, и се паркирав на едно место, каде паркирањето е забрането, заедно со уште 10-тина други возила. Сите беа со грчки таблички, освен моето и едно друго возило со германски таблички. Нормално, табличките им беа извадени само на мојот автомобил и на автомобилот на Германецот. Нема да пишувам за дискриминација, учени сме ние, и кај нас е така. Оди со скопска кола во Битола, Куманово или Охрид и паркирај се до локално возило, се знае кој ќе биде казнет. Друга ми е поентата. 

„Ти на грапсо, Вориа Македониа?" 

Не знам дали знаете, почитуван Мицотакис, но казната во Грција не можеш да ја платиш на лице место и по жештината, како дополнителна казна, треба да одиш во друг град, во мојот случај на 14-15 километри. Стигнувам во Литохоро, преубаво гратче во подножјето на Олимп. Влегувам во општината, многу љубезно ме пречекуваат, ми објаснуваат во која просторија треба да одам, но бидејќи сум странец, за да ми помогнат да се снајдам, доаѓаат лично со мене и заедно тропнуваме на една врата. Влегувам, љубезна личност. Си ја знае работата, седнува на компјутерот, ми зема документ за идентификација и почнува да внесува податоци. Нејзината колешка која ме придружува, се уште стои со мене, бидејќи потоа треба да ми помогне да се снајдам и да одам во друга просторија за да платам казна. Бидејќи учев грчки, ги разбирам што зборуваат меѓу себе. Едната и вели на другата-„Ти на грапсо, Вориа Македониа?" (што да пишам, Северна Македонија)? Колешката и одговара: „оохиии, Скопиа". 

Брзо заврши и културно, на англиски јазик ме упати на каса за да платам казна, додека нејзината колешка љубезно ме придружуваше до касата. Ги предадов документите кои ми ги дадоа и службеничката од касата, на англиски јазик ме прашува, вие од каде сте? Имам четири опции, да кажам од Скопје и да не се замарам бидејќи навистина сум од Скопје, а не од Битола или Охрид, втора да кажам дека сум од Македонија и да започнам расправија и трета да се глупирам и да кажам „од нашата/мојата држава“. Си велам не, ќе направам еден експеримент и ја одбирам четвртата опција, па на грчки им велам: „Име апо ти Вориа Македониа". Веднаш како во хор, сите наоколу велат, „охи Македониа, Скопиа". Велам не, јас сум од Северна Македонија, па нели потпишавме договор со кој го решивме спорот и за наша несреќа, моравме да прифатиме дека erga omnes, ќе се викаме Република Северна Македонија. Велат не, нема договор, вие сте Скопиа, ова е Македонија. Македонија е тука, таму е Скопиа. Им велам не, и Скопје е во Македонија, но поради договорот сега државата се вика Северна Македонија. Ги повторивме позициите уште по неколку пати, а за тоа време службеничката заврши со наплаќањето на казната. Во прекршочната постапка официјално сепак го користеа името на непостоечка држава- Скопиа. Не се согласивме, јас моето, тие нивното, но сепак на крај учтиво се разделивме и си заминав.

Ерга омнес, беше она на што грчката страна постојано инсистираше. Фразата "erga omnes" е латински израз што се користи во правната терминологија и значи "спрема сите (έναντι όλων)" или "кон сите (προς όλους)". Ова значи дека кога ќе ме праша државен службеник од Грција од каде сум, јас сум должен да му кажам од Северна Македонија, но и тој е должен тоа да го почитува и да наведе дека сум од Северна Македонија, а не од Скопиа. Но, „колоквијално", грчките службеници, за официјална употреба, се уште не ословуваат со „Скопиа", исто како и било кој друг Грк со кој ќе ја начнеме темава. Никој како да не го прифаќа името Северна Македонија, ниту обичните Грци, ниту обичните Македонци, ниту државните службеници во „нашите земји". 

Поделени региони 

Во последно време, гледам дека Вие, господине Мицотакис, сте прилично упорен дека треба да се користи ова име, бидејќи сме потпишале меѓународен договор, на кој сите сме обврзани. И ние, но и Вие и вашите државни службеници. Erga omnes, нели! За сите и кон сите. Ако е за сите, значи важи и за вас, и за нас, и за нашите и за вашите државни службеници. Но и обратно, ако не важи за вашите државни службеници може да не важи и за нашите државни службеници. Кога државен службеник се обраќа, се обраќа во името на државата, кога постапува, постапува во име на државата. Правилото, или е правило и се почитува или не постои. 

Иако сум десничар, не сум националист, туку повеќе умерен патриот односно поблиски ми се принципите на либералниот конзерватизам и затоа господине Мицотакис, не можам да прифатам во време на подемот на вештачката интелигенција, се уште да бидат доминантни доктрини и ставови од 19 век. Македонија е грчка, е еднакво шовинистички и неточно како фразата Солун е наш. Ниту Солун е наш, ниту Македонија е само грчка. Има дел од географскиот регион Македонија кој е неспорно грчки, исто како што има и дел кој е неспорно бугарски и дел кој е неспорно наш, на Македонците и сите останати од Северна Македонија. Слично е и со Тракија. Тракија не е грчка, бидејќи дел од Тракија е грчка, а дел од Тракија е неспорно бугарска. Таков е Балканот, географските региони се поделени помеѓу различни држави, исто како и делови од народите.

Но, за ова, очигледно тешко ќе се разбереме се додека не успееме да ги отвориме умовите и наместо во минатото да почнеме да живееме во сегашноста, а да мислиме за иднината. Во меѓувреме, би можеле да обезбедите пост терминали на службениците кои се овластени да казнуваат. Така особено туристите, но и Грците, нема да бидат приморани да се малтретираат по жешкото сонце да патуваат во други градови за да платат казна кога ќе погрешат. Ќе направите еднакво добра работа и за Грците и за сите нас кои летните денови уживаме да ги поминуваме во вашата преубава земја, доколку не сме ја научиле лекцијата и повторно погрешно паркираме.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми