1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиСоединети Американски Држави

Камала Харис: цел на омраза на социјалните мрежи

Инес Ајзеле
7 август 2024

Расистичките и сексистички дезинформации за Камала Харис се шират на интернет со години. Бројот на лажни вести се зголеми особено откако стана јасно дека таа сака да стане претседател на САД. Зошто се случува ова?

Политичките достигнувања на Камала Харис се помалку занимливи за корисниците на социјалните мрежи од нејзините љубовни врски во минатото
Политичките достигнувања на Камала Харис се помалку занимливи за корисниците на социјалните мрежи од нејзините љубовни врски во минатотоФотографија: Laura Brett/ZUMAPRESS/picture alliance

Камала Харис е кандидатка на Демократската партија за американски претседател во ноември годинава и ривал на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Веројатно бидејќи таа е мета на можеби најголемото количество лаги и клевети против некој претседателски кандидат досега забележани во Соединетите Американски Држави.

Меѓу другото, се тврди дека работела како проститутка, односно дека ги нудела своите „услуги“ на политичарите за да напредува во сопствената кариера. Некои вирални објави на социјалните мрежи ја поврзуваат со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн. А за некои фактот што 59-годишната жена нема свои деца е показател дека таа е трансродова жена.

Лажното тврдење на некои корисници дека Харис воопшто не е родена во САД и затоа не може да биде легитимен претседателски кандидат, или претседателка, се прошири надалеку на интернет. А за другите не е доволно црна за да ја наречат црнкина.

Степенот на дезинформации, односно намерно дистрибуирани лаги, може да се објасни, меѓу другото, и со фактот дека социјалните мрежи се развиваат со голема брзина во последните години. Но, и технологиите, како вештачката интелигенција, со чија помош може да се креира или манипулира со фотографии, видеа или аудио снимки.

Дезинформациите на социјалните мрежи со години поттикнуваат омразаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

А покрај сето тоа, САД се крајно поларизирано општество, исто како што е поларизирана и политиката. Покрај тоа, странските актери како Русија, Кина и Иран имаат интерес да влијаат на исходот од изборите во САД, кои веќе беа доста активни во ширењето на лажни вести на последните претседателски избори.

Што ако Харис беше машко?

Но, тие лаги со сета сила не ја засегаат Камала Харис само затоа што таа се кандидира за претседателските избори во Америка. Ако таа 59-годишна жена беше маж белец, дезинформациите против неа ќе изгледаа сосема поинаку. Она што кружи на интернет за политичарката и адвокатка Харис често е поврзано со нејзиниот пол, бојата на кожата или нејзините индиски и јамајкански корени.

Веќе во 2020 година, Центарот Вилсон во Вашингтон, во една студија, анализираше дезинформации против 13 политичарки од различна политичка и етничка припадност во САД, со различен степен на прознавање во јавноста. Меѓу нив беше и Камала Харис. Покрај сознанието дека, општо земено, наративите за дезинформациите специфични за полот се значително проширени, студијата покажа и дека 78 отсто од откриените клучни зборови се поврзани со тогашната сенаторка Харис.

Нина Јанкович, поранешен шеф на Одборот за управување со дезинформации, советодавно тело во американското Министерство за домашна безбедност, е едена од коавторите на студијата на Вилсон. Во интервју за ДВ, таа вели: „И нашите и други студии покажаа дека жените кои претставуваат интерсекциски идентитети, кои се значи и жени и хомосексуалци, или жените кои се црнкини, се повеќе изложени на злоупотреба и дезинформации. А Камала Харис претставува дури три идентитети: таа е жена, таа е црнкина и жена од Јужна Азија“.

Заплашување, срам и дискредитација

Постојат различни форми на онлајн сексизам. Во студија од 2018 година, социологот Сара Собиерај опишува три стратегии кои се преклопуваат и кои се користат за ограничување на влијанието на жените во дигиталната јавност: заплашување, срам и дискредитирање. 

Јанкович и нејзините колеги кои учествуваа во истражувањето за родово-специфични дезинформации прават разлика во однос на содржината - помеѓу сексистички, трансфобични и расистички наративи. Политикологот знае што зборува: и самата е жртва на сексистичка онлајн омраза, дури добивала и закани, од силување до смртни закани. 

Предизборната кампања спроти изборите во ноември Доналд Трамп и Камала Харис ќе ја водат и на социјалните мрежиФотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance | Shawn Thew/Pool EPA/AP/picture alliance

Колку повеќе жените се мета на такви работи отколку мажите, станува јасно кога ќе ја споредиме Камала Харис со Џозеф Бајден или со Доналд Трамп. Кој толку темелно навлегувал во историјата на состаноците на овие мажи или кој тврдел дека се проституирале или дека напредувањето во кариерата го „плаќале“ со сексуални услуги? Зарем Доналд Трамп, човекот кој беше осуден за сексуален напад и кој ѝ плати на една порно актерка да молчи за нивната врска, не треба да привлече многу повеќе внимание од Камала Харис?

И колку објави на социјалните мрежи тврдат дека Бајден или Трамп се трансродови? Или дека не се легитимни граѓани на САД, односно дека во реалноста не се ни - бели?

Според Јанкович, оваа споредба уште појасно го покажува степенот до кој дезинформациите против Харис се всушност мизогини. „Жените на моќни позиции очигледно не можеле да стигнат таму во никој случај само благодарение на нивните способности. И дека тие мора тајно да бидат всушност мажи, што е апсурдно.“

Камала Харис не е сама...

Друга споредба пак открива колку се структурни родово-специфичните и расистичките дезинформации: луѓето кои се слични на Камала Харис во овој поглед, како што се Мишел и Барак Обама или Хилари Клинтон, биле или сè уште се соочуваат со слични лаги. Така се тврди дека Мишел Обама е трансродова жена. Патем, за Барак Обама, исто така, (лажно) се тврдеше дека не е роден во САД.

Сето ова покажува дека првенствено жените се деградирани во сексуални објекти само затоа што се жени. На таканаречените „People of Color“ поинтензивно се гледа на семејното потекло или на образованието, само затоа што се „обоени“. Различните тврдења или лажните вести кои се шират за нив генерално имаат мала или никаква врска со овие лица.

Горенаведените примери се само врвот на ледениот брег. Има безброј други наративи кои суптилно сексистички или расистички се обидуваат, на пример, да ја дискредитираат или да ја прикажат Камала Харис како неспособна политичарка.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми