1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Што значат изборите во САД за Германија

Кристоф Хаселбах
1 ноември 2024

Без разлика дали на претседателските избори во САД ќе победи Камала Харис или Доналд Трамп, резултатот ќе има значително влијание врз Германија.

Камала Харис, Олаф Шолц и Доналд Трамп
Камала Харис, Олаф Шолц и Доналд ТрампФотографија: Matt Rourke/Jens Krick/Andrew Harnik/Flashpic/AP Photo/picture alliance

Кога Џо Бајден во 2020 година победи на претседателските избори во САД против тогашниот претседател Доналд Трамп, во Берлин се почувствува олеснување. За разлика од Трамп,  Бајден беше сметан за трансатлантичар  од старата школа, додека Трамп го доживуваа како пречка и голем фактор за несигурност. Републиканецот Трамп сега сака да постигне реизбор, додека кандидатка на Демократите е актуелната потпретседателка Камала Харис. Таа е преферираниот кандидат на германската сојузна влада, која се надева на продолжување на блиските трансатлантски односи и мултилатерализмот. Но, и големо мнозинство од германското население е за Харис. Две третини од Германците кои на почетокот на месецов беа анкетирани од институтот Ипсос би сакале Харис да стане претседател, а само 12 проценти се за Доналд Трамп. Уште поекстремен беше резултатот од прашањето поставено за АРД во истражувањето на трендовите во Германија од почетокот на октомври, за тоа кој кандидат е поубедлив: 78 наспроти 8 проценти во корист на Камала Харис. Кои се најважните сфери во кои исходот од изборите е особено  релевантен за Германија?

Украина

Едно од најважните прашања за сојузната влада е што ќе се случи со поддршката за Украина, со оглед на тоа дека САД се убедливо најважниот испорачател на оружје и финансиер на Украина, а потоа следи Германија. Камала Харис никогаш не остави простор за сомнеж во однос на континуираната поддршка за Украина. Со оглед на руската агресија, САД „цврсто ќе стојат на страната на Украина и на нашите сојузници во НАТО“ рече Харис, и тоа „сѐ додека е потребно“ – како што и  канцеларот Шолц  често знае да формулира.

Камала Харис е за континуирана поддршка за Украина - средба со Володимир ЗеленскиФотографија: TOBIAS SCHWARZ/AFP/Getty Images

Доналд Трамп пак, сака да стави брз крај на војната, што веројатно би значело дека Украина ќе биде принудена да се откаже од големи делови од територијата окупирана од Русија. Но, како би изгледала политиката на САД во однос на Украина за време на евентуално владеење на Трамп „не знаеме“, вели за ДВ експертот за безбедност Нико Ланге. „Не може да кажеме дека ако победи Доналд Трамп, ќе ја продаде Украина. Особеност на Доналд Трамп е што тоа навистина не е предвидлив“, додава Ланге. Тој ја критикува и администрацијата на Бајден кога станува збор за  помошта за Украина,бидејќи според него била премногу бавна и премногу колеблива. „Се надевам дека Харис ќе отскокне на позитивен начин и дека не е заглавена во ментален затвор каков што впечаток неодамна остави администрацијата на Бајден во врска со оружјето со долг дострел и поканата за членство во НАТО, бидејќи овие работи ќе бидат потребни за навистина да се реши проблемот, а би било штета ако Харис не успее да отскокне во тој поглед“, заклучува Ланге.

НАТО и меѓународна безбедност

Харис се декларираше како силен поддржувач на мултилатералната соработка и  на НАТО.  „Јасно е дека Америка не може да се повлече во вакви несигурни времиња“, рече таа. Харис не сака да ги загрози глобалните алијанси на САД. Трамп, од друга страна, повеќе пати го поставуваше прашањето за смислата на постоењето на НАТО и од сојузниците бара пред сè да трошат повеќе пари за сопственате одбрана - па дури и го доведува во прашање пактот за помош меѓу членките на НАТО.

Прашање е дали и во каков обем САД ќе испорачуваат оружје на УкраинаФотографија: AP Photo/Efrem Lukatsky/picture alliance

За време на неговиот мандат од 2017 до 2021 година, тој своевремено се закани и дека ќе ги повлече американските војници од Германија. Нико Ланге предупредува да не се гледа само низ призмата на црно и бело и посочува дека „ако не ја гледаме само Украина, туку и европската безбедност како целина, тогаш секако има основа за претпоставката дека работите би биле малку полесни и попредвидливи за Европeјците, ако Харис ја добие претседателската функција. Но, мора и да се каже дека потребата Европeјците повеќе да се ангажираат за сопствената безбедност постои и во двата случаи и дека нема начин да се заобиколи“.

Економија и трговија

САД се еден од најважните трговски партнери на Германија. Секоја одлука на економско-политички план во Вашингтон има директно влијание врз германската економија. Во случај да победи на изборите, Трамп најави царина од 60 отсто за американскиот увоз од Кина и 20 отсто за увозот од остатокот од светот. Тоа би ги направило германските производи во САД значително поскапи, а особено засегнати би биле автомобилската и фармаколошката индустрија. Следствено на тоа, многу германски компании се плашат од можна победа на Трамп. Во анкета на Институтот за економски истражувања Ифо на околу две недели пред изборите, 44 проценти од анкетираните компании стравуваат од негативни ефекти во случај на претседателство на Трамп. Само 5 проценти се надеваат на позитивни ефекти, додека 51 процент не очекуваат никаква разлика. Само врз основа на најавените царини, германскиот извоз за САД би се намалил за речиси 15 проценти, предвидува постара студија на Ифо. Андреас Баур од институтот Ифо стравува дека даночните бариери може да имаат и индиректни последици за Германија. „Може да се претпостави дека кинеските трговски партнери ќе реагираат на ова“, вели Баур за ДВ, „и тоа е можеби најголемата грижа, дека ќе влеземе во спирала на ескалација што ќе доведе до трговска војна на глобално ниво“. Но, без разлика кој ќе победи на 5-ти ноември, германската економија не очекува либерализација на трговската политика на САД. Двајцата кандидати „играат на картата на зајакнување на домашната индустрија и сакаат да ги вратат работните места во преработувачката индустрија“, изјави неодамна претседателот на Сојузното здружение на германските индустрии, Зигфрид Русвурм.

Дали претстојат тешки денови за германските автомобилски производители на американскиот пазар?Фотографија: Erik Schelzig/AP Photo/picture alliance

Андреас Баур од Институтот Ифо го потврдува ова. „Се разбира дека постојат континуитети од Трамп до Бајден, а тоа особено се однесува на трговската политика во однос на Кина. Бајден ги задржа високите царини што Трамп ги воведе за кинескиот увоз, а и неодамна на пример ги зголеми за кинеските е-автомобили на над 100 проценти. Големата разлика меѓу Трамп и Харис е како ги гледаат сојузниците. Реториката на Трамп е јасна, се работи за САД контра другите. Во идна администрација со Харис пак, барем мојот впечаток е дека Владата е свесна оти на САД им се потребни сојузници“, вели тој.

Заштита на климата и енергија

Камала Харис во климатските промени гледа „егзистенцијална закана“ за човештвото. Како потпретседателка, таа го поддржа Законот во висина од повеќе милијарди долари донесен во 2022 година, за климата и социјалните услуги. При победа на Трамп пак, може да се очекува повлекување од меѓународните напори за заштита на климата. За сојузната германска влада на која каузата за климата ѝ е од особено значење, така ќе биде уште потешко на меѓународниот паркет да издејствува обврзувачки правила за ограничување на испуштањето на стакленички гасови. За време на изборната кампања, Трамп ја критикуваше енергетската политика на Германија и тврдеше дека по неуспешното исфрлање на фосилните горива, Германија се вратила на изградбата на електрани на јаглен, „по една електрана неделно“, што е измислица. Трамп и во минатото веќе неколку пати даваше слични изјави, меѓу другото на ТВ дуелот со Харис, по што реагираше германското Министерство за надворешни работи на платформата Х: „Ви се допаѓало или не, германскиот енергетски систем е целосно функционален, со повеќе од 50 проценти обновлива енергија“. Нуклеарните и централите за јаглен се гасат, наместо да се градат нови, посочија од Министерството и додадоа дека „јагленот ќе биде исклучен од мрежата најдоцна до 2038 година“.

Кон средината на октомври, непосредно пред изборите, Џо Бајден беше во кратка работна посета на Германија - и беше преплавен со почести и пофалби. Како ќе изгледа следната посета на американски претседател многу зависи од тоа кој наскоро ќе се всели во Белата куќа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми