Превозниците бараат преодно решение за влез во Шенген-зоната
16 февруари 2026
ЕУ и натаму нема решение за професионалните превозници од регионот, кои се соочуваат со сериозни проблеми поради примената на правилото 90/180 за влез во Шенген-зоната. Освен што се изложени на санкции, дел од возачите стравуваат дека од април би можеле целосно да останат без можност за работа и транзитирање низ Шенген-зоната.
Македонските превозници бараат преодно решение за спас од казните и „црните печати“ во пасошите. Од Министерството за транспорт се децидни дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно се работи за трајно решавање на проблемот, во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше ЕУ. Со неа се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци, како и можностите за друг вид визи.
Регионалните медиуми пренесуваат дека на последната средба во Брисел биле одбиени предлозите на земјите од Западен Балкан и транспортните здруженија, со кои се бараше компромис околу новите правила за престој на професионалните товарни возачи во ЕУ. Поради ова, се најавуваат нови протести и можни блокади на гранични премини и пристаништа.
Но, од македонското Министерство за транспорт оценуваат дека станува збор за шпекулации. Тие апелираа „да не се потпаѓа на секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, особено од соседните држави“.
„Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение“, велат од ресорното министерство со кое раководи Александар Николоски.
Макамтранс бара засилено лобирање и институционална поддршка
Од Асоцијацијата Макам-транс информираат дека презеле низа активности со цел надминување на проблемите што ги имаат македонските возачи во преодниот период. Испратени се официјални дописи до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со барање да се организира средба со амбасадорите на земјите членки на Шенген, до амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас, како и до претседателот на Комората за странски инвестиции, со цел да се обезбедат услови за непречено работење во ЕУ во согласност со Спогодбата за асоцијација и стабилизација од 2001 година.
Дополнително, кон амбасадите на земјите од Шенген-зоната се испратени барања за информации околу посебна виза за професионални возачи, со која би се овозможил подолг престој што важи во повеќе држави. Паралелно, до Делегацијата на Европската Унија во земјата е испратено барање за воспоставување преодно решение се додека не стапи во сила најавената нова ЕУ-стратегија за визи.
Од Асоцијацијата порачуваат: „Нашата цел е јасна — да се обезбеди непречено вршење на превозот согласно европските стандарди, без неправедни ограничувања и дискриминација врз професионалните возачи“.
Кои ќе бидат следните чекори?
Засега нема официјална најава за нови активности на македонските превозници, иако последиците од строгата примена на правилото 90/180 се сè понагласени. Само во февруари, десетици возачи се соочиле со санкции: дел биле депортирани, а дел добиле „црн печат“ и забрана за влез од неколку месеци до една година.
Превозниците бараат професионалните возачи да добијат посебна работна виза или документ за подолг престој во ЕУ, аргументирајќи дека тие не се туристи, туку носители на економските процеси и важен дел од европските синџири на снабдување. Потсетуваат и дека секој возач има важечки договор за работа, евидентирани даноци и целосна социјална документација во својата матична држава.
ЕУ останува на истиот став
Од европските институции повторуваат дека предложените решенија се несоодветни со шенгенските правила, и дека единствена опција засега е возачите да се приспособат на правилото 90 дена во 180 дена. Како алтернатива, можат да поднесат барање за долгорочна виза од една земја членка — но таа важи само за територијата на таа држава.
Според најавите, за две недели ќе се одржи нов состанок со ЕУ,на кој повторно ќе се отвори ова прашање.
Регионалните компании под притисок: расте бројот на депортации и забрани
Новите правила за престој предизвикаа сериозни реакции низ регионот. Превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ на крајот на јануари организираа координирани блокади на гранични премини, предупредувајќи дека строгата примена на шенгенските правила го загрозува нивното работење.
По четири дена, протестите беа прекинати, а сообраќајот нормализиран на сите клучни премини, вклучително и Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Овој чекор уследи по најавите од Европската комисија дека се подготвува нова визна стратегија, која треба да го реши проблемот со ограничувањето „90/180“ за професионалните возачи. Претходно и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека Брисел го прифатил македонскиот став и дека возачите ќе бидат третирани како професионалци под посебен режим.