Канада: Загинати и повредени по пукотница во училиште
11 февруари 2026
Неколку лица се убиени во вооружен напад во училиште во западната канадска покраина Британска Колумбија. Властите соопштија дека најмалку осум лица се убиени. Најмалку 25 лица се повредени, некои од нив се во животна опасност. Во училиштето е пронајдено и тело за кое се верува дека му припаѓа на осомничениот напаѓач. Според канадските медиуми, наводно станува збор за жена. Идентитетот сè уште не е официјално потврден. Според полициските информации, осомничената починала од самонанесени повреди. Подоцна две лица беа пронајдени мртви во една куќа. Полицијата претпоставува дека постои можна врска со инцидентот во училиштето.
Премиерот Карни го осуди нападот
Канадскиот премиер Марк Карни порача дека е „длабоко потресен“ од нападот и изрази сочувство до погодените и нивните семејства во првичната реакција на платформата X.
„Моите молитви и длабоко сочувство се за семејствата и пријателите кои изгубија сакани лица во овие грозоморни насилни напади.“
Канадскиот премиер исто така, барем привремено, ја откажа својата планирана посета на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ). Поради инцидентот, Карни „засега“ нема да патува, соопшти неговиот кабинет за агенцијата АФО. Карни планираше да биде во Минхен од среда до недела.
Мотивот сè уште е непознат
Пукањето се случило во вторникот околу 13:20 часот по локално време во градот Тамблер Риџ, во истоименото средно училиште. Кога пристигнале, полициските единици пронашле шест жртви и телото на осомничената. Две лица во животна опасност биле однесени со хеликоптер во болница; едно од нив починало за време на летот. Според полицијата, мотивот за нападот сè уште е непознат.
Полицијата неколку часа ги повикуваше жителите на областа да ги заклучат вратите и да не ги напуштаат своите домови или деловни објекти до понатамошно известување.
Тамблер Риџ се наоѓа околу 700 километри североисточно од Ванкувер. Според сопствените податоци, општината има околу 2.700 жители.