Мерц: Никогаш антисемитизам, никогаш омраза кон Израел
18 септември 2025
Канцеларот Фридрих Мерц предупреди од опасноста од растечкиот антисемитизам и категорично застана контра каква било омраза кон Израел. Мора да биде можно да се критикува израелската влада, рече Мерц во Берлин и посочи дека и самиот го сторил тоа. Канцеларот понатаму рече: „Нашата земја самата си нанесува душевна штета кога таквата критика станува изговор за омраза кон Евреите, или кога води дури до барања Сојузната република да му сврти грб на Израел.“
„Посебната одговорност на Германија“
Мерц експлицитно ја потврди посебната одговорност на Германија спрема Израел. Германската посветеност на постоењето и безбедноста на државата Израел е „непроменлив дел од нормативните фундаменти на нашиот Устав“, посочи тој.
Канцеларот Мерц во повеќе наврати го критикуваше постапувањето на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во војната против Хамас во Појасот Газа и го ограничи извозот на германска воена опрема во Израел. Но, канцеларот се изрази критички и исклучително разгневен од антисемитизмот во Германија. Од „варварскиот напад“ на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, антисемитизмот станува „погласен, поотворен, побезобразен, понасилен“, нагласи Мерц, кого тоа го ужасува и засрамува.
Тој се спротистави и на политичките обиди за нормализирање на антисемитската реторика во Германија. „Гласовите на оние кои ја забораваат историјата стануваат погласни“ во Бундестагот и во покраинските парламенти, рече тој, но не ја спомена експлицитно делумно десноекстремната партија Алтернатива за Германија (АфД).
Мерц држеше говор во Еврејскиот музеј во Берлин, на прославата организирана од Централниот совет на Евреите во Германија, на која присуствуваа околу илјада гости. Воедно беше одбележана 75-годишнината од постоењето на организацијата. Централниот совет е основан на 19 јули 1950 година во Франкфурт и се дефинира како политичко, општествено и верско претставничко тело на еврејските заедници ширум земјата. Моментално во Германија има 105 еврејски заедници.
Претседателот на Централниот совет, Јозеф Шустер, во поздравното обраќање предупреди од колебање на Германија во однос на Израел. „Солидарноста со Израел не смее да се релативизира. Таа не е надворешнополитичка опција, туку постојано нагласуван дел од нашиот државен резон“, нагласи Шустер.
Тој рече дека „за нас не се разбирливи“ сите одлуки од владата на Нетанјаху и дека и Евреи надвор од Израел имаат проблеми со изјавите на некои од министрите во владата на Нетанјаху. Тоа сепак никогаш не треба да служи како оправдување за Германија да му сврти грб на Израел или да ја намали поддршката за земјата. „Има причина зошто тоа го нарекуваме државен резон, а не владин резон“, посочи Шустер. Егзистенцијата на Израел, според него, е под долгорочна закана.
„За Евреите станува сè понепријатно“
71-годишниот Шустер рече дека е реалност тоа што антисемитизмот, кој отсекогаш бил вкоренет во екстремните маргини, „навлезе директно до средиштето на нашето општество. За Евреите станува сè понепријатно“. Антисемитизмот е сè поочигледен не само во насилни инциденти, туку и во секојдневниот живот, вели Шустер. Честопати искажуваното „никогаш повеќе“ кое се подразбираше, мора сериозно да се преиспита, побара тој.
Мерц уште во понеделникот (15.09), во многу емотивен говор при повторното отворање на синагога во Минхен, која во голема мера била уништена од нацистите во 1938 година, зборуваше за еврејскиот живот во Германија.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик