Трамп ја нападна Европа, Мерц во Бундестагот молчи
25 септември 2025
Кога во Бундестагот се дебатира буџетот на владата, вообичаено е да има општа дебата. Па така беше и во средата во Берлин. На агендата во Бундестагот е буџетот, а нацртот за 2026 година треба допрва да биде одобрен. Се разговара за генералната политика во Германија, за расположението во земјата, за грижите, стравовите и на луѓето и на што се надеваат тие. Ситуацијата не е добра - тоа се чувствува во сите говори во Бундестагот. Економијата стагнира, инфраструктурата пропаѓа, како на пример железничката, бирократијата парализира. А, глобалната ситуација придонесува за голема неизвесност. Само неколку часа пред дебатата, американскиот претседател Доналд Трамп вербално ги нападна западните демократии пред Генералното собрание на ОН во Њујорк. Тој ги критикуваше политиките за миграција, меѓународните договори и институции. Во Германија пак, две актуелни анкети спроведени од институтите Форса и Инса укажуваат на тоа дека во делови десно-екстремната Алтернатива за Германија (AфД) е моментално најсилна политичка опција.
Молк од Мерц за меѓународните жаришта
Мерц во својот говор не го спомена Трамп експлицитно. Тој и генерално едвај ја споменанадворешната политика и покрај фактот дека особено во првите неколку недели како канцелар речиси исклучиво се наоѓаше на меѓународната сцена. Сега се ограничи на неколку реченици. „Како земја се наоѓаме во една од најпредизвикувачките фази од нашата понова историја. Свет без правила ѝ наштетува и на нашата економија, а со тоа и на нашата способност да ги финансираме сите проекти што сакаме да ги финансираме“, рече Мерц.
Ни збор не кажа во врска со фактот дека сè повеќе земји ја признаваат палестинската држава, но Германија не го презема таквиот чекор. Ни збор за Украина, која се соочува со сè пожестоки напади од Русија. И ниту збор за заканите од беспилотни летала врз инфраструктурата на европските аеродроми во изминатите денови, зад кои многу аналитичари веруваат дека се крие Русија.
Зелените: Трамп го доведува во прашање сиот поредок
Кога веќе Фридрих Мерц не спомена ништо во врска со настаните од изминатите денови, наместо него тоа прашање го адресира претседателката на пратеничката група на опозициските Зелени, Брита Хаселман. Таа критикува што Мерц останал во Берлин, наместо да отпатува во Њујорк за да заземе став контра говорот на Трамп пред ОН. „Меѓународната заедница вчера трпеше еден час навреди од Доналд Трамп.
Откажување на меѓународни договори. Отфрлање на меѓународните договори. Негирање на климатските промени. Мултилатерализам, одговорност за глобалниот југ. Сè е доведено во прашање“, рече Хаселман.
Мерц: „Можам да го поднесам тоа"
Во парламентот атмосферата е толку вжештена што претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер (ЦДУ) интервенираше за време на говорот на Мерц. Таа на присутните им порача дека е „доста довикување, мислам дека од почит треба да се сослуша говорникот.“ Но, Мерц изненадувачки со репликата: „Ви благодарам многу. Но, искрено речено, можам да го поднесам тоа." Потоа Мерц стана поборбен и зборуваше за тешките социјални реформи што претстојат во земјата, за економијата, која едвај расте. Неодамна се сретнал со претставници на компании и на синдикати, со претставници на занаетчиите. „Сите тие се многу загрижени за идните перспективи на нивните компании, како и за работните места“, рече Мерц. Претходната влада, составена од СПД, Зелените и Либералите ги преоптоварила луѓето особено во делот на заштита на климата, рече Мерц и налутено покажува со прст кон Зелените, додавајќи дека „заштитата на климата што ја загрозува или дури ја уништува индустриската основа на нашата земја и благосостојбата, не наидува на прифаќање од населението.“
АфД со повторна понуда до канцеларот
Заштитата на климата навистина во Германија стана прашање што раздразнува. Исто како и миграцијата, која десните популисти од АфД ја отфрлаат. Шефот на нивната парламентарна група, Тино Хрупала, најде начин да отфрли и каква било форма на миграција во буџетот. Обраќајќи му се на Мерц, тој рече дека „особено по прашањето за миграцијата, вие бегате од конфликт со сите други пратенички групи во Бундестагот. А, тоа предизвикува една по една загуба бидејќи трошоците за миграција се првенствено трошоци за социјалната држава.“ Ко-претседателката на АфД, Алис Вајдел потоа ја наслика состојбата како земја на работ од бездна, земја на банкроти и иселувања. „Очајни семејства, пропаднати соништа за еден живот. Куќи што веќе не може да се отплатат“, рече таа, но заедно со Хрупала му понудија на Мерц соработка со нивната партија - и во Бундестагот, каде што Мерц отфрла таква можност.
Расте незадоволството од владата
Очигледно е дека канцеларот во моментов сака повеќе да се фокусира на внатрешната политика, иако повтори дека надворешната и внатрешната политика сè помалку може да се раздвојат. Тој сосем свесно се откажа од патувањето во Њујорк заради неговиот говор за претстојните реформи на социјалниот систем, особено во однос на социјалната помош и пензиите на граѓаните. Сигурно една од причините е и тоа што сите анкети укажуваат на големо незадоволство на граѓаните од политиките на новата влада, особено на домашен план.