Мерц бара енергија и соработка во Заливот
4 февруари 2026
Канцеларот Фридрих Мерц во рок од само 72 часа ќе посети три држави од Заливскиот регион – Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати – обидувајќи се да воспостави нови „стратешки партнерства“. Потребата за нови сојузништва повторно стана акутна, бидејќи традиционалната блискост со САД станува сè понесигурна.
Зошто Заливот стана клучен за Берлин
Зголемената дипломатска активност на Берлин е видлива уште на аеродромите во главните градови на регионот. Само во последните денови таму престојуваа повеќемина германски министри: министерот за животна средина Карстен Шнајдер (СПД), а веднаш потоа и министерката за економија Катерина Рајхе (ЦДУ). Таа отворено ја објасни причината:
„Кога партнерства на кои со децении сте се потпирале почнуваат да стануваат кревки, мора да барате нови партнери“ – особено во енергетски и одбранбени проекти.
Токму тоа е и задачата на патувањето на Фридрих Мерц од 2 до 4 февруари. Посетите на Саудиска Арабија, Катар и Емиратите имаат за цел да создадат посилни економски врски и долгорочни, стабилни договори во време кога Европа – а со тоа и Германија – не може повеќе целосно да се потпре на својот досега најважен сојузник, САД.
По Индија и пред Кина – Германија брза по нови сојузи
Во кабинетот на канцеларот зборуваат за „нови стратешки партнерства“. Мерц веќе ја посети Индија на почетокот од годината, а според планот веќе крајот на февруари треба да патува и во Кина. Посетата на Заливот, сместена меѓу овие две патувања, ја покажува јасната насока на германската дипломатија.
Клучниот збор кога станува збор за односите со државите од Заливот е енергија. Децении наназад тие беа главни добавувачи на нафта, а по руската инвазија врз Украина значењето на гасот драстично порасна. Уделот на рускиот гас во ЕУ речиси исчезна, додека Германија денес околу 10 проценти од вкупната потрошувачка ја задоволува со течен гас (ЛНГ). Во 2024 година, 30 проценти од тој ЛНГ доаѓаше од САД – удел што Берлин би сакал да го намали доколку Саудиска Арабија и Катар ја зголемат продажбата.
Повеќе ЛНГ за Германија, повеќе оружје за регионот
Главната дописничка на ДВ, Михаела Кифнер, која го придружува Мерц на патувањето, нагласува:
„Моментално Вашингтон е најважниот снабдувач на ЛНГ за Европа. Ако Европа не сака од зависноста од Русија да премине во целосна зависност од САД, повторно ќе ѝ требаат класичните енергетски извозници од Блискиот Исток. Тоа веројатно ќе значи и повеликодушен пристап кон извозот на оружје.“
Германската влада пред патувањето не сакаше да коментира конкретни одбранбени проекти. Но познато е дека Саудиска Арабија и Катар покажале интерес за транспортниот авион A400M на „Ербас“. Во енергетскиот сектор, пак, претходните планови пропаднаа затоа што Катар инсистираше на долгорочни договори, а Германија сакала пократки. Сега, велат од владата, Берлин е подготвен да направи отстапки.
Човекови права – тема што не може да се избегне
Мерц патува со голема економска делегација, но новинарите во Берлин очекуваат и јасен став за состојбата со човековите права. Портпаролот на владата, Штефан Корнелиус, изјави:
„Состојбата со човековите права е различна во секоја земја. Во Саудиска Арабија сведочиме за реформски курс со општествено и културно отворање, што донесе одредени подобрувања за жените. Но останува уште многу да се направи.“
„Одборот за мир“ на Трамп и регионалните тензии
Во заднина се и високите тензии поврзани со масовните протести во Иран. Неизвесно е дали САД ќе интервенираат во полза на опозицијата за да го урнат режимот на ајатоласите. Ситуацијата дополнително се комплицира со војната во Газа и политиката на САД, која многумина ја оценуваат како неостварлива.
Последно, Израел остро реагираше на одлуката Катар да биде дел од новиот „Одбор за мир“ на американскиот претседател, замислен како алтернатива на ОН. Германија гледа малку корист од овој формат. Корнелиус само рече:
„Составот на тоа тело подлежи на критериуми врз кои ние немаме контрола.
Тој не беше многу детален ни во врска со односите меѓу Израел и Катар: „Тоа се односи меѓу држави што Германија нема да ги коментира.“
Овој пример, велат експертите, покажува колку чувствителен останува регионот за германската политика и колку внимателно ќе се следи секоја изјава на канцеларот – и покрај фокусот врз економската соработка.