Канцеларот во Бундестагот: изборната кампања во полн ек
5 декември 2024Дали се во прашање анкетите кои покажуваат дека социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц се од неодамна во благ пораст? Истражувањето на институтот Инса од средата покажува дека Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Шолц ужива 16 проценти поддршка од гласачите. Или можеби се работеше за тоа дека шефот на германската влада не мора да зборува од говорницата во Бундестагот, туку од своето место во владината клупа?
Во секој случај Шолц беше во својел елемент во играта со прашања и одговори што се одвиваше во Бундестагот. На прашањата на пратениците одговараше со самоуверен глас и агресивно. На прашање на парламентарец од Либерално-демократската партија (ФДП) за испорака на оружје за Украина, одговори дека „Вие сте прилично храбар за некој што припаѓа на партија која мора да се бори за да го премине прагот од пет проценти“.
Либералите беа причина за тешката владина криза што доведе до тоа Шолц да ја води земјата во малцинска влада - заедно со Зелените. Затоа граѓаните на Германија во февруари 2025 година треба да изберат нов состав на Бундестагот. Пред околу еден месец Либералите ја напуштија владината коалиција составена од СПД, Зелените и ФДП и сега се бори за опстанок.
Олаф Шолц пак, се бори за својата позиција, очигледно со задоволство. На почетокот на времето за прашања, канцеларот има осум минути воведен збор. Шолц ги искористи за да извести за неговата посета на Украина кон почетокот на неделата и нагласи дека поддршката на Германија за нападнатите Украинци нема да се намали.
Сè уште нема ракети со долг дострел за Украина
Шолц рече дека се сретнал со украинскиот претседател Зеленски седумнаесет пати откако ја презелфункцијата канцелар и додаде дека Германија испорачала оружје и примила многу бегалци. Но, исто така нагласува дека како канцелар нема да испорачува ракети со долг дострел кои може да погодат цели во Русија. Ова очигледно треба да биде важно мото во предизборната кампања: бидете смирени, избегнете вовлекување на Германија и НАТО во војната.
Но, дали неговата министерка за надворешни работи, Аналена Бербок од Зелените не спомена можно учество на германски војници во мировната мисија во Украина во иднина, прашува еден од пратениците и не успева да го извади канцеларот од такт. Бербок бвеше прашана за таква можност на прес-конференција, вели канцеларот и појаснува дека „таа се обиде да не каже да, ниту не. Тоа беше прашање на кое се обиде да даде дипломатски одговор. Мислам дека е исклучено во актуелнава ситуација испраќаме војници во Украина“.
Шолц потоа ги повика сите партии во Бундестагот да се вклучат во важни проекти пред изборите и покрај жестоката меѓупартиска борба која веќе започна заради изборите. „Времето на предизборна кампања не е време за застој. Уште има нешта што може да се довршат. Ве молиме придружете се вопроцесот“, рече Шолц во пленарната сала, потоа набројувајќи за кои закони станува збор: олеснувања за граѓаните во однос на данокот на доход, зголемување на парите за секое дете и продолжување на субвенционирањето на евтиниот германски билет за јавен превоз. Овие изјави на канцеларот не укажуваат на тоа дека се помирил со крајот на мандатот.
Во моментов има мали шанси за реизбор на Шолц
Но, во моментов со оглед на проектите кои сѐ уште се можни, Шолц всушност може само да апелирадо претставниците на другите партии бидејќи неговата влада веќе нема парламентарно мнозинство. Повеќе од неизвесно е дали ќе може да остане на функцијата и по изборите во февруари. Конзервативците од ЦДУ/ЦСУ убедливо водат на анкетите и моментално уживаат поддршка од 32 до 34 отсто од гласачите.
Социјалдемократите на Шолц сега се вратија на околу 16 отсто, но неодамна беа во уште полоша позиција, според анкетата на јавниот радиодифузен сервис АРД. Во моментов Шолц тешко може да ги оправда своите амбиции да остане на канцеларската функција.
Дали можеби ова е причината што канцеларот беше малку збунет околу некои прашања, како во моментот кога демохристијанката Јулија Клекнер му постави прашање за ситуацијата во Јужна Кореја, по што се покажа дека Шолц всушност не знае дека таму воената состојба, која корејскиот претседател ја воведе од внатрешно-политички причини, беше укината од страна на Парламентот во Сеул уште пред неговиот говор во Бундестагот.
Пратенички прашања за канцеларот по желба на СПД
Вкрстеното испрашување кое Шолц го заврши по 70 минути, беше воведено пред неколку години, првенствено по барање на Социјалдемократите. Во 2017 година, партијата на актуелниот канцелар се пожали дека често долгите и невозбудливи владини извештаи на тогашната канцеларка Ангела Меркел не доведуваат до вистински дебати во Бундестагот.
Пратениците со завист гледаа кон Лондон, каде премиерот и опозицијата често имаат страсни и контроверзни дебати во Долниот дом. Такво нешто сакаа и Социјалдемократите, тогаш помал коалициски партнер во владата на Меркел. Канцеларката на почетокот беше скептична, но попушти. Од тогаш, канцеларот три пати годишно во парламентот одговара на прашањата на пратеници, со тоа што годинава ритуалот се поклопува со предизборната кампања.