1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатурите за еврокомесари низ скенерот „Македонија“

29 август 2024

Коментарите за дел од предложените кандидати за еврокомесари во соседните земји, не поминаа без дискусија за нивното поведение кон Северна Македонија.

Северна Македонија соседни земји карта

Кој ги заштитил националните интереси во однос на РСМ, а кој не? И ова е едно од прашањата низ кое во соседна Бугарија се мери кредибилноста на имињата на кандидатите кои партиите ги предложија зе еврокомесари во идниот состав на Европската комисија.

На темата „Северна Македонија“ почна да се прави споредба меѓу патриотските квалификации на две од кандидатките за евромесари – поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева предложена од ГЕРБ и Велислава Петрова, кандидатката на „Има таков народ“ (ИТН).

Велислава Петрова е доктор по биолошки науки и со политичко искуство во владата на Кирил Петков, кога во неа колициски партнер беше ИТН. За нејзината кандидатура на социјалните мрежи се огласи лидерот на ИТН, Слави Трифонов.

„Имам прашање. Можете ли така, веднаш да кажете што точно направиле бугарските еврокомесари досега за Бугарија? Едвај. А тоа е така, затоа што таму главно одеа луѓе без потребното образование, без потребното искуство и без потребниот морал“, коментира Трифонов.

Презентирајќи ја детално образовната и работна биографија на нивната кандидатка за еврокомесарка, тој потсетува дека во 2022-2023 година, д-р Велислава Петрова била заменик министер за надворешни работи и претставник на МНР во преговорите со Европската комисија за прашања поврзани со проширувањето на Европската унија.

„Исклучително важно е да се напомене, дека додека беше заменик-министерка за надворешни работи, д-р Велислава Петрова ниту еднаш не ги предаде бугарските национални интереси на темата за паѓање на ветото пред Северна Македонија. Благодарение на нејзината цврстина и патриотизам, европските претставници и многу од нашите овластени родоотстапници беа принудени да се откажат од својата првобитна безусловна и наведена позиција на оваа тема“, пишува Трифонов.

Поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева е предложена за еврокомесарка од страна на ГЕРБФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Опстојување на националниот интерес

И сопартиецот на Трифонов, Станислав Балабанов, главно по прашањето за РСМ направи компарација меѓу кандидатката на ГЕРБ и на ИТН.

„Оваа личност, овој кандидат треба на прво места да ја претставува Бугарија, а не теснопартиските интереси на некој политички лидер, што меѓу другото е случај во ГЕРБ со Екатерина Захариева",  коментира Балабанов.

Тој потенцира дека кандидатката предложена од ИТН не е теснопартиски кадар.

„Велислава Петрова работеше во ОН, во Светска банка, беше заменик министер за надворешни работи во кабинетот ‘Петков'. Меѓу другото, таа до последно опстои на бугарскиот национален интерес во однос на Северна Македонија, додека г-ѓа Захариева удобно го притисна копчето во парламентот заедно со ГЕРБ за паѓање на ветото", вели Балабанов.

Амбасадори или еврокомесари?

На кого треба да му служат еврокомесарите – на европската политика или исклучиво на националните интереси на земјите кои ги кандидирале – е прашањето што се поставува во тамошната јавност.

„Ангели не постојат, но не треба ни да се претерува", вели за БНР новинарот Георги Готев од Еурактив Бугарија.

„Се разбира, европскиот комесар не е амбасадор на Бугарија. Бугарија си има амбсадор во ЕУ и тоа е сосема различна функција. Се работи за Бугарин кој е во самото управување на европската машина“, ја објаснува Готев илустративно функцијата еврокомесар.

Прашање во Бугарија: На кого треба да му служат еврокомесарите – на европската политика или исклучиво на националните интереси на земјите кои ги кандидирале?Фотографија: picture-alliance/dpa

Тој посочува дека еврокомесарот е најдобриот информиран претставник на соодветната држава за европските политики, и може да ја информира земјата за тоа, за да се подготвува за политиките што се важни за неа.

„Ако сакаме да имаме одреден ресор, мора да испратиме кандидат со соодветната квалификација. Во Бугарија има подготвени луѓе за еврокомесар, но од политичките сили излегуваат чудни имиња. Многу е чудно зошто ГЕРБ ја пренебрегнува својата сегашна комесарка Илијана Иванова“, прашува Готев.

Иванова е еврокомесарка за ресорот Иновации, истражувања, култура и млади, а на таа позиција дојде лани, кога претходната еврокомесарка Марија Габриел беше избрана за вицепремиерка на Булгарија. Готев изразува стравување сега да не се повтори случајот со некогашната неуспешна кандидатура на Румјана Желева. И во случајот повторно се спомнува Македонија.

„Екатерина Захариева ми наликува на таа неуспешна бугарска кандидатура (...) Не сум сигурен дека ќе издржи во Европскиот парламент. Освен тоа, таа има и некакви костури во плакарот - беше многу блиска со ВМРО во период кога оваа партија под маса продаваше пасоши во Македонија (...) Не ни треба втора Румјана Желева“, вели Готев.

Во медиумските архиви може да се најдат податоци дека во 2010 година Желева наишла на сомневање за подгответност за функцијата еврокмесар, не само поради сомневања во нејзината компетентност, туку и поради гласините за врски со мафијата.

Акцент на северна Грција

На почетокот на август Грција објави дека го номинира Апостолос Цицикостас, гувернер на Централна Македонија, за следен еврокомесар на земјата.

„Изборот на Цицикостас е избор со политички карактеристики кои ја нагласуваат важноста на Македонија и Северна Грција за Европа, како регион со стратешка местоположба, меѓусебна поврзаност и геополитичка важност како за Балканот и Југоисточна Европа, така и за Европа во целина, бидејќи тоа е источниот крај на Медитеранот“, рече за номинацијата Павлос Маринакис, портпарол на грчката влада. Во медиумските анализи тоа се толкуваше како намера на премиерот да стави акцент на северна Грција и поради резултатот од европските избори, каде владејачката партија Нова демократија забележа загуби и зајакнување на малите екстремно десничарски партии.

На оваа кандидатура неодамна се осврна и „Политико“, потсетувајќи дека Цицикостас е политичар кој со години се противел на договорот меѓу Грција и Северна Македонија со кој се реши спорот со името на земјата и водел собири против договорот.

Иако со текот на годините ставот на Цицикостас омекнал и тој сега вели дека неговиот став е на линија со грчката влада и дека договорот од Преспа има многу проблематични точки, но е обврзувачки за двете земји, според „Политико“, токму поради неговите поранешни ставови е непознато како тој ќе одговори на одредени прашања за спорот со името на сослушувањето во Европскиот парламент.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми