1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Каптагон се враќа во Германија

11 мај 2024

Психоактивната супстанција каптагон е создадена многу одамна во Германија - како лек. Одамна е забранет, но масовно се произведува во Сирија.

дрога
Голема заплена во Италија во 2020 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Garofalo

Германските цариници во близина на Ахен неодамна пронајдоа товар со каптагон тежок триста килограми. Тој товар со дрога на црниот пазар вреди околу шеесет милиони евра. Ова е најголемата заплена на каптагон во Германија.

Каптагон, познат и како „кокаин на сиромашните“, е една од дрогите што ја користат младите луѓе ширум Блискиот Исток и Северна Африка. Некогаш се издаваше како лек, но потоа каптагон стана нелегален во повеќето земји во 1986 година и беше повлечен од медицинска употреба.

Сепак, недозволена верзија на дрогата повторно се појави во Источна Европа и Блискиот Исток на почетокот на милениумот.

Што е всушност каптагон?

Каптагон е името на психоактивен лек кој првично бил произведен во Германија, каде што лекарите главно го препишувале како лек за луѓе со дефицит на внимание.

Неговата употреба денес е сосема поинаква. Младите на Блискиот Исток најмногу го користат како дрога која се користи на забави. Има податоци дека оваа синтетичка дрога ја користат и војниците во војната во Сирија за да го намалат заморот и да ги подобрат борбените перформанси.

Бејрут: Дрога во портокалитеФотографија: ANWAR AMRO/AFP

Каптагон таблетата содржи фенитилин, синтетички амфетамин, кофеин, како и други стимуланси.

Дали создава зависност?

Неговите ефекти врз нервниот систем се слични на оние што ги произведува амфетаминот. Еуфорија, подобрени физички и ментални способности, како и зголемена будност.

Сепак, интензивната употреба носи ризик од проблеми со срцето и когнитивно оштетување. Исто така, создава ефект на зависност.

Главниот проблем е што некои од таблетите произведени во илегални лаборатории содржат големи количини фенитилин, синтетичка дрога од исто семејство како и амфетаминот.

Каде се произведува каптагонот?

Во текот на последната деценија, Сирија стана најголемиот производител и извозник на каптагон, поради што често се нарекува „нарко-држава“ на Блискиот Исток. Владата на Велика Британија проценува дека околу 80 отсто од светскиот каптагон се произведува во таа земја.

Популарноста на таа дрога во Сирија нагло се зголеми по бранот демонстрации во 2011 година како дел од т.н. „Арапска пролет“.

Многу светски медиуми јавуваат дека сириската фармацевтска индустрија ги олеснува сите фази на производство и шверц на каптагон. Сирискиот претседател Башар ал-Асад негира дека неговата влада остварува каков било вид профит од дрогата.

Многумина тврдат дека Каптагон станал економски спас за сириската влада, која е под меѓународни санкции од избувнувањето на војната во 2011 година. Се проценува дека само во 2021 година, трговијата со каптагон во Сирија достигнала вредност од 5,3 милијарди евра. Дрогата главно се извезува во земјите од Персискиот Залив скриена во производи како што се житарици и овошје.

Шест тони заробен каптагон беа изгорени во Ирак оваа годинаФотографија: Ameer Al-Mohammedawi/dpa/picture alliance

Каде се извезува целиот каптагон?

Иако сите земји во непосредна близина на Сирија имаат строги закони и строги казни за шверц на дрога, каптагон сѐ уште се шверцува во големи количини.

Една од земјите која е решена да застане на патот на илегалната трговија е Јордан. Министерот за надворешни работи на таа земја во јули минатата година изјави дека во последните две години биле запленети над 65 милиони таблети каптагон.

Главната причина за ваквите ефективни заплени е тоа што јорданската војска има политика „пукај да убиеш“ против шверцерите на дрога долж границата со Сирија.

Дали каптагонот се шири на други места?

Нема веродостојни статистички податоци за дистрибуцијата на каптагонот низ светот. Сепак, постои загриженост дека тој станува сѐ поголем проблем и во европските земји.

Извештај на Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дрога сугерира дека Европа може да стане клучна транзитна зона за каптагон наменет за Блискиот Исток.

Во периодот од 2018 до 2023 година, членките на Европската Унија заплениле околу 127 милиони таблети (1,7 тони). Повеќе од половина од таа сума беше запленета одеднаш во Италија во 2020 година. Со заплената во Германија, вкупната количина надмина два тона.

Дополнителен проблем е што каптагонот се произведува и во ЕУ, најмногу во нелегални лаборатории во Холандија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми