1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каран, близок соработник на Додик, победи на изборите во РС

ЖА / агенции
24 ноември 2025

Според прелиминарните официјални податоци, Синиша Каран од владејачката партија СНСД победи на предвремените претседателски избори во српскиот ентитет на Босна и Херцеговина, Република Српска. Опозицијата најави жалба.

Синиша Каран од владејачката партија СНСД и Милорад Додик
Синиша Каран од владејачката партија СНСД и близок соработник на Милорад Додик, победи на претседателските избори во српскиот ентитет на Босна и Херцеговина, Република СрпскаФотографија: Dragan Maksimović/DW

На претседателските предвремени избори во делот од Босна и Херцеговина со српско мнозинство, владиниот кандидат Синиша Каран е прелиминарно прогласен за победник. Тој се смета за близок соработник на соборениот лидер Милорад Додик. Опозицијата тврди дека имало изборни манипулации.

Според Централната изборна комисија, по пребројувањето на 93 проценти од гласачките места, тој освоил 50,9 проценти од гласовите. Кандидатот на опозицијата Бранко Блануша од СДС освоил 47,8 проценти.

Каран е близок до досегашниот претседател,  Милорад Додик,  кој, поради сепаратистички активности,  беше разрешен врз основа на судска одлука  и не можеше повторно да се кандидира.

Каран им се заблагодари на своите гласачи, а особено на својот политички ментор Додик: „Кога беше најтешко, српскиот народ победи. (...) Голема благодарност до Милорад Додик и сите пратеници кои ја бранеа Република Српска.“

Додик пак истакна дека победата на Каран ја покажува стабилноста на Република Српска и покрај „неповолните околности“.

Шеесет и тригодишниот Каран е професор по правни науки и, во времето на Додик, беше министер за наука и министер за внатрешни работи. Тој се сметаше за фаворит меѓу шест кандидати. Во кампањата, како и Додик, се претстави како борец исклучиво за српските интереси  во БиХ.

Поразениот Блануша за својот неуспех ги обвини нерасчистените нерегуларности. „Доколку немаше манипулации, вечерва би можел да прогласам победа“, изјави тој, според босанските медиуми. Неговата партија бара повторување на гласањето во три града, бидејќи, како што тврдат, таму се случила изборна кражба.

Во минатото, често имаше сомнежи за регуларноста на  изборите во Република Српска.

Право на глас на изборите имаа околу 1,2 милиони луѓе, а излезноста беше само околу 35 проценти, значително помала отколку во 2022 година, кога  изнесуваше 53 проценти.

Бидејќи ова беа вонредни избори, новиот претседател  е избран само за една година, до крајот на парламентарниот мандат. Гласањето се смета за  тест за парламентарните и претседателските избори во 2026 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми