1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Караваните ќе стивнат, избирачите ќе земат збор

17 октомври 2025

Исходот од изборната битка ќе ги одмери силите на партиите, а на некои партиски лидери може да им го потврди или да им го разниша легитимитетот

Митинг за локални избори во Македонија
Учесниците во изборите ги испраќаат последните пораки, ветувања и повици до избирачите во кампањата која завршува вечерва на полноќ Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Учесниците во изборите ги испраќаат последните пораки, ветувања и повици до избирачите во кампањата која завршува вечерва на полноќ и на 18 -ти октомври почнува изборниот молк кој ќе трае до денот на гласањето на  локалните избори,  19-ти октомври. Во партиските штабови се прават последните проекции - каде би можеле да го подобрат резултатот од претходните избори, каде би можело да има изненадувања во спротивна насока. Зад нив остана една прилично гласна кампања,  зовриена од високи тонови и меѓупартиски обвинувања.

„И оваа кампања не е поразлична од претходните“, оценува Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

„Иако станува збор за локални избори, она што ја одбележа кампањата е дека  доминираа национални теми  и  вербални препукувања,  и тоа што повидливи беа партиските лидери“, вели тој.

Она што според Кржаловски е различно, е што овојпат имало недостиг на поголем број анкети, а генералниот впечаток од објавените е дека ВМРО-ДПМНЕ е сигурен победник.

„Прашањето е само со колкава разлика ќе биде таа победа и со колку освоени градоначалнички места“, вели Кржаловски.

За СДСМ овие избори се и првиот реален лакмус дали партијата се консолидирала по историски најлошиот резултат што го доживеа на ланските парламентарни избори. Оттаму досега го избегнуваа одговорот колку градоначалнички места очекуваат, со куси оценки дека за успех ќе го сметаат надминувањето на резултатите од ланските избори, што значи дека успехот ќе се мери според тоа дали на листите за советници добиле повеќе или помалку од ланските околу 155 илјади гласови. Исходот од оваа изборна битка истовремено е важен и за легитимитетот на партискиот лидер, бидејќи во случај на послаби резултати нужно ќе отвори дебата за промени во врвот на партијата.

Неизвесно во албанскиот блок

Додека за учинокот во македонскиот блок партии ситуацијата е речиси предвидлива, во албанскиот блок е прилично неизвесно. Во Националната алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ, локалните избори во старт ги прогласија за „историски референдум“. Очекуваните резултати ги доживуваат како понтонски мост од кој очекуваат да го скрати патот и времето за враќање на ДУИ во централната власт, преку  притисок за предвремени парламентарни избори, доколку легитимитетот го потврдат на локално ниво со повеќе гласови на советничките листи.

Од ВРЕДИ повторуваат дека тие се и остануваат легитимни претставници на Албанците во власта и посочуваат дека е важен и бројот на добиени градоначалнички места. Освен Чаир, жестока ќе биде и битката за Тетово, Кичево, Струга, Дебар и некои помали општини.

Најжестока битка се очекува во Чаир, поради директниот „дуел“ меѓу  Бујар Османи  од ДУИ и вицепремиерот Изет Меџити од ВРЕДИФотографија: Petr Stojanovski/DW

„По наративот на  ДУИ за нелегитимитет на албанските партии во власта, ДУИ на локалните избори ќе се обиде да го докаже тоа, за да може да продолжи со наративот за потреба од предвремени парламентарни избори“, посочува Кржаловски.

Најжестока битка се очекува во Чаир, заради директниот „дуел“ меѓу  Бујар Османи  од ДУИ и вицепремиерот Изет Меџити од ВРЕДИ -изборна трка која е издигната на ниво на „да се биде или не“. Токму „големите влогови“ во овие избори, особено за ДУИ, според Кржаловски, даваат простор за загриженост од евентуални инциденти на самиот изборен ден или во деновите потоа.

Пораки за мобилизација

Од последните митинзи пред кампањата стигнуваат бројни пораки за мобилизација на гласачите. Претседателот на СДСМ,  Венко Филипче,  во пресрет на гласањето порача дека борбата на  СДСМ е многу повеќе од политичка - таа е борба за достоинство, правда и за враќање на државата во рацете на народот.

„Во недела излезете масовно на гласање и осигурајте се дека иднината на општините, на државата, е сигурна, со луѓето што работат чесно, се грижат за секого и градат за сите и во секое населено место“, порача тој од трибината во општина Чучер Сандево.

Претседателот на СДСМ,  Венко Филипче: Борбата на  СДСМ е многу повеќе од политичка - таа е борба за достоинство, правда и за враќање на државата во рацете на народотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Критикува дека Мицкоски нема волја за реформа на судството, а неговиот  патриотизам со навреди и поделби  не може да донесе ништо добро.

„Власта на ВМРО-ДПМНЕ ја турка државата назад – во изолација, хаос и страв. Тие не нудат визија, нема иднина, го нудат минато. Го партизираат секој систем, ги злоупотребуваат институциите, ги забораваат граѓаните. Наместо ред и развој, ароганција, луксуз, корупција“, рече Филипче.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на крајот од од митингот во Гази Баба се обрати до неопределените и други гласачи.

„Седењето настрана ќе им помогне на оние кои ја сакаат Македонија слаба, понижена, подложна на секакви влијанија, кои сакаат да ја држат државата уценета поради лични причини и кариери. Гласајте за луѓе кои нудат иднини и за кои знаете дека ќе градат и ќе работат“, рече  Христијан Мицкоски.

Директно се обрати и до гласачите на СДСМ.

„Вашата партија стана средиште на бизнис и лични интереси. Слабиот СДСМ нема да го направите силен доколку го дадете гласот за СДСМ. Така нема да помогнете, напротив – ќе го легитимирате она што сега ова раководство на СДСМ претставува – збир на интриги и интереси. Немате потреба да сте сламката за спас на личните и политички кариери на ова раководство на СДСМ. Тие не се никаква иднина. Гласајте за развој“, порача тој.

На поддржувачите на помалите партии им предочи дека во тој политички спектар има секакви - и лукративни и богати елити скриени во руво на левичари кои глумат чесни испосници, а ниту се чесни ниту се испосници.

„Тие сакаат да ве излажат и измамат. Не го трошете вашиот глас на луѓе кои ќе ја изневерат вашата доверба“, рече Мицкоски, кој им се обрати и на разочараните со порака дека апатичноста е најголемиот сојузник на оние кои немаат добри намери кон државата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: Апатичноста е најголемиот сојузник на оние кои немаат добри намери кон државатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не им помагајте со седењето дома. Излезете, вашиот глас е одлучувачки“, повика претседателот на  ВМРО-ДПМНЕ.

Револуција на карактерот

Членот на Извршниот комитет и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Луке Галески, денеска објави подолго писмо под наслов „Отворено писмо до нашата генерација и изборот пред кој седиме“, во кое, меѓу другото, потенцира дека на луѓето никој не може да им ја одземе последната човечка слобода да го изберат својот став и својот пат.

„На генерацијата што ги преживеа деведесеттите, ги издржа разочарувањата од сите транзициски и посттранзициски илузии, и која денес стои на прагот меѓу замор и надеж, на мојата генерација, сакам да им порачам - време е за пресврт. Јас нема да останам во оваа работа ако гледам дека не оди и не можам повеќе, но се обидувам и ќе се обидувам да се борам! И мора да се бориме заедно. Не со револуции на улица, туку со револуција на карактерот. Да ја играме играта на политиката не како циници, или како некој што сака да злоупотреби за лични цели, туку како луѓе што знаат зошто веруваат. Да го направиме изборот, не мора за партија, туку за смисла (...) Ова е нашата земја. И никој нема да ни ја направи достоинствена ако не ја направиме ние. Ние, децата на транзицијата. Генерацијата што преживеа, но сега мора и да создаде. И знае дека треба да направи вистински избор“, напиша Галески.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми