Кариби: Колку Доналд Трамп ќе го ескалира конфликтот?
31 октомври 2025
Носачот на авиони „УСС Џералд Форд“ кој чини 13 милијарди американски долари, е најскапиот воен брод во светот. Гигантот долг повеќе од 330 метри и придружните бродови, по наредба на Доналд Трамп се упатија кон Карипското Море. Таму носачот на авиони со десетиците борбени авиони и хеликоптери, е засилување за бродовите и единиците што веќе се стационирани во регионот. Противници според официјални изјави се меѓународно активни картели за дрога кои својата шверцувана стока со бродови ја транспортираат во правец на САД. Трамп картелите неодамна ги нарече „ИСИС на западната хемисфера“. Од август САД во Карибите убија десетици лица без да обелоденат било какви докази за нивна вмешаност во трговијата со дрога. Кон крајот на октомври министерот за одбрана, Пит Хегсет, објави дека потопиле четири шверцерски бродови во источниот Пацифик, при што загинале 14 лица. Експертите за меѓународно право се сомневаат во легалноста на таквиот метод. Американскиот Конгрес пак, во голема мера му дава одврзани раце на Трамп - Републиканците во Сенатот блокираа нацрт закон на Демократите кои бараа законодавниот орган да има право на збор во врска со воени напади против картелите. „Ова е значителна концентрација“, вели Кристофер Хернандез-Рој за ДВ. Тој во рамки на тинк-тенкот Центар за стратешки и меѓународни студии се занимава со геополитиката на американскиот континент. „Веќе една генерација не сме виделе вакво нешто – а, како операција контра трговија со дрога е поголемо од сè што сме виделе досега“, вели тој.
Од таму е очигледен заклучокот дека армадата бродови не е таму само заради шверцерските бродови. Па така расте и нервозата јужно од Карибите.
Што навистина планира Трамп?
Богатата со нафта Венецуела, е особено во фокусот. САД долго време го критикуваат лидерот на земјата, Николас Мадуро, и заради изборна измама не ја признаваат неговата инаугурација од јануари годинава. Во август Трамп ја удвои наградата за главата на Мадуро на 50 милиони долари - двојно повеќе од сумата што на времето беше одредена за Осама бин Ладен. Според САД, Мадуро е на чело на нарко-картел во кој наводно се вклучени и делови од венецуелските вооружени сили.
САД во 20-тиот век предизвикаа неколку промени на режими во Латинска Америка, последно во Панама во 1989 година. Кон средината на октомври, Трамп одобри тајна операција на ЦИА во Венецуела, а некои од воените бродови имаа воени вежби во близина на островската држава Тринидад и Тобаго, односно речиси на прагот на Венецуела.
„Тука може да се претпостави дека администрацијата на Трамп има и политички причини надвор од борбата против дрогата за поставување ваква воена закана“, анализира за ДВ Саша Ломан, политиколог во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП). Јасно е дека димензиите ја надминуваат т.н. војна против дрогата, вели Ломан и додава дека „истовремено не е сосема јасно до кој степен се залагаат за отворена промена на режимот.“
Барем како спореден ефект, на Трамп сосем добро би му дошол пад на Мадуро, претпоставува Ломан. „Најголемиот фактор секако се ресурсите, како фосилните горива, така и други суровини потребни за натамошно интензивирање на технолошката трка, особено во однос на Кина“, аргументира Ломан. Имено, покрај нафта, Венецуела располага и со големи наоѓалишта на злато, железо, бауксит и колтан. Кон средината на октомври весникот „Њујорк тајмс“ известуваше дека Трамп ја отфрлил понудата од Мадуро за префериран пристап до ресурсите.
Како реагира Латинска Америка?
Мадуро ги обвини САД за „непријателска провокација на Венецуела и сериозна закана за мирот на Карибите“. Тој се претстави како гарант на мирот, но во друга прилика зборуваше и за „не помалку од 5 илјади“ ракети од краток дострел што ги поседува неговата армија. Мадуро нареди вежби за одбрана од инвазија на крајбрежјето. Густаво Петро, претседател на соседна Колумбија, од неодамна исто така се најде на списокот лица санкционирани од САД, Вашингтон го обвинува дека соработува со со нарко-картели. „Се сомневам дека латино-американските земји ќе имаат усогласена реакција“, вели Марсела Донадио, извршна секретарка на латиноамериканската безбедносно-одбранбена мрежа РЕСДАЛ. „Регионот не само што е поделен, туку секоја земја се бори и со многу интерни проблеми“, вели Донадио.
Бразил претпазливо се движи кон нов царински договор со САД. Трамп заради првостепената пресуда против претседателот Жаир Болсонаро за обид за државен удар, имаше бројни напади на сметка на бразилското судство и воведе високи казнени царини.
Донадио за ДВ вели оти во актуелната криза се надева на заедничка иницијатива за посредување од страна на силни држави како Чиле, Мексико и Бразил. „Внатрешните последици од можна интервенција во Венецуела би биле огромни - влада поставена од надворешен чинител не е најдоброто политичко решение, дури и ако опозицијата ја доби Нобеловата награда за мир“, вели Донадио. Таа алудира на Марија Корина Мачадо, опозициската лидерка која по сопствени наводи наградата сака да ја посвети на венецуелскиот народ - и на Доналд Трамп. Мачадо има особено моќен поддржувач во американската влада, во ликот на министерот за надворешни работи Марко Рубио.
Да тргне во војна и да остане „претседател на мирот“?
Се знае дека и самиот Трамп си ја посакува Нобеловата награда за мир. Освен тоа, слоганот „без недогледни војни“ е тесно поврзан со неговото движење МАГА. Може ли воопшто самопрогласениот „претседател на мирот“ Трамп политички да оправда такво воено распоредување?
Политикологот Ломан посочува на тоа дека активистот близок до Трамп, Чарли Кирк, кратко пред неговата смрт во септември, зборувал доста позитивно за засилувањето на силите во Карибите. „Тоа значи дека не е сосем јасно дали базата поддржувачи всушност го отфрла тоа“, вели Ломан, и додава „или барем ако не заглават на било каков начин со копнени трупи или други воени интервенции“. Во таборот на Трамп има поддршка за концептот на надворешна политика што се смета за нова верзија на доктрината Монро од 1823 година. Џејмс Монро, петтиот претседател на САД, тогаш на европските колонијални сили им ги декларираше хегемонистичките претензии за западната хемисфера, особено за американскиот двоен континент, Карибите и Гренланд. Годинава Гренланд веќе беше предмет на вербални закани од Трамп за негово освојување. Во свет што станува сѐ повеќе мултиполарен, некои од поддржувачите на Доналд Трамп го гледаат „Монро 2.0“ или „Донро“ како современ концепт за надворешната политика за САД. Од перспектива на Саша Ломан, „Донро“ опишува нов однос спрема соседите на САД. „Тука веќе не се работи за тоа странско влијание да се држи надвор од западната хемисфера, туку во речиси империјалистички стил, зголемување на влијанието на САД во западната хемисфера, особено во Латинска и Јужна Америка, како и за наградување на послушни политички лидери и казнување на оние кои се бунтуваат и критикуваат“, вели Ломан.