1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карма: Победникот во опозиција

22 мај 2024

ДУИ победи, но сепак, така како победник ќе оди во опозиција. Знам дека е тешко и знам дека боли. ВМРО тоа го почувствува на сопствената кожа. Пишува Никола Тодоров.

Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Сосема случајно се погоди моите редовни колумни кои излегуваат секоја втора среда, да треба да ги објавам на 24-ти април што се поклопуваше со првиот круг претседателски избори и на 8-ми мај што се поклопуваше со вториот круг претседателски и парламентарните избори. Заради политичка коректност, но и обврска да не го нарушам изборниот молк, за првпат го пропуштив мојот термин. Но, тоа ми овозможи да ги споредам изборните анализи кои ги имав објавено во моите претходни колумни.

Во колумната од средината на март оваа година, две недели пред почетокот на кампањата, насловена Што да очекуваме од изборите 2024, најпрво потенцирав дека не очекувам голема излезност во првиот круг на претседателски избори, односно очекувам излезност под 50%(што и се оствари), за на крај да констатирам дека „клучно е дали ВМРО во првиот круг на претседателски избори ќе има над 350 илјади гласови. Доколку ова се случи, се е решено и се ќе биде извесно во вториот круг“. Така и излезе, ВМРО во првиот круг имаше повеќе од 350 илјади гласови. Искрено, не очекував дека СДСМ ќе паднат под 220 илјади гласови. Но, се случи убедливо најлошата кампања на СДСМ, која како и што можеше да се претпостави се базираше главно на ЕУ картата.

„Убедливо најлошата предизборна кампања на СДСМ“Фотографија: P.Stojanovski /DW

Арогантна доминација на ДУИ

СДСМ не разбраа дека во овој момент, мнозинството граѓани не беа толку загрижени за нашиот европски пат, колку што беа резигнирани од арогантната доминација на ДУИ и подреденоста на СДСМ во однос на нив. СДСМ се самопонижи и тоа е помалиот проблем, поголемиот проблем е што етничките Македонци се почувствуваа погазени, неважни и безгласни во владата на СДСМ-ДУИ. Ова чувство го засили заканата на Али Ахмети од среде Скопје кон Мицкоски, која закана мнозинството македонци ја почувствуваа како закана кон сите. Капак на сето ова беа извиците на Ахмети - УЧК, УЧК од плоштадот Македонија. Тоа беше повик за акција на Македонците, ги разбуди, ги разгневи, практично ги натера да гласаат против СДСМ,  за да го казнат СДСМ, но уште поважно за да го бутнат ДУИ од власт, затоа што стана јасно дека гласот за СДСМ е глас за останување на ДУИ на власт. Ова не само што ги мотивираше гласачите, туку ги демотивираше дури и верните поддржувачи на СДСМ, кои од внатре го срушија СДСМ и го сведоа на 150 илјади гласови, што е нивни историски минимум

Како и што предвидов, ДУИ победи, но сепак, така како победник ќе оди во опозиција. Знам дека е тешко и знам дека боли. ВМРО тоа го почувствува на сопствената кожа. Токму ДУИ беа тие што нас од ВМРО, со победа и освоени над 455 илјади гласови, не испратија во брутално тешка опозиција. ДУИ беа тие кои рекоа, правилото победник со победник, повеќе не важи. И од тогаш до денес не важи. 

Изборни резултати: Европскиот фронт предводен од ДУИ оствари „јалова“ победа?Фотографија: Wahlkommission Nordmazedonien

Не одмазда, туку карма

Се сеќавам дека тогаш, главен изговор на ДУИ беше дека која и албанска партија да направи коалиција со ВМРО е осудена на пропаст. Епа сега е исто, само малку обратно. Која и македонска партија да направи коалиција со ДУИ е осудена на политичка пропаст. Албанците тогаш сакаа да го видат ВМРО во опозиција, македонците денес сакаат да го видат ДУИ во опозиција. Едноставно е, ама тешко е. Знаеме ние од искуство.

Некој од ДУИ можеби ќе си помисли дека ова е сега одмазда на ВМРО кон ДУИ. Не, не е.

Ова е карма. Повеќе е карма или предизвикана судбина, и затоа што еден од оние кои беше најгласен протагонист ДУИ да го напушти ова од нив поставено и побарано правило беше токму Изет Меџити. Се сеќавам дека тој како потпретседател на ДУИ во тоа време, додека чекавме ДУИ да ја донесе одлуката за коалиција, отиде во штабот на СДСМ и народски речено заедно со уште неколкумина, ја растурија работата и коалицијата. Ова доведе до погром во ВМРО, до малтретирање и понижување на една цела генерација политичари. Но, тоа е минато, а гледам дека сега истиот тој Изет Меџити, кој како функционер на ДУИ беше еден од оние кои го поништија правилото победник со победник, денес е еден од најголемите бенефитори од тоа. Не верувам дека имал план за ова уште од тогаш, па затоа велам дека целата оваа работа е повеќе карма. 

Прослава на изборната победа: Раководството на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Правилото победник со победник е минато

Карма е и затоа што ДУИ со својот однос кон својот партнер во владата го сруши СДСМ, а, не сакајќи, како резултат на нивната заслепеност од преголемата моќ која ја имаа, му помогнаа на ВМРО уште посилно да победи и со тоа ДУИ самата да се испрати во опозиција.

ВМРО има консолидирано 61 пратеник. Правилото победник со победник е минато и не важи. Албанската опозиција силно се доближи до ДУИ и освои над 100 илјади гласови. ВМРО доби историска шанса да ја промени оваа држава на подобро. Народот, би рекол плебисцитарно побара промена. Гласно и одлучно. Очекувањата се високи и ВМРО не смее да ги изневери. Наоружани со искуството од минатото, со добра програма и мотивирани тимови, очекувам силна и брза промена кон подобро. Четири години во политика се многу ако работиш од утро до вечер, но се малку ако онака лефтерно се поарчат, како што тоа СДСМ маестрално го направи.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми