Карневал во Рајнската област
20 февруари 2023
Првата голема карневалска поворка денеска (20.02) тргна во Келн - за првпат на десниот брег на Рајна, во населбата Дојц, поврзувајќи ги на тој начин двете страни на градот. Во другите градови, како Диселдорф, Мајнц и Бон, поворките започнаа малку подоцна.
Карневалот во Келн оваа година слави годишнина. Пред 200 години, на 10 февруари 1823 година, овде се одржа првата парада на Розенмонтаг.
Што е Розенмонтаг?
За потеклото на името Розенмонтаг има различни теории - една од нив вели дека името нема врска со розите, туку со глаголот „разен“, односно да се биде весел, смешен, палав. Според друго објаснување, пак, името датира од 19-ти век. Имено, во 1823-та година во Келн е основан „Комитет за фестивали“, кој имал за цел да донесе одредби за текот на карневалот. Генералното собрание на овој Комитет се одржувало секогаш во понеделник по третата недела. Оваа недела од 11-ти век наваму се нарекува и Розензонтаг, затоа што папата на тој ден осветувал една златна роза и ја предавал на личност со заслуги. Комитетот кој во понеделникот што следувал ја организирал поворката се нарекувал „Здружение Розенмонтаг“. Името прво се однесувало само на поворката, а потоа се пренесло и на целиот ден.
Порано во Рајнската област, вечерта на Розенмонтаг се отворале прозорците за ангелите да можат да земат нешто од оброците. Луѓето верувале дека постите на небото се држат многу строго и затоа сакале да им дадат можност на ангелите уште еднаш „добро да се најадат“ пред да почнат со долгите Велигденски пости.
Карневалистите ги исмеваат политичарите
Дел од големите карневалски поворки на Розентмонтаг и оваа година се познати личности, но и политичари, како министерот за внатрешни работи на покраината Сверна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл. Притоа, карневалистите не се ни малку нежни со политичарите.
На нивните карневалски коли годинава има пораки и мотиви кои на пример ги исмеваат рускиот претседател Путин, Брегзит, или лошата состојба на германската армија. Тема се и климатските протести, како и протестите во Иран, или договорот за гас склучен со Катар.