1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот парламент ги испитува новите комесари

Бернд Ригерт
4 ноември 2024

Европратениците од денеска ќе ги испитуваат новите еврокомесари. Секоја земја-членка испраќа по еден. Постои опција и да не се помине на испитот, но тоа ретко се случува.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по втор пат формира тимФотографија: Philipp von Ditfurth/dpa/picture alliance

Од овој понеделник до 12 ноември, 26 политичари во Брисел се ставени на испит. Европратениците ги испрашуваат кандидатите за членови на новата Европска Комисија, највисока функција во седиштето на Унијата со 38 илјади вработени. Секој од кандидатите три часа јавно одговара на прашања од осумте парламентарни групи. Дури откако пратениците на пленарната седница ќе дадат своја согласност за новиот состав во целост, Комисијата на ЕУ предводена од старо-новата претседателка, Урсула фон дер Лајен, може да започне со работа на 1 декември. Изборот на Фон дер Лајен како предлог на земјите-членки веќе беше потврден од страна на Европскиот парламент, па таа веќе не мора да се соочува со испрашување.

Какви прашања смее да се поставуваат?

Принципиелно може да се праша сè. Пратениците подготвуваат прашања за професионалната кариера, финансиските интереси, темните точки во биографијата, моралните и политички ставови, бидејќи целта е да се идентификуваат слабите точки на кандидатите. Се оценува и нивното однесување за време на испрашувањето од аспект на самодоверба, возбуденост, пелтечење или јасни изјави.

Испрашувањето се одвива според строги правила и со определено време за зборување. По испрашувањето, членовите на надлежната стручна комисија веднаш со двотретинско мнозинство одлучуваат дали тестот бил положен или не.

Дебела книга со 26-те кандидати за Комисијата на ЕУФотографија: Bernd Riegert/DW

Што ако кандидат потфрли?

Пратениците од матичната земја на неуспешниот кандидат бараат таа да испрати нов човек во Брисел. И тоа лице подоцна ќе биде подложено на тричасовно јавно испрашување. Од 2004 година, Европскиот парламент шестпати отфрлил апликанти како демонстрација на сила пред ЕК. Во 2004 година одбиен беше италијанскиот конзервативец Роко Бутиљоне кој хомосексуалците ги оквалификува не како „криминалци, туку како грешници“.

Во 2019 година, Французинката Силви Гулар падна на тестот поради нејзиниот етички спорен удел во американски тинк-тенк.

На „ражен“ во Брисел: на европратениците им е дозволено да „копаат“ длабоко со своите прашања до кандидатите за еврокомесариФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

Кои се овојпат несигурните кандидати?

Левичарските и либералните пратенички групи во парламентот особено се фокусирани на унгарскиот еврокомесар Оливер Вархеји, кој досега беше еврокомесар за проширување, а сега треба го преземе не многу важниот ресор за здравје и благосостојба на животните. Тој важи за лојален поддржувач на десноекстремниот унгарски премиер Виктор Орбан.

Трите деснопопулистички до десноекстремни групи во Европскиот парламент би можеле да се фокусираат на либералната белгиска кандидатка Хаџа Лахбиб.

Можен е неуспех и на бугарската кандидатка Екатерина Захариева. Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија дома е вмешана во скандал за продажба на бугарски државјанства.

Кандидатот од Малта исто така би можел да биде одбиен. Некои пратеници сметаат дека Глен Микалеф, шеф на кабинетот на премиерот на Малта, нема доволно политичко искуство за да ја исполнува улогата на еврокомесар за млади, култура и спорт.

Италијанскиот десноекстремен кандидат Рафаеле Фито најверојатно ќе се извлече. Парламентот ќе биде поостар во испрашувањето, но тешко дека ќе се осмели да го одбие преферираниот кандидат на премиерката Џорџа Мелони.

Влијателната Мелони секогаш се претставува како проевропска и успешно го отфрли својот постфашистички имиџ.

Силви Гулар на жешкото столче: Французинката беше исфрлена од парламентот на последните маратонски сослушувања во 2019 година (архивска фотографија)Фотографија: Reuters/F. Walschaerts

Каква улога во позадина игра Виктор Орбан?

Доколку Парламентот не го одобри унгарскиот кандидат, премиерот Виктор Орбан би можел да го одложи стапувањето на должност на новата ЕУ-управа за неколку недели или дури и месеци. Доколку во таков случај Орбан не испрати соодветен кандидат или испраќа други неадекватни кандидати во Брисел, ЕК нема да може да биде потврдена од Парламентот и да ја преземе функцијата бидејќи пратениците мора составот да го одобрат во целост.

Орбан важи за анти-ЕУ настроен и би можела да му се допадне улогата на блокирач. Тој одамна смета дека треба да има суштински промени во Брисел и ЕУ, бидејќи ЕК, според него, се однесува како Политбирото на поранешниот Советски Сојуз.

ЕУ во моментов задржува повеќе милијарди евра од буџетот на ЕУ наменети за Унгарија, бидејќи Виктор Орбан игнорира одлуки на Европскиот суд на правдата и автократски ја реформира својата земја.

Опомена за Орбан? Оливер Вархеји, еврокомесарот од Унгарија, можеби ќе треба да си оди домаФотографија: JOHN THYS/AFP

Што е ново во новата Комисија?

Претседателката Урсула фон дер Лајен излезе со нови насоки за нејзиниот втор мандат. Акцентот сега е помалку на чиста борба против климатски промени, а повеќе на зацврстување на европската економија во транзицијата кон климатско неутрално производство. Нови се ресорите за одбрана, заштита на животните и изградба на станбен простор и Медитеран. Медитеранот? Да, токму хрватската комесарка Дубравка Суица треба да се грижи за земјите од јужниот брег од Северна Африка за да се прошири заедничкиот економски и безбедносен простор со ЕУ. За рибите, океаните и туризмот се одговорни други комесари.

И на крајот - колку всушност заработува еден еврокомесар?

Позицијата на еврокомесар е лукративна. Изложувањето на стресот од испрашувањето се исплаќа, бидејќи основната плата е околу 26 илјади евра бруто месечно.

Претседателот на Комисијата заработува 31.800 евра без надоместоци. За споредба: германскиот канцелар Олаф Шолц заработува околу 32 илјади евра месечно, но со додатоци.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми