1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катар ја обвинува Германија за двоен морал

Сузане Ајкенфондер
7 ноември 2022

Раководството на Катар е налутено поради критиките од германската влада. Во интервју за ФАЦ, министерот за надворешни работи Ал Тани се пожали дека за фудбалот важат различни критериуми отколку за енергетската политика.

в
Работник во Доха пред плакат за Светското фудбалско првенствоФотографија: Jewel Samad/AFP/Getty Images

Две недели пред почетокот на Светското фудбалско првенство во Катар, министерот за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани во изјава за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) зборува за „двојни стандарди“ во Берлин. Од една страна, „германското население е дезинформирано од владините политичари“, вели министерот. Од друга страна, германската влада нема проблем со Катар кога се во прашање енергетските партнерства или спасувањето на германски државјани од Авганистан, додава Ал Тани.

„Кога сме домаќини на Светско првенство во фудбал, кога сакаме да уживаме во овој момент и да славиме со германскиот тим, тогаш наеднаш важат други стандарди“, оценува шефот на катарската дипломатија. Катар, според него, отсекогаш бил отворен за конструктивна критика. Но, кога од една влада која „наводно работи со нас“ и која е свесна за сите случувања и реформи, доаѓаат изјави базирани врз погрешни информации, тогаш „не можеме да го прифатиме тоа“, нагласува тој.

Незадоволството во Доха е предизвикано од изјавите на германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер која за давањето на организацијата на светското првенство во фудбал на Катар рече дека е „тотално тешко“. Фезер побара и гаранции за ЛГБТИК-заедницата со оглед на тоа што хомосексуалноста во таа земја се казнува. Во врска со тоа министерот Ал Тани одговара дека од највисоки инстанци во Катар постојано се повторувало дека „секој е добредојден и никој нема да биде дискриминиран“. Силите за одржување на редот добиле насоки да интервенираат само тогаш „кога е загрозена безбедноста на некој фан, затоа што дошло до насилство“, додава шефот на катарската дипломатија. Ал Тани оценува и дека е жално кога политичари се обидувале да се профилираат, како што вели, „на наш грб“.

Светското фудбалско првенство во Катар почнува на 20 ноември. Тоа е крајно контроверзно и поради датумот на одржување на крајот на годината и поради обвинувањата против Катар во врска со човековите права во земјата. Активисти за човекови права известуваат за бројни смртни случаи меѓу работниците при изградбата на стадионите. Во текот на посетата на Катар во септември, канцеларот Олаф Шолц зборуваше за напредок во третманот на вработените, дури и ако условите таму не одговараат на оние во Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми