Катар: Првиот натпревар на првенството - ПР катастрофа
Томас Клајн
21 ноември 2022
Со помпезно отворање, започна спорното светско првенство во фудбал во Катар. Прво за Катар и ФИФА сѐ одеше по план, но потоа домаќинот се запиша во историјата - сосем различно од очекуваното.
Реклама
Светското првенство веќе ја забележа првата сензација. Уште на првиот меч со кој беше отворено првенството, Катар влезе во историјата. Но, Емиратите и шефот на ФИФА, Џани Инфантино, очигледно поинаку си го замислуваа тоа бидејќи пустинската држава го загуби мечот против Еквадор со 0:2 и со тоа е првиот домаќин во историјата на светските првенства во фудбал што бил поразен во првиот натпревар. А, сѐ започна толку добро, само неколку часа претходно расположението кај одговорните беше опуштено.
Морган Фримен: „Ние сме еден народ”
Катaрци на камили и коњи го чуваа пристапот до стадионот Ал Бајт, на северот од Доха. Традиционалните наметки се вееја на ветрот, а сонцето во позадина тонеше во хоризонтот. Илјадници обожувачи на фудбалот од разни земји си го пробиваа патот низ бројните безбедносни огради сѐ до стадионот. Во внатрешноста на стадионот Ал Бајт направен по примерот на бедуински шатор, потоа сѐ беше помпезно и пред сѐ гласно.
Околу 90 минути пред почетокот на првиот натпревар Емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани во придружба на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и престолонаследникот на Саудиска Арабија, принцот Мохамед Ал Салман, седнаа на своите места во „ВИП” ложата на стадионот и радосно ја поздравуваа насобраната толпа народ. Откако Емирот прво на арапски се обрати до посетителите, останатите присутни фанови ги поздрави и со зборовите „Welcome to the World" („Добредојдовте во светот” н.з.). Инфантино, кој ден пред тоа одржа прилично бизарна прес-конференција, прво не кажа ништо.
Нешто подоцна се затемни стадионот и Оскаровецот Морган Фримен и околу 800 танчери и пејачот Јунк Кук од корејската поп група БТС направија спектакуларно шоу коешто го водеше Фримен. Тој зборуваше за толеранција и почит и дека желбата е преку фудбалот токму таа порака да се испрати во светот. „Ние сме еден народ", рече холивудската ѕвезда пред фановите во стадионот. Тоа беше очекуваното големо шоу коешто си го посакуваше Светското фудбалско здружение. Па така и Инфантино олеснет излезе пред камерите, ги поздрави гледачите и им довикна: „Се чувствувате ли добро?”
Аплаузот не беше бурен. Дури откако од неколку ќошиња на стадионот се слушнаа весели извици, се приклучија и повеќето други присутни.
Историја на Мундијалите: Од „чудото во Берн“ до „божјата рака“
Од германското „Чудо од Берн“, преку „Божјата рака“ на Марадона, до Зидановиот „Удар со глава 2006“. Историјата на светските фудбалски првенства е полна со незаборавни моменти. Вака ги гледа карикатуристот Херман Аксел.
Фотографија: Aczel / Edel Books
„Монтевидео, бог те видео!“
Првото Светско фудбалско првенство е одржано во Уругвај во 1930. Повеќето учесници беа од северна, централна и јужна Америка, а од Европа стигнаа само четири екипи, меѓу кои и југословенската. Во финалето домаќинот го победи вечниот ривал - Аргентина. Резултатот 4:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Чудото во Берн
Првото СП по Втората светска војна беше одржано во 1954 година, во Швајцарија. Најсилна екипа беше репрезентацијата на Унгарија. Во првото коло „унгарската лесна коњица“ ја совлада Германија со 8:3. Но, Германците им се оддолжија во финалето (3:2) и првпат станаа светски прваци. Фриц Валтер (лево) и легендарниот тренер Сеп Хербергер на рамената на навивачите.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Само еднаш
Англија - „мајката на фудбалот“ - само еднаш во историјата на светските фудбалски првенства беше првак и тоа на домашен терен во 1966 година. Во финалето ја совлада Германија со резултат 4:2. И денес е спорен голот кој Англија го постигна во 101. минута. Боби Мур (на сликата со пехар в раце) и неговите соиграчи на Англија ѝ ја донесоа првата и засега единствена титула првак на светот.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бразилска самба
Бразил во 1970 година по третпат стана светски првак. Кралот на фудбалот - Пеле (на сликата) и неговите соиграчи беа магионичари на теренот во Мексико. Во финалето ја совладаа Италија со резултат 4:1. На шест натпревари на СП, Пеле постигна 19 голови. Првпат таа година сите натпревари се пренесувани на телевизија во боја.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бомбардер на нацијата
На СП кое во 1974 година првпат е одржано во Германија, имаше неколку премиери: „Кајзер Франц“ Бекенбауер против „кралот на тоталниот фудбал“ Кројф, Запад против Исток, нов пехар. Во финалето домаќинот играше против Кројфовата Холандија и Германија славеше со резултат 2:1. Победничкиот гол го постигна „бомбардерот на нацијата“ Герд Милер (во средина).
Фотографија: Aczel/Edel Books
Божја рака
Светското првенство во 1986. во Мексико ќе остане запаметено како шоу на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Марадона. Благодарение на неговата генијалност и лукавство, Аргентина по вторпат стана првак на светот. Самиот Марадона постигна убав, но спорен гол. На средбата против Англија, со помош на раката ја уфрли топката во голот. Марадона подоцна изјави дека тоа била „Божја рака“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Плукање
Во 1990. Германија во Италија ја прослави третата титула светски првак. „Панцерите“ (во превод - тенкови) во финалето ја победија Аргентина со 1:0. Првенството ќе остане запаметено по неспортското однесување на Холанѓанецот Франк Рајнкард (десно) кој го плукна Руди фелер во осминафиналето. Двајцата беа исклучени од игра. Германија победи со 2:1 и се реваншираше за поразот на ЕП од 1988 година.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Зидановиот удар со глава
Во 2006 година повторно славеше Германија, која по изведувањето пенали како домаќин во финалето ја совлада Франција. Неславен момент на првенството беше кога капитенот на француската репрезентација Зидан со глава го удри Италијанецот Матераци. Исклучен е од натпреварот и тоа означи крај на неговата успешна фудбалска кариера.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Конечно титула
На СП во Јужноафриканската Република доминираше Шпанија со својата „тика-така“ игра. Шпанците во финалето ја совладаа Холандија со резултат 1:0. Победничкиот гол го постигна Андреас Ињеста (број 6 на сликата). Германија во борбата за трето место го совлада Уругвај со резултат 3:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Крал на дриблинзите
На СП во 2014 годинина Аргентина ја предводеше Лионел Меси. Неговите мајсторски дриблинзи ја доведоа Аргентина до финалето, каде што ја чекаше Германија, која претходно го совлада домаќинот Бразил со 7:1.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Екипа со четири титули
Финалната средба на СП во 2014 година се одигра пред 75.000 гледачи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Германија ја победи Аргентина со резултат 1:0 и така стана прва европска репрезентација која освоила титула на американскиот континент. На сликата се играчите на германската репрезентација кои настапија во финалето.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Низ светските првенства - со стрип
Издавачката куќа „Едел Букс“ по повод СП во Русија во продажба пушти илустрирана историја на светските фудбалски првенства под наслов „World Cup 1930-2018“. Незаборавните моменти од 84-годишната историја се претставени со многу хумор.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Карикатуристот
Аргентинскиот уметник Херман Аксел (Germán Aczel) својата кариера ја почна во родниот Буенос Аирес, во кој, покрај останатото, работеше и за спортското списание „Ел Графико“. На 26-годишна возраст се досели во Германија и денес живее во Минхен. Во моментов работи за реномираниот англиски фудбалски магазин „FourFourTwo“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
13 фотографии1 | 13
Џани Инфантино: „Магијата на фудбалот"
Дали аплаузот и радоста на фановите во стадионот беа искрени, или сепак наместени? Откако се дозна дека Катар, според информации на медиумите, платил илјадници лица за да се постигне посакуваното расположение на првиот натпревар, многу нешта се нејасни. Изминатите години, а особено во изминатите месеци во пресрет на првенството, на Катар континуирано му се префрлаа различни повреди на човекови права. Дебатите околу тоа, барем така се надеваа одговорните, сега ќе „издишат”.
„Доха е подготвена, Катар е подготвен. Секако дека ова ќе биде најдоброто првенство на сите времиња", рече Инфантино и додаде: „Штом се шутне топката, луѓето ќе се концентрираат на натпреварите бидејќи тоа го сакаат, магијата на фудбалот."
Катар се запиша во историјата на светските првенства
Потоа сведочевме на историски наторевар: по само 180 секунди топката ја стресе мрежата на катарскиот голман Саад Ал Шиб. Напаѓачот на Еквадор, Енер Валенсија, со глава постигна водство за гостите, но заради наводен офсајд голот не беше признат. Но, јужноамериканската екипа не се демотивираше и уште пред крајот на првото полувреме постигна уште два - овој пат важечки - гола. Стрелец повторно беше Валенсија кој со двата гола уште во првото полувреме го обележа поразот на домаќинот.
Последицата беше што веќе по 45 минути фановите видоа доволно и многумина од нив не се ни вратија на своите места за второто полувреме. Стадионот сѐ повеќе се празнеше, ПР пропаста за Емиратот си го фати својот тек. Веќе 15 минути пред крајот на натпреварот, стадионот беше речиси полупразен. Само фановите на Еквадор беа уште присутни и навиваа, но и гласно ја изразија својата желба за студен напиток: „Queremos cerveza, queremos cerveza" – „Сакаме пиво, сакаме пиво." Катар само неколку дена пред почетокот на првенството воведе забрана за продажба на пиво.
Без студен напиток, но со првата победа на свое конто, фановите на Еквадор го славеа подвигот на својот тим кој направи сензација. Од 21 до сега одржани натпревари со кои се отвора светското првенство, ова е првиот во кој домаќинот на првенството доживува пораз. Катар секако дека не си го замислуваше вака почетокот на најскапото светско првенство на сите времиња. Следствено на тоа, и играчите по судиското свирче кое го означи крајот на мечот, депримирани си заминаа од стадионот Ал Бајт.