1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По изборите за ЕУ: што следува за германската влада?

Сабине Кинкарц
11 јуни 2024

Германските демохристијани бараат нови избори, како во Франција. Но, канцеларот од СПД, Олаф Шолц нема интерес за тоа.

Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан Линднер
Тројца од четворица германски граѓани се незадоволни од сојузната влада - Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан ЛинднерФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше веднаш. По поразот на неговиот партиски сојуз на европските избори, тој во недела вечерта распиша нови избори за Националното собрание, односно  за францускиот парламент.

И германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) по европските избори сфати дека таканаречените „партии на семафор“ (СПД, Зелените и либералите)  кои ја сочинуваат неговата сојузна влада  очигледно загубија. Со 13,9 отсто, социјалдемократите го постигнаа најлошиот резултат досега на национални избори. Зелените паднаа на 11,9 отсто. Либералите (ФДП) освоија 5,2 отсто.

Катастрофа со најава

Тројца од четворица  германски граѓани се незадоволни од сојузната влада, а поддршката за партиите што ја сочинуваат веќе подолго време е на ниско ниво. Состојбата уште повеќе се влоши на овие европски избори. Дури и  делумно десничарската екстремистичка партија Алтернатива за Германија (АфД) помина подобро со 16,5 отсто од гласовите.

Јасен  победник на изборите се демохристијаните,  сојузот на ЦДУ и ЦСУ, кои заедно освоија околу 30 отсто. Нивниот план да го претстават гласањето за Европскиот парламент како национални избори, се исплатеше. „Уште една причина да се гласа за ЦДУ – семафорот“ – тоа беше една од пораките од плакатите на ЦДУ во последните денови пред европските избори.

Нови избори како во Франција?

Лидерите на ЦДУ, Фридрих Мерц и на ЦСУ, Маркус Зедер бараат нови избори во Германија. Европските избори беа „гласање за семафорската коалиција“ и „јасно изгласување за недоверба“ на канцеларот, изјави Зедер во Минхен. Шолц, додаде тој, веќе нема легитимитет, ниту пак ужива доверба кај населението. „Олаф Шолц е крал без земја“. И ако владејачката семафорска коалиција едноставно продолжи како досега, тоа, вели Зедер, „длабоко ќе ги фрустрира луѓето“.

И покрај незадоволството – регуларни избори во 2025 година

Но, вонредни избори за семафорската коалиција не доаѓаат предвид. Владиниот портпарол Штефен Хебештрајт во понеделникот истакна дека тоа не се разгледувало „ниту една секунда“. Во Германија се очекува следниот состав на Бундестагот да се избира редовно, есента 2025 година. „Планираме да го спроведеме на тој начин“, рече Хебештрејт. Планирано е владата да остане на власт четири години.

Нивната одлука веројатно се должи и на фактот што германскиот канцелар - за разлика од францускиот претседател - веројатно би загубил на вонредните избори. Макрон е директно избран од народот и е на функција до 2027 година, додека германскиот канцелар го избира мнозинството пратеници во Бундестагот.

Нови избори: ризик за СПД, Зелените и либералите

Заради политичка стабилност, распуштање на  Бундестагот и распишување предвремени избори во Германија не е така лесно. Предуслов е канцеларот повеќе да го нема мнозинството пратеници зад себе во парламентот. Во тој случај, Шолц би можел да побара од сојузниот претседател да го распушти Бундестагот и да распише нови избори.

Но, СПД, Зелените и либералите немаат никаков интерес за тоа. Покрај губењето на владата, многу пратеници веројатно би морале да стравуваат дека повеќе нема да бидат избрани во Бундестагот.

Тензии во владејачката коалиција

Но, се поставува прашањето дали стравот од губење на власта е доволен за да се надминат центрифугалните сили и проблемите во владејачката коалиција. Односот меѓу СПД, Зелените и Либералите одамна не е добар.

Политичките спорови се секојдневие и постојано се потврдува дека политичките интереси на две фундаментално левичарски партии и една економски либерална партија се многу различни.

Кавгата во коалицијата предизвика штета на европските избори

За генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт, ова е една од причините за лошиот резултат на неговата партија на европските избори – како што рече тој по состанокот на Извршниот комитет на СПД во Берлин. Не треба да се занемари фактот дека тоа е и поради тоа како самите владејачки партии гледаат на семафорската коалиција.

Генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт: Малку е веројатно дека кавгите во владата ќе престанатФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Имено, во последните месеци членовите на коалицијата постојано нагласуваат дека нивната работа мора да биде подобра, поконструктивна и пофокусирана, но речиси ништо не е постигнато и Кинерт сè повеќе сфаќа дека овие конфликти нема да се решат среќно. „Малку е веројатно дека сето тоа ќе се смири утре, ако сите се здржат заедно“, вели тој.

Буџет 2025: дупка од милијарди евра и кочница за задолжување

Всушност, спорот најверојатно ќе се разгори уште повеќе. Владата планира на 3 јули да го претстави нацрт-сојузниот буџет за 2025 година. Во исто време, постои огромна празнина во пресметките на приходите и расходите на државата, која се мери во милијарди. Сојузниот министер за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер, молчи за тоа колку е навистина голема.

Проценките се движат од 25 до 50 милијарди евра. Линднер сака да заштеди пари првенствено на социјалните бенефиции и на тој начин да продолжи да ја почитува одредбата за „кочница за задолжување“. Имено, тоа правило е содржано во уставот на Германија и предвидува дека државата може да троши само онолку пари колку што добива. Сепак, многумина во СПД и меѓу Зелените би сакале да ја суспендираат кочницата за задолжување и да ги затворат дупките во буџетот со нови заеми.

Улогата на Либералите во одржувањето на владиното мнозинство

Линднер уште пред европските избори се закани дека секој што сака да ја суспендира должничката кочница ќе мора да бара друго мнозинство во парламентот. За неговата партија, фискалната дисциплина е политичко кредо и не смее да си дозволи да отстапува од него. Со други зборови,  Либералите во тој случај веројатно би ја напуштиле коалицијата.

Сојузниот министер за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер, се заканува со напуштање на владатаФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Канцеларот Шолц го знае ова и тој апсолутно сака да ја задржи коалицијата заедно. Затоа тој експресно се согласува со Линднер за прашањето за должничката кочница- на голема жалост на неговата СПД, која гласно негодуваше за тоа уште пред европските избори. „Не е можно да се заштедат 30 или 40 милијарди од сојузниот буџет“, рече на пример копретседателот на СПД Ларс Клингбајл.

Иднината на семафорската коалиција

Сега, по европските избори, водечките социјалдемократи ќе бидат само погласни. Сигурно е дека нема да поддржиме никакви кратења кои ја загрозуваат социјалната кохезија, изјави генералниот секретар Кинерт. Тој вели дека не може да замисли „никакво сценарио“ во кое СПД би се согласила на таков буџет. „Чиста социјалдемократија, повеќе СПД во коалицијата“ – ова се барањата испратени од партиското седиште до кабинетот на канцеларот. Може ли Шолц тоа да го примени?

Неговиот пристап досега беше внимателно да поентира и да се профилира како посредник во конфликтите. На европските избори, на пример, се претстави како „мировен канцелар“ - но тоа очигледно не функционираше.

Шолц - демонстративно мирен

По поразот на изборите, Олаф Шолц не делува депресивно или замислено. Како ништо да не се случило, ноќта по гласањето лежерно се шеташе по изборниот штаб на СПД и правеше селфи со своите сопартијци.

Олаф Шолц не делува депресивно или замисленоФотографија: Michael Fischer/dpa/picture alliance

Кризата уште еднаш покажува дека Шолц не е тип на човек кој делува имулсивно. Напротив. Ниту отпорот ниту поразот никогаш не го запреле. Тоа многупати се покажа во неговата политичка кариера која се протега повеќе од три децении. Кога ќе паднеше, стануваше и продолжуваше натаму.

ФДП и Зелените по европските избори

Но, ни и лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, не покажува подготвеност за компромиси. Во споредба со сојузните избори во 2021 година, неговите либерали изгубија, но во споредба со европските избори во 2019 година, тие всушност малку го подобрија својот резултат. Линдер го толкува како „силен сигнал за стабилизација што сакаме и политички да го искористиме“.

Кога на тоа ќе се додадат и Зелените, можеби може да се замисли што ја чека семафорската коалиција. Лидерот на Партијата на Зелените, Омид Нурипур, ги предупредува коалициските партнери дека мора да се грижат „земјата да ја ставиме пред партиските бои“. Ова особено важи за претстојните преговори за буџетот. Нурипур додава, речиси молбено, дека нема смисла „ спорот да продолжи да се води јавно“.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми