1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катастрофален старт на власта

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
27 август 2024

Во Македонија на лагата долги ѝ се нозете, можат со години да се лажат заблудените, ама колку подоцна се откриваат, толку потешки се разочарувањата и последиците. Пишува Ерол Ризаов

Владата на премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ако денот се познава по утрото и по првите чекори на владата и големите очекувања за промени кон подобро гаснат уште пред да се навршат стоте „толерантни“ денови. Конституирањето на Собранието почна со молитва која не ја услиши Господ, ниту граѓаните оти е искажана не само на погрешно место- во највисокиот законодавен дом кој не е молитвен, ниту е џамија, ниту црква, туку заштитник на законитоста, а со тоа и на секуларноста на државата.

И најголемите верници препознаа дека со тој чин, и не само со тој, е направена злоупотреба на верата во политички цели. Во сите три Аврамови, или Ибрахимови вери, сеедно, стојат запишани во светите книги како голем грев божјите заповеди: не убиј, не кради, не лажи, не изговарај го напразно името на Господа... а веќе сите гревови од десетте најголеми се случија. Световните работи не се решаваат со молитви, туку со знаење и работа.

Изборот на владата и на премиерот по молитвата почна со многу дим и пламен, со големи пожари, секојдневни скандали и со засилување на опозициска кампања на власта за наредните избори кои ќе се одржат догодина. Кој за што, премиерот Мицкоски го врти јазот накај избори. Му се уарниле над 500.000 гласа, убеден дека му се во ладилник со длабоко замрзнување, па може да ги одмрзне кога сака. Кажано попрецизно, тој и неговата партија најдобро функционираат во предизборна кампања. Им требаат постојано предавници и непријатели, манипулации, лаги, патриотски тензии, спасување на Македонија од Македонци, мечки, волци и други националности и лоши комшии. Кога ќе дојдат на власт, по направената пустош во главите на луѓето од пропаганди и лаги, не можат да функционираат ако не ја заробат државата.

Кои се најголемите грешки 

Како горат планините, шумите, националните паркови, така горат и надежите, дека некои од главните државни приоритети ќе се решаваат брзо. Овие стотина дена само слушаме држте го крадецот, дека власта на заминување оставила празна каса и хаос. Оправдувањата за лошиот почеток и погрешната насока по која тргна новата власт држат вода кусо време каде што превладува разумот, што за голема жал кај нас секогаш е во малцинство. Во Македонија на лагата долги и се нозете, можат со години да се лажат заблудените, ама колку подоцна се откриваат, толку потешки се разочарувањата и последиците.

Еве ги најголемите грешки во рекордно кусо време. Прво, па машко, најнапред кредит од милијарда евра нови задолжувања под сомнителни околности кои се поочигледно дека ќе бидат употребени, читај раздадени по општините  главно за коруптивни локални избори идната година, а голема е веројатноста и за предвремени парламентарни избори ако не се одмрзнат „замрзнатите".

Одложување на уставните промени што е главен и единствен предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ е со глупаво оправдување дека во Бугарија нема политичка влада со која власта планира повторно да  преговара, што е невозможна мисија за подобрување на преговарачката рамка прифатена од ЕУ, или пак за некакви суштински промени на веќе склучениот договор.

Бугарија која е во постојани пата-пата изборни циклуси во октомври ќе има седми парламентарни избори. Кога ќе има стабилна политичка влада, не може никој да прогнозира. А, и да има, тешко е да се верува дека ќе има некои промени кои се ветуваат на големо во Македонија.

Со Грција се влошени односите без никаква потреба. Не се гледа некаква загриженост во власта за одложувањето на преговорите со ЕУ. Напротив, тој врвен државен интерес и  приоритет се игнорира и се сместува во бајати теми кои не носат изборни поени.

Скапоценото изгубено време, се оправдува со: еее, сме чекале толку време, па од тоа ништо не бидна. Ќе почекаме додека не попуштат Бугарите и ЕУ.

Ќе се научат ли историските лекции 

Никој уште во државата рационално и јасно не објаснил што изгубија граѓаните на личен план и што уште можат да изгубат, што Македонија доцни со децении. Голем број граѓани уште веруваат дека, ако не биде подобро, се ќе биде исто во нивниот живот, па затоа и не мора да правиме компромиси. Голема заблуда. Треба еднаш конечно да ги научиме историските лекции за загубите на Македонија низ целата нејзина историја на доцнење, па тогаш може да стане појасно колкава е нивната лична загуба.

Медиумско прогласување на дестабилизација на државата од страна на премиерот и партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ предизвика вртење на вниманието на јавноста од главните проблеми и скандали што и беше целта. Сега веќе премиерот Мицкоски не зборува дека се подготвува дестабилизација, туку дека има можност тоа да се случи. Што е малку различно од тоа дека ќе има. 

Се врши силен притисок за преземање на комплетниот правосуден систем и ставање на судската власт под партиски диктат. Партизацијата на правосудниот систем е силен удар врз демократијата и владеењето на правото. Потполно е јасно дека се работи за поставување на партиски кадри во судството и за контрола на власта врз правосудниот систем.

Според јавните закани на партиски и владини функционери и притисоците за радикални промени во судството и обвинителството, со поставување партиски подобни судии и обвинители, власта се подготвува за инсталирање на страховлада и пресметка со политичките противници со нарачани апсења и судски процеси.

Се прозиваат јавните обвинители преку медиумите што и како треба да работат. Тоа веќе еднаш го видовме во ерата на груевизмот која ја уназади Македонија со децении. Тој терор на следење и држење под надзор на илјадници јавни личности и нарачани судења и затворски казни остави трагични последици чии корени и нови фиданки се уште се на висока цена во ВМРО ДПМНЕ.

Намерите за воспоставување на режим може да се видат и по масовните чистки во сите државни компании и институции. Се отстрануваат стручни луѓе за на нивни места да дојдат партиски активисти. Владее вистинска наезда на деградација на институциите и јавните компании, на државните фондови и стручните служби на министерствата.

Зошто ли го пуштија она, мислев умно дете, Тимчо Муцунски да зборува како партиски јастреб тоа што не му личи и од што утре ќе се срами. Тој со своето „големо“ дипломатско искуство од два месеци министер за надворешни работи ги враќа и ги сослушува искусните  македонски дипломати кога се најпотребни да бидат таму кај што се испратени. 

Во тек е блокирање на Скопје за преземање на градоначалничкото место со небулозно обвинување дека вмровскиот кандидат што стана градоначалник на главниот град бил диригиран и под контрола на опозицијата, иако блокадата на очиглед на целата јавност е од советниците на ВМРО ДПМНЕ, поточно е директива од партискиот врв. Навистина чија е градоначалничката на Скопје, на тие што ја кандидираа и се сликаа со неа на билбордите, или тие што сега бараат да си поднесе оставка. Истите луѓе со две лица. Барем да признаат дека згрешиле. Велат без срам и перде  таа не е наша, туку на СДСМ. 

Откриени се лагите и за поголеми плати и пензии. Се врши притисок за партизирање и на синдикатите. И еден куп други скандали кои ги откриваат лагите од предизборните ветувања.

Цветаат примитивизмот, провинцијализмот, алчноста, неизживеаноста и лечењето на комплекси на функционерите на новите власти. Тоа е сегашниот амбиент во Македонија, кога власта уште е опозиција со обиди да воведе режим кој веќе го преживеавме по 11 години. Ако од тоа ништо не научивме нека ни биде.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми