1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиМароко

Катастрофален земјотрес во Мароко: Бројот на жртви расте

СН/агенции
9 септември 2023

По силниот земјотрес во Мароко, бројот на загинати се искачи на најмалку 632 а над 300 лица се повредени. Мароканските медиуми јавуваат дека ова е еден од најсилните земјотреси што ја погодил земјата.

Спасувачите во трка со времето во потрагата по преживеани во урнатините во Маракеш
Спасувачите во трка со времето во потрагата по преживеани во урнатините во МаракешФотографија: Abdelhak Balhaki/Reuters

Силен земјотрес го погоди Мароко доцна синоќа, во неколку марокански градови уништени се бројни згради и објекти, а луѓето мораа да ја поминат ноќта на улица. Според последните податоци на Министерството за внатрешни работи, загинале над 630 лица, а 329 се повредени. 
Претходно Министерството соопшти дека загинале 296 лица. 

Националниот центар за научни и технички истражувања со седиште во Рабат соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар се наоѓал во провинцијата Ал Хауз, југозападно од Маракеш, популарна дестинација за странските туристи. 

Историскиот центар на Маракеш е во урнатиниФотографија: Abdelhak Balhaki/Reuters

Стравувања дека бројот на жртви ќе расте

Американскиот геолошки институт процени земјотресот бил со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала и дека бил на релативно мала длабочина од 18,5 километри. Првиот земјотрес траел неколку секунди, а 19 минути подоцна следел земјотрес со јачина од 4,9 степени.
„Сега имаме потврда дека 632 лица загинале, а 329 се повредени“, се вели во ажурираниот извештај на мароканското Министерство за внатрешни работи.

Не е познато уште колку луѓе се затрупани во урнатинитеФотографија: Abdelhak Balhaki/Reuters

Според министерството, 50 од повредение се во критична состојба по земјотресот. Се стравува дека бројот на жртви и натаму ќе расте. Смртните случаи биле пријавени во многу различни провинции. 

Според МВР, најголем дел од материјалните штетит настанале надвор од градовите. Спасувачките екипи трескавично трагаат по преживеани во урнатините. Не е познато колку луѓе останале заробени под урнатите објекти. Меѓу оштетените објекти е и џамијата Кутубија од 12 век во Маракеш, една од најпознатите знаменитости на градот.

Оштетувања на старата џамија во историскиот центар на МаракешФотографија: Abdelhak Balhaki/Reuters

Мароканците објавија и видеа на кои се гледаат оштетени делови од познатите црвени ѕидови што го опкружуваат историскиот центар на Маракеш, кој е заштитен од УНЕСКО.

Освен во Маракеш, тресење на земјата се почувствувало и во Рабат, Казабланка, Агадир и во Есауира, предизвикувајќи паника кај населението. Многу луѓе излегоа на улиците во тие градови во страв од уривање на нивните домови, а десетици луѓе ја поминаа ноќта на улиците.

Еден од најсилните земјотреси во Мароко

Локалните медиуми пренесоа дека тоа е еден од најсилните земјотреси што некогаш го погодиле Мароко.

Во февруари 2004 година, земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја потресе провинцијата Ал Хосеима, 400 километри североисточно од Рабат, при што загинаа 628 луѓе и предизвика огромна материјална штета.
Претходно, на 29 февруари 1960 година, земјотрес го уништи Агадир, на западниот брег на земјата, и остави повеќе од 12.000 мртви, или една третина од населението на градот.

Земјотресите со јачина од 6 до 6,9 степени според Рихтеровата скала се карактеризираат како силни, тие можат да предизвикаат штети во населени места на 160 километри од епицентарот, а 120 од нив се случуваат годишно во светот.

Жители на Маракеш спијат на улица по разорниот земјотресФотографија: Said Echarif/AA/picture alliance

Сликите од Мароко будат сеќавања за силниот земјотрес на почетокот февруари годинава во југоисточна Турција и Сирија. Само во Турција , како последица на природната катастрофа, според официјалните извештаи загинаа повеќе од 50.000 луѓе.



 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми