Русија: Во поплавениот Орск „врие“
11 април 2024Топењето на снегот во Урал и долготрајните дождови предизвикаа поплави во повеќе региони на Руската федерација. Најсилно погоден е градот Орск на реката Урал во регонот Оренбург, каде што попушти една брана. Во рок од само неколку дена водостојот достигна два метра, поплавени беа куќи и првите катови од цели станбени блокови. Повеќе од 6400 лица беа евакуирани, најмалку две лица загинаа. Во регионот се поплавени преку 10 илјади објекти.
Што велат луѓето за попуштањето на браната
Екатерина од Орск вели дека нејзините родители живеат во близина на браната. Утрото на 5 април забележале места на кои протекува, вечерта веќе имало цела дупка. Нивната куќа за само три часа била поплавена.
Екатерина со семејството привремено се сместила кај пријатели во близина на Орск. Таа се надевам дека ќе може да спаси дел од нејзините работи, кога водата ќе се повлече. Со поправките можеби ќе треба да се чека додека властите да направат целосна проценка на штетата. „Има десетина илјади такви куќи. Којзнае кога ќе дојдеме на ред. А, каде да живееме во меѓувреме? Помошта тешко дека ќе ги покрие сите трошоци за обновата", се жали таа.
И куќата на Јелена Матвејевскаја во Орск е поплавена. Таа вели дека "првиот кат беше под вода, но дел од покуќнината можевме да префрлиме на вториот кат и така да го спасиме". Во меѓувреме и сопругот и синот се вратени за да ја чуваат куќата бидејќи во регионот се забележани крадци.
Спонтан собир во Орск
Матвејевскаја е дел од иницијатива чии претставници можеа да се сретнат со гувернерот на регионот, Денис Паслер. „Сите телефони да се тргнат!" – така ја започнал тој средбата со жртвите од поплавата. Разговорот се одвивал на 8 април во зградата на градската управа, пред која во исто време се собрала вознемирена толпа од неколку стотици граѓани. Некои од нив скандирале „срамота!" и барале оставки, други пак снимиле клипче на кое во еден глас викаат "Путин помогни ни!"
Учесниците на спонтаниот собир веднаш биле опколени од полицијата, која тврди дека тој бил нелегален. Но, вознемирената топла продолжила да се жали за тоа што градските власти не биле подготвени за поплавата и дека со денови пред да попушти браната се гледало дека пропушта вода.
Според Матевејевскаја, една од учесничките на средбата со гувернерот искажала сомнеж дека коруптивни дејствија на локалното раководство се можна причина за катастрофата. „Една млада жена му раскажа на Денис Паслер дека дедо и учествувал во изградбата на браната и дека половината од градежниот материјал морал да го носи на приватно градилиште на градоначалникот", прераскажува Матвејевскаја. Гувернерот пак тврдел дека причина за катастрофата е „невообичаена количина на надојдена вода“. Властите од Орск им ветуваат финансиска помош на луѓето и тоа до илјада евра за оние чиишто куќи се комплетно поплавени и во други случаи меѓу 100 и 500 евра.
Властите ги обвинуваат граѓаните
Кремљ реагираше воздржано на случувањата во Орск. Димитри Песков, портапарол на претседателот Путин, рече дека неговиот шеф нема намера да ги посети погодените региони, но дека се занимава постојано со темата. Повеќе министри допатуваа во регионот по налог на Путин. Но, една изјава на министерот за заштита од катастрофи, Александар Куренков, уште повеќе ги вознемири жителите. Тој рече дека уште една недела пред поплавата била најавена евакуација, „но тоа го третираа како да е шега“, рече тој и додаде дека една недела имало обиди да се убедат граѓаните да се евакуираат. Градската управа пак и вечерта пред да попушти браната ги смирувала граѓаните дека браната ќе држи. Па така градоначалникот Василиј Косупиза на 3 април на неговиот Телеграм канал пиша дека ја проверил браната, разговарал со жителите и тие не стравувале дека ќе бидат поплавени. Но, руските федерални власти во меѓувреме отворија истрага заради немарност и прекршување на одредбите од градежното право. Според нив, попуштањето на браната се должи на пропуштени мерки за одржување на браната. Сојузните власти не сакаат да преземат одговорност за отстранување на последиците од катастрофата, смета рускиот политиколог Абас Галјамов. Во авторитарна Русија каде што се потиснува секое протестно расположение во општеството, руските власти според Галјамов се повеќе ги губат „човечките одлики“. „Во шефовските столчиња се забарикадирани луѓе кои со логиката на вертикална државна сила и заборавиле дека и населението е субјект", вели овој експерт. Тој не верува дека властите ќе ја зголемат помошта за жртвите од поплавата. Повеќе му даваат предност на финансирањето на војната на Русија против Украина. Регионалните власти штетата актуелно ја проценуваат на повеќе од 200 милиони евра.