1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанева и Јакимовски на „црната листа“ на САД

БГ
18 март 2024

Американскиот Стејт департмент им забрани влез во САД на поранешната обвинителка на СЈО и на актуелниот градоначалник на скопската општина Карпош, како и на членовите на нивните најблиски семејства.

Катица Јанева
Катица Јанева на црната листа на САДФотографија: DW/P. Stojanovski

Катица Јанева и Стевчо Јакимовски со своите дела ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процедури, се наведува во оценката на Стејт департментот со која двајцата се ставени на ткн. „црна листа“.

Забрана за влез во САД добија и синот на Јанева, Лазар, како и двајцата синови на Јакимовски, Гоце и Дамјан. 

Злоупотреби и поткуп  

Јанева е ставена на „црната листа“ затоа што за време на нејзиното шефување со поранешното Специјално јавно обвинителство била вмешана во коруптивни дела, како и за злоупотреба на политичкото влијание и моќта за нејзина лична корист. Стејт департмент соопштува дека за Јанева постојат веродостојни информации за тоа дека побарала и примила поткуп за да влијае на Обвинителството под нејзина надлежност. 

Стевчо Јакимовски, освен што е градоначалник на Карпош, е и лидер на партијата ГРОМ, но и кандидат за претседател на државатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Американското министерство за надворешни работи оценува дека Јакимовски како градоначалник на Општина Карпош бил вмешан во коруптивни дела. Се наведува дека ја злоупотребувал службената положба за да влијае во урбаниот развој на општината, во процесите за јавни набавки, со цел преку нив да прибави корист за себе и своите соработници.

Јанева во моментов издржува седумгодишна затворска казна на која беше осудена во случајот „Рекет“.

Јакимовски, освен што е градоначалник на Карпош, е и лидер на партијата ГРОМ, но и кандидат за претседател на државата на претстојните претседателски избори во земјата. 

Се шири листата на САД 

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер изјави дека ставањето на црната листа на Јанева и Јакимовски „не треба никого да изненади“. 

„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“ порача Агелер преку Фејсбук профилот на Амбасадата.

Последното име на црната листа на САД, во декември минатата година беше поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев.

Пред него, од април 2022 досега, на листата завршија и експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни 2023 следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми