1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Пендаровски го одби барањето за помилување на Катица Јанева

ДТЗ
15 мај 2023

Не е прифатено ниту барањето за помилување на експретседателот на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски и бизнисменот Сеад Кочан. Претседателот Стево Пендаровски треба да ги потпише решенијата.

Катица Јанева
Катица Јанева останува во затвор, претседателот го одби барањето за помилувањеФотографија: Boris Grdanoski/AP Phto/picture alliance

Шефицата на поранешното Специјално јавно обвинителство, Катица Јанева, експретседателот на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски и бизнисменот Сеад Кочан остануваат во затвор, откако претседателот Стево Пендаровски ги одби нивните барања за помилување. Решенијата се очекува да бидат потпишани деновиве, со што засега паѓаат во вода обидите на тројцата осуденици да ги скратат затворските казни.

Барањата изминатиов период ги поминале сите законски филтри во рамките на затворскиот систем, по што изминативе недели биле разгледувани и од страна на Комисијата за помилување на Претседателот, која што е советодавно тело. Таа листа со предлози ја доставува до Претседателот, којшто го има конечниот збор. Од Кабинетот на Претседателот велат дека и Комисијата дала негативно мислење за барањата за помилување. Покрај овие три звучни имиња, намалување на затворските казни побарале и десетици други осуденици. Од Кабинетот на претседателот за ДВ велат дека над стотина барања пристигнале на адресата на Вилата на Водно. 

Стотина барања 

Бизнисменот Сеад Кочан и во 2021 година се обиде да ја намали затворската казна, но и тогаш беше одбиен. 

Јанева е осудена на седумгодишна затворска казна поради злоупотреба на службената положба и овластување како специјална јавна обвинителка во аферата „Рекет“. Како што беше објавено неодамна во медиумите, таа работи како библиотекарка во затворот „Идризово“ и ги користи другите поволности коишто ѝ ги овозможува затворскиот систем.

Пресудата за случајот „Рекет“ беше изречена на 18 јуни 2020 година. Јанева беше спроведена во затворот Идризово на 23 јули 2021 година. 

Поранешниот претседател на Кривичниот суд – Скопје, Владимир Панчевски,затворската казна од 2,5 години за злоупотреба на службената положба ја издржува од 3 февруари 2022 година. 

Бизнисменот Сеад Кочан, се наоѓа во затворот Идризово од август 2019 година, по пресудата за случајот „Труст“ на СЈО, во кој беше обвинет за злоупотреба при постапка за јавни набавки. Тој е осуден на 4,8 години затвор. 

Помилувањата како институт се еден од основните уставни надлежности на ПретседателотФотографија: Presidents Office of North Macedonia

Два вида помилување 

Помилувањата како институт се еден од основните уставни надлежности на Претседателот. Постојат два вида на помилување, и тоа редовни, односно кога лица и граѓани на земјата индивидуално испраќаат молби за помилување до Министерството за правда, кои потоа се доставуваат до Кабинетот на претседателот, односно Комисијата за помилување која детално ги разгледува и потоа му доставува предлози на Претседателот.

Групните помилувања се втора категорија и за нив постапката се одвива двапати годишно, за 2 Август – Илинден, и новогодишните празници. За групните помилувања, предлозите до Министерство за правда пристигнуваат од казнено-поправните домови, а не по индивидуални барања на лицата кои отслужуваат казна.

Предлозите ги доставува Министерството за правда до Комисијата за помилување на претседателот, која што доставува мислење до Претседателот поединечно за секој од случаите. Претседателот согласно своите уставни надлежности ја носи конечната одлука.

Претседател на Комисијата за помилување е Уранија Пировска, а нејзини членови се: Фехми Стафа, Љубомир Јовески, Љубомир Михајловски, Кимо Чавдар, Ерол Рушид, Томислав Кежаровски, Сафет Алиу, Зора Митиќ и Билјана Петковска. 

Коректив 

Основните предуслови за едно лице да биде помилувано, се во насока на добро поведение, да покажал каење за стореното дело, да почне со отслужување на казната, да не станува збор за повторник или лице кое има повеќе дела за кои треба да одговара и во иднина. За одредени кривични дела не е возможно да се бара помилување. Секој случај се разгледува поединечно. 

Помилувањето е институт кој има корективна функција. Дејствата кои ги предизвикува помилувањето се овозможување и забрзување на ресоцијализацијата на осудените лица, а со тоа и остварувањето на целите на казнувањето и извршувањето на казната. Претседателот Пендаровски, во текот на неговиот мандат потполни помилувања има дадено само во ситуации кога граѓаните кои ги бараат се во животнозагрозувачка здравствена состојба. Пендаровски најчесто дава делумни помилувања односно 3 – 8 месеци, и тоа во случаи кога граѓаните кои бараат помилување имаат за отслужување уште неколку години од казната, и кога во нивните случаи биле исполнети сите предуслови. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми