1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Катица за сѐ

31 јули 2024

Со интервјуто на специјалната обвинителка од затворот, Македонија уште еднаш доживеа пораз од едно епохално промашено кадровско решение на кое му кумуваа вршители на највисоки функции во државата. Пишува Соња Крамарска

Катица Јанева (архивска фотографија)Фотографија: Boris Grdanoski/AP Phto/picture alliance

Деновиве „експлодираше“ едно интервју на некогашна обвинителска ѕвезда која се наоѓа во казнена установа. Па си замислувам како ја гледал обичен граѓанин кој чека правда. Обвинителката насмеана, радосна, спокојна, весела, во интервјуто во подкастот „Претрес“, не се жали на животот меѓу затворските ѕидови. Гледачот, занемен, нерасположен, со гнев кон правната држава и разочаран од незадоволената правда.

Обвинителката е обврзана со изјава за доверливост која, вели, многу ја почитува и се држи до неа, па нема да зборува за својата работа во СЈО. Човек да се запраша - а не ли беше обврзана со законот и со обвинителската заклетва кои ги прекрши на најгруб начин? „Изјавувам и се колнам дека во вршењето на обвинителската функција ќе ги почитувам Уставот и законите, дека функцијата ќе ја извршувам совесно и одговорно...“ Така вели обвинителската заклетва која таа ја заборави веднаш штом ја потпиша. Да не говориме за угледот и етичноста и достојноста за функцијата, говорничката умешност и вештина, кои се исто така дел од условите да се биде обвинител, па макар и обвинител во затвор.

Со јавувањето на обвинителката од затворот, Македонија уште еднаш го доживеа поразот од едно епохално промашено кадровско решение на кои му кумуваа вршители на највисоки функции во државата, и клучните амбасадори во тоа време. Тоа наведува да се запрашаме каква е способноста за расудување при селекцијата на личности за најодговорните функции. И колку самите институции имаат капацитет да препознаат погрешни луѓе на погрешни места и навреме да реагираат. Бидејќи тоа не се случи, останува да заклучиме по којзнае кој пат дека работните средини се полни со медиокритети кои се прават слепи и глуви пред неспособноста, криминалното однесување, и сите други симптоми што не може да не се видат во секојдневната соработка и комуникација.

Соња КрамарскаФотографија: Privat

Насмеаната некогашна обвинителска ѕвезда не покажа ниту малку срам за она што се случи и за што има правосилна судска пресуда против неа, ниту пак каење. Расположена, како да добила Нобелова награда за право, а не како да е во затвор за најтешка злоупотреба на обвинителската функција, таа ѝ обзнани на јавноста дека ниту малку не се кае за нејзиното време во Специјалното јавно обвинителство. Не се ни кае, вели, што прифатила да биде специјална јавна обвинителка. „А зошто да се каам, им направив кариери на 100 луѓе“, самоуверено и низ насмевка одговара таа.

Изгор сметка за СЈО

Веројатно Македонија има зошто да се кае после тажната приказна за Специјалното јавно обвинителство. Државниот завод за ревизија откри дека во периодот 2015-2019 година биле потрошени 4,5 милиони евра само за надоместоци надвор од платите, од кои 157 илјади евра биле само за шефицата Катица Јанева. Надоместоците биле давани без пропишани критериуми. Вкупната сума за плати и додатоци за истиот период изнесува околу 12 милиони евра.

Што се вели, Македонија плати „изгор сметка“ за оваа авантура. Денес, кога државата не успева да се справи со бројните пожари во кои веќе има и човечка жртва и изгорени домови, добро е да се потсетиме зошто немало пари за современа противпожарна заштита, а имало за такви кадри.

Но обвинителката денес вели дека не размислува за минатото затоа што тоа било професионален ангажман. „Јас не сум емотивец, туку сум изградена личност, јас кога станав СЈО не бев дете, не бев некој што се лаже по пари, мене никој не може да ми биде авторитет.....“, тече муабетот со обвинителката. Како да се наоѓа на пазар, а не во затвор. Вели и: „Јас не му кажав на татко ми кога станав СЈО, знаев дека тој ќе се лути, не сакаше да бидам СЈО бидејќи знаеше што ќе ми се случи“. И тука доаѓа главниот удар. На прашањето дали таткото ја предвидел иднината на својата ќерка во СЈО,  добивме одговор придружен со долго смеење: „Па, во глобала – да!“

Ниту срам, ниту наведната глава, ниту покајнички зборови од таков висок профил на личност на која ѝ се поклонуваше цела држава, странски весници ѝ пишуваа пофални текстови, а таа ја прокоцка огромната доверба.

Формула за уживање во животот

Обвинителката се пофали и дека во затворот ослабела 40 килограми, дека двапати дневно се слуша со синот и ќерката, па дури и видно расположена рече дека многу мајки не си ги гледаат децата секој ден како што таа има прилика за тоа. И задоволна си е таа од нејзиниот живот затоа што „водолија си е водолија“, вели објавувајќи ја својата пасија за читање хороскоп. Од кога влегла во затвор, раскажува таа, само три месеци била затворена. Во останатиот период ги користела законските погодности што ѝ следуваат, па добивала одмори, оди на пазарење, си вози и.т.н. На прашањето што ќе работи откако ќе ја издржи целата затворска казна, одговара: „Ќе го работам тоа што и досега го работев во моите 60 години живот– ќе уживам во животот“.

Па, цинично кажано, нека ужива, заслужила. Граѓаните на оваа земја не уживаа во сцените на распадот на СЈО и вестите за милионски суми ставени во приватни џебови од парите на даночните обврзници. Не само што не уживаа, туку засекогаш изгубија надеж дека ова општество ќе се промени. Човек просто да посака да го стори истото што го стори таа обвинителка, да ја злоупотреби својата функција за едно 2-3 милиони евра, и после со радости да дава интервјуа од затвор за убавиот затворски живот. Ете и нејзиниот компањон во тоа што го направија, често го гледаме како гордо се шета низ скопските улици затоа што добил „прекин на издржување на затворската казна поради потреба за лекување“.

Дали е премногу наивно да се очекува срам и каење после една таква животна случка, што стави црно петно врз целиот правосуден систем на Македонија, врз политиката, врз дипломатијата која беше вклучена во изборот на кадри за СЈО и воопшто за цело едно историско поглавје во кое милион граѓани маршираа низ улиците барајќи правда?! Не, не е наивно, туку е час поскоро потребно да се промени нашето општество за да не може на врвни функции да доаѓаат авантуристи од секаков вид. Се разбира има и исклучоци, и на нив останува да ја променат оваа поразителна општествена состојба.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми