1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кажа ли Пендаровски сѐ што треба?

3 јуни 2026

Барањето по вторпат „балкански начин“ за уставни измени, уште еднаш ги открива политиките и обидите да се навигира судството.

Поранешниот претседател Стево Пендаровски, зад него има знамиња на РС Македонија и на ЕУ
Поранешниот претседател Стево Пендаровски во „интервју за 360 степени“ потврди дека во контекст на темата - како до уставни измени - имало неколку состаноци, на кои станало збор и за враќање/помилување на ГруевскиФотографија: Arbnora Memeti/DW

Многу прашања отвори интервјуто на поранешниот претседател Стево Пендаровски, во кое потврди дека во рамки на состаноци за тоа како да се спроведат уставни измени, едно од прашањата за кое се разговарало било и  враќање на Груевски од Будимпешта.

Шпекулациите околу тој состанок (состаноци) беа објавувани многу пати досега. Според Пендаровски, вработен во кабинетот на претседателот, тогаш припадник на т.н. „Огнена група“ (која беше увертира кон формирањето на коалицијата ВЛЕН), од кабината на преведувачот успеал да сними дел од излагањето на  Али Ахмети,  со цел тоа да биде политички употребено против  ДУИ.

Но, далеку пред ова прецизирање од поранешниот претседател, уште по првите шпекулации дека „преведувач снимил дел од разговорот на кој имало и странски амбасадори“ од власта негираа какви било разговори за враќање на Никола Груевски. Но, на терен се водеше битка токму за тоа, па и преку притисоци врз Врховниот суд за оживување на аболицијата од Ѓорге Иванов, за што јавно проговорија и врховните судии.

Не се согласил за помилување

Поранешниот претседател  Стево Пендаровски  во „интервју за 360 степени“ потврди дека во контекст на темата - како до уставни измени - имало неколку состаноци, на кои станало збор и за враќање/помилување на Груевски.

„Станува збор за состанок, состаноци, имаше такви три-четири најмалку и пред тоа и потоа на тема - Америка и Европската Унија сакаат да знаат дали ние имаме план за уставните промени, како би се приближиле до Европската Унија. И тоа беше еден од тие состаноци на таа тема. Бидејќи во тој период имаше шпекулации, морам да бидам искрен и да кажам и во рамки на врвовите на тогаш владејачката  партија СДСМ,  дека наводно јас сум еден од проблемите за тоа бидејќи не сакам да се согласам на помилување на Груевски“, објасни Пендаровски.

Стево Пендаровски потврди дека во рамки на состаноци за тоа како да се спроведат уставни измени, едно од прашањата за кое се разговарало било и враќање на Никола Груевски од БудимпештаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Притоа потсети дека Груевски во тој момент веќе имал две правосилни пресуди и можел да се врати само на два начина: ако биде помилуван од претседателот на државата или ако биде донесен закон за амнестија во Собранието, како што бил донесен во 2018 година, со кој беа опфатни и обвинети за упадот во Собранието, а кои гласаа за промена на Уставот.

Тој чин го заработи епитетот „балкански начин“, според една од сугестиите како да се дојде до мнозинство за уставните измени, кои произлегоа како обврска од Договорот од Преспа. Таква сугестија даде тогашниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, кој изјави дека верува оти осум или девет гласа можат да се обезбедат „со комбинација меѓу балканското и рационалното“.

Донесете си закон за амнестија

Изјавата на Пендаровски ги потврди индициите дека преку истата „формула“ се барало решение и за уставните измени како обврска од европскиот консензус од 2022 година. Тој, како домаќин на средбата ги објаснил неговите позиции и размислување во тогашниот политички контекст.

„И меѓу другите работи велам - слушам дека негде има шпекулации дека треба јас да го помилувам Груевски зашто така е најбрзо да ја завршиме работава, па тој ќе дојде, ќе ги убеди пратениците на  ВМРО ДПМНЕ,  извесна бројка - и ќе се гласаат измените. Јас реков - на тоа да не смета никој. Груевски во ниедна варијанта немам намера да го помилувам. Ако сакате толку - се обраќам на овие што се од владејачкава коалиција, закон за амнестија, во парламент имате доволно мнозинство, терајте“, им порачал Пендаровски на присутните од СДСМ и ДУИ.

Сето ова се случувало во присуство на амбасадорите на  САД  и ЕУ, кои пак во тој период на последователни скандали во судството и Судскиот совет, јавно и интензивно укажуваа на потребата од независно судство и посочуваа колку средства од нивните буџети биле дадени во Македонија за таа цел.

„Што мислите вие - прашуваа странците. И тие даваа свој предлози, да не откривам детали. Значи, и Американката и Гир даваа свои предлози како полесно до таа варијанта или прашуваа, а зошто не би направиле вака? Тоа е ваше, меѓутоа каде ние можеме да помогнеме и така натаму и така натаму“, раскажа Пендаровски за разговорите, без детали какви предлози дале амбасадорите.

Измени на Кривичниот законик

Единственото што минатата власт успеа да спроведе, беа  скандалозните измени на Кривичниот законик,  со кои многу високопрофилни случаи застареа, а потегот беше  жестоко критикувани од ЕУ.  Пендаровски не го помилува Груевски, но го потпиша указот за тие измени, и покрај бројните повици да не го прави тоа.

Во тој период излегоа и информации од каде потекнува фамозното мемориско стикче, на кое биле напишани предлозите што треба да се смени во Кривичниот законик, што од Будимпешта (од Груевски) преку посредник било испратено во посебни примероци до три лица од тогашната власт.

Претходно беа објавени и сознанија за тајни средби во Струмица (за време на мандатот на Ковачевски), на кои, според шпекулациите, поранешниот премиер  Зоран Заев  кумувал на предлог за евентуална широка влада без присуство на ДУИ. Тоа беше повод Али Ахмети (придружуван од Артан Груби) за прв пат да оди во Струмица на разговори со Заев. На средбата со Ахмети биле отфрлени наводите дека се подготвува евентуално маргинализирање и праќање на ДУИ во опозиција, а Заев, Ахмети и Груби разговарале и како да се дојде до 80 пратеници за најавените уставни измени и внесување на Бугарите во највисокиот правен акт.

Широка коалиција

На прашањето дали широка коалиција била една од идеите на Американците во тоа време, Пендаровски, завчера даде потврден одговор.

„Идејата за широка коалиција е дискутирана меѓу Заев и Мицкоски“

„Од сите работи кои не сакам да ви ги кажам, ова се решив на крај да ви кажам, затоа што е јавно промовирано од поранешниот премиер Зоран Заев. Идејата за широка коалиција е дискутирана меѓу Заев и  Мицкоски -  да се направи широка коалиција и две точки има тој речиси неформален договор - прво, денес Бугари во Устав,  утре предвремени избори. ВМРО добива избори година дена минимум порано од регуларниот термин, а политичкиот товар го поднесуваме сите и после тоа тераме не само кон Европска Унија, туку и без таков товар тераме во развој на државата многу побрзо. Таа идеја ја поддржа меѓународната дипломатија, вклучително и американската дипломатија“, посочи Пендаровски.

Во период кога опозициската СДСМ по неколку пати на ден одржува прес-конференции или дистрибуира соопштенија со заложби за спроведување на уставните измени и ја критикува власта за мешање во обвинителството и судството, изјавите на Пендаровски го компромитираат легитимитетот на СДСМ да бара поддршка на неодамна промовираниот Фронт за вистина и правда.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми