1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамЈемен

Ќе ги штити ли Германија бродовите во Црвено Море?

27 декември 2023

Операција „Просперити гардијан“: САД и другите земји сакаат да ги запрат нападите на бродовите од страна на милициите на Хутите од Јемен. Бундесверот веројатно ќе се приклучи- ако Бундестагот се согласи.

Хутите го киднапираа бродот „Галакси лидер“
Хутите го киднапираа бродот „Галакси лидер“ во Црвено МореФотографија: Houthi Media Centre/AFP

Ако се верува на сегашните гласови во политички Берлин, Бундесверот е на прагот на својата следна важна странска мисија: во јануари или февруари 2024 година Германија ќе се приклучи кон заштитната мисија предводена од САД во Црвеното Море. Под услов Бундестагот да даде своја согласност. Зашто, Бундесверот е парламентарна армија и секој негов мандат во странство мора да добие мандат во Бундестагот.

Една од најважните поморски рути во светот

САД на операцијата ѝ го дадоа името „Просперити гардијан“ или „Чувари на благосостојбата“, а поддршка  за неа побараа од 40 земји. Името на операцијата во случајов е нејзина програма, зашто од аспект на западните земји, навистина е во прашање обезбедувањето на благосостојбата, односно сигурноста на важни поморски рути. Учество веќе потврдија Франција и Велика Британија, а веројатно ќе следи и Германија. Причина се постојаните напади од страна на  Хутите, бунтовници од Јемен   поддржувани од Иран,  врз бродовите  кои од Азија поминуваат низ Суецкиот канал на пат кон Европа и обратно.

Колку е важна оваа рута, покажуваат импресивни бројки: околу 10 проценти од светската трговија се одвива преку оваа рута, како и 30 проценти од контејнерскиот бродски сообраќај. Во изминатиот месец беа регистрирани околу 20 напади врз бродови, со масивна употреба на оружје, како борбени дронови и ракети.

Германската влада: „Постои право на сигурност“

Портпаролот на канцеларот Олаф Шолц, Штефен Хебештрајт, неодамна потврди дека владата разгледува германско учество во мисијата. Изборот на зборовите открива дека учеството е многу веројатно: „Постои право на сигурност. Постои и слобода на движење во морињата. Ако тоа е загрозено, од светската заедница се бара сузбивање на вакви закани“.

Малку повоздржано звучеше портпаролот на министерката за надворешни работи Аналена Бербок, Кристијан Вагнер: „Вршиме интерна проверка и доколу донесеме одлука за учество во оваа мисија, ќе информираме врз која основа и каков мандат ќе му предложиме на Бундестагот“.

И опозициската ЦДУ е веројатно согласна

За тоа постојат неколку можности: до април 2022 година на пример Бундесверот учествува во борбата против пиратите на Рогот на Африка, мандатот во рамките на ЕУ истекува на крајот на 2024 година. Во Берлин постојат размислувања овој мандат да биде проширен на мисијата во Црвено Море. Освен тоа, „Хесен“, една од регатите на Бундесверот, ја завршува својата акција во Балтичко Море на крајот од годинава. Фрегатата би била идеална за растоварување на американските или британските бродови во Црвено Море.

Уште сега е јасно дека во Бундестагот ќе има мнозинство за мисијата, сеедно со каков мандат. Претставници на СПД, Зелените и Либералите сигнализираа согласност. Мари-Агнес Штрак-Цимерман од ФДП на пример за „Зиддојче цајтунг" изјави: „Германија е трета светска извозна сила и за нас поморските блокади се важни, секој ќе почувствува доколку одредени производи или компоненти не стигнат до Европа.“

И опозициската ЦДУ не е против мисијата – Јохан Вадефул за ДВ изјави: „Германија има одредени ограничувања при вакви ангажмани. Но, според мене, ние како опозиција ќе ги поддржиме САД и оваа операција.“

Долга заобиколница околу Африка

Но Вадефул предупреди од избрзување: „Германскиот Бундестаг ќе се состане во втората недела во јануари. А САД и Велика Британија се веќе присутни на теренот, заедно со Велика Британија, Франција и Италија, можеби и Шпанија. Значи, не е итно и Германија да се приклучи веднаш на коалицијата. Но, ние сме спремни за носење одлука во Бундестагот. Ако е потребна наша помош, Германија може да придонесе успешно со поморска мисија.“

Многу големи бродски компании во моментов избираат долг заобиколен пат околу Африка. Тоа значи до две недели подолг пат. За какви акции се спремни Хутите, покажува киднапирањето на бродот „Галакси лидер“ во ноември, и покрај барањата на бројни држави, посадата уште не е ослободена. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми