1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли новиот закон да го расчисти чадот од цигарите?

12 јануари 2026

Македонија воведува ригорозни забрани и казни за пушење. Новиот закон на тест на јавноста - ќе поминат ли ограничувања за цигари, електронски цигари и ароми за заштита на здравјето?

Девојка пуши цигара 30 октомври 2005
Македонија воведува ригорозни забрани и казни за пушењеФотографија: Picture-Alliance/KEYSTONE

Македонија планира ригорозни мерки за борба против штетните последици од пушењето. Новиот предлог-закон за заштита од пушење, објавен на ЕНЕР, предизвика силни реакции во јавноста. Некои го поздравуваат, други остро го критикуваат ограничувањето на продажбата и забраната за пушење во јавни и работни простории.

Македонија веќе подолго време е на листата на земји со повисоки стапки на пушење во регионот. Анализите покажуваат алармантни податоци - 40 проценти од младите до 18 години пушат, а најфрапантно е што децата веќе на 13 годишна возраст посегнуваат по цигарите.

Здравствените лица се децидни - тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт. 

„Изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и оние што не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите и агресивниот маркетинг се насочени кон младите“, вели министерот за здравство Азир Алиу.

Според него, целта на законот е превенција, заштита на јавното здравје и најранливите категории граѓани. Министерството за здравство нагласува дека ова не е казнена мерка, туку стратегија за подобрување на здравјето и намалување на зависноста од никотин.

Што предвидува предлог-законот за пушење?

Предлог-законот е објавен на ЕНЕР, каде што граѓаните и организациите можат да учествуваат во јавната расправа. Дали законските измени ќе претрпат промени ќе се знае наскоро. Законот предвидува:

  • Целосна забрана за пушење во јавни и работни простории.
  • Забрана за рекламирање, промоција и спонзорство од страна на тутунската индустрија.
  • Ограничување на продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи.
  • Усогласување со европската регулатива и меѓународните обврски

„Со овој закон испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од кој било комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор“,  се наведува во соопштението од Министерството за здравство. 

Министерот за здравство Азир Алиу најавува нови мерки против пушењетоФотографија: Alfred Hofer/Colourbox

Каде ќе важи забраната за пушење?

Доколку биде усвоен предложенот закон, пушењето ќе биде забрането во и пред здравствени установи, училишта, културни и спортски објекти. Исто така не ќе може да се пуши во објекти за грижа на деца, игротеки, државни институции, во сите видови јавен превоз, аеродроми, автобуски станици, пристаништа. Забрана за пушење ќе има и во приватни возила во присуство на дете, во угостителски објекти и заеднички простории на станбени згради.

Законот забранува производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми или вкусови, вклучувајќи електронски цигари и течности за нив. Оваа мерка има за цел да го намали привлекувањето на младите кон овие производи.

Строго се забранува и рекламирање и промоција на тутунски производи, прикажување на производи во компјутерски игри, телевизиски содржини, блогови и социјални мрежи, како и спонзорирање јавни настани и медиумски продукции.

Казни за прекршување на законот

Спроведувањето ќе го вршат повеќе институции: Државниот пазарен инспекторат, санитарниот инспекторат, инспекторатот за труд, МВР и други надлежни органи. Контролата ќе биде засилена, а објектите ќе мора да постават јасни ознаки за забрана на пушење. Предвидени се и казни за оние коишто нема да го почитуваат законот: 

  • за мали правни лица: 2.000–3.000 евра
  • за средни правни лица: 3.000–4.000 евра
  • за големи правни лица: 4.000–5.000 евра
  • и за физички лица: 150–300 евра

Очекувањата се дека забраната ќе го намали бројот на пушачи, ќе го заштити здравјето на младите и ќе го усогласи законодавството со европските стандарди.

Според минатогодишните статистики на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи. Тоа е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти. Според СЗО, трошоците за цигари изнесуваат 38 милијарди денари годишно што е црвен аларм за преземање итни мерки за намалување на оваа загуба.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми