1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе им поверува ли Брисел на нашите солзи и фрустации?!

20 септември 2024

Добар дел од кавгата со Софија, како и пораките на Мицкоски до Брисел беа повеќе за внатрешна употреба, но тие не ја решаваат внатрешната енигма околу европскиот пат на Македонија. Пишува Ивор Мицковски.

Што реално Македонија може да добие во наредните месеци и години доколку во октомври или до крај на годината не се отвори втората Меѓувладина конференција со ЕУ?Фотографија: DW/M. Maksimovic

Неуспешната културна дипломатија на македонската претседателка во Софија, која потоа се претвори во своевиден „скандал“, затоа што беше пречекана без државни обележја, како и серијата кавги и заемни обвинувања кои потоа следуваа на релација Софија-Скопје, послужија како претходница за посетата на премиерот, Христијан Мицкоски, на шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски и на министерот за европски прашања Орхан Муртезани на Брисел.

Македонската делегација замина за Брисел со нешто што тие го нарекуваат „Француски предлог плус“ со кој ќе се бара согласност на ЕУ за одложено дејство на уставните измени, но и со ставот на премиерот дека оди во Брисел да ја пренесе македонската фрустација, и каде на средбите со претседателите на Европскиот совет и Европската комисија го истакнал ставот дека интеграцијата на ЕУ треба да се темели на напредок, а не на билатерални прашања.

Што се однесува до посетата на Силјановска и „скандалот“ со знамето, мислам дека и во Македонија и во Софија целата работа помина со еден ексцес на индигнација. Првично како екцес на индигнација токму од оние кои ја прифатија преговарачката рамка која ги европеизираше бугарските барања, од оние кои има серија на протоколарни грешки во минатото и оние кои не лажеа дека остануваат уште уставните измени и влегуваме во ЕУ. Оние што не понижија во суштината, сега беа понижени од сликата или од формата.

Се разбира, однесувањето на бугарските домаќини беше под секое ниво, но тоа не беше ниту првата, ниту најстрашната од бугарските провокации и непријателски акции кон Македонија и нејзините државни преставници. Ако целта на Софија, поточно на Радев беше да не понижи, дефокусира и да покаже до кој степен сме внатрешно поделени, кога во реалноста бугарската политичка поделеност е поголема и од нашата, тогаш дефинитивно успеаа во намерите. Но, во тој процес на Софија и помагаме и самите кога секој пат, на едно исто сценарио реагираме со вчудоневиденост, бес, па дури и паѓање под нивото на бугарската политика. 

Неуспешната културна дипломатија на македонската претседателка во Софија се претвори во своевиден „скандал“: Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот колега Румен РадевФотографија: President RNM

Тешко дека во Брисел ќе ни поверуваат на нашите солзи

Знаете, во демократијата глас имаат дури и политичарите кои се шовинисти и националисти, кои водат непријателска политика и навистина би требало да престанеме да се згадуваме, да плачеме и да се онесвестуваме секој пат кога ќе го кажат своето. Така само им даваме сила на нивните празни теории и лаги, додека нашиот ексцес на индигнација само ја издава нашата слабост и ранливост.

Не се сомневам дека на Владата и одеше во прилог оваа последна случка или „скандал“, каде по подолго време, повторно навредени и посрамени, ние испаднавме како жртви, а Бугарија како насилник. Но, ваквиот след на настани сега не повикува и на тежок испит, да одбереме или да сфатиме дали некои свесно бираат да пресечеме со Бугарија и да ги прекинеме сите односи. За жал, верувам дека така ќе пресечеме и во односите со Брисел.

Посетата на Брисел и средбата со старо-новата претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која во меѓувреме го претстави својот тим за следната Европска комисија и ја зголеми својата моќ, носи со себе уште еден екцес од страна на нашата Влада, а тоа е претераноста на самодовербата дека нешто навистина можеме да промениме, односно, да ги аброгираме условите на преговорачката рамка и да добиеме некакви гаранции дека бугарските барања се последната пречка кон ЕУ.

Урсула фон дер Лајен на претставувањето на новиот состав на Европската комисијаФотографија: Philipp von Ditfurth/dpa/picture alliance

Се разбира, новата Влада која се противеше на уставните измени и влезот на Бугарите во Уставот има право да презентира свој нов концепт, како што има и право да ги нагласи неправдите кон Македонија и фрустациите на нејзините граѓаните, но тоа само по себе не значи дека во Брисел ќе ни поверуваат на нашите солзи. Уште потешко пак е дека Бугарија набргу ќе направи отстапка за да може да се одржи меѓувладина конференција и со Скопје. Тоа е така од простата причина што условот за нашето напредување е содржан во Преговарачката рамка која ја усвои Советот на ЕУ со консензус. Промената на Рамката подразбира повторно консензус. Со други зборови за да ја промените преговарачката рамка ќе биде потребно да се согласат сите држави-членки, односно, пред се да се согласи Софија која нема никаков интерес тоа да го направи. Неверојатно е да се верува дека Бугарија која извлече максимални концесии би се согласила на нов договор, од кој би добила помалку од тоа што веќе го има добиено.

Капитулирање пред бугарските барања?

Со тоа, нашиот европски пат се блокира на подолго време, или барем додека ЕУ не спроведе суштински реформи, ако воопшто ги спроведе во наредните 5 години, за елиминирање на националното вето. Оттука, нашата борба за напредок и влез кон ЕУ, би се претворила буквално во борба за преговарачката рамка или како што велат нашите претставници, во борба за заштита на политиката на проширување. Тоа е навистина една амбициозна агенда и помалку промашена инвестиција, затоа што се стреми да промени нешто што самите 27 членки се мачат да го променат.

Што пак реално можеме да добиеме во наредните месеци и години доколку во октомври или до крај на годината не се отвори втората Меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ? Албанија ќе ги продолжи преговорите за членство надвор од пакетот сo Македонија, а Комисијата може да заклучи дека во Скопје нема политичка волја за исполнување на условите од преговарачката рамка. Неминовно е дека после таков исход треба да очекуваме политички тензии и една помала или поголема криза со албанската опозиција, која заостанувањето зад Албанија ќе го опише како катастрофално за Албанците во Македонија. Неминовно е и дека ќе имаме заостанување во реформите, затоа што како што секогаш се покажало, без притисок од надвор тешко се нафаќаме со носењето на Европа дома.

Борбата на Македонија за напредок и влез кон ЕУ, би можела буквално да се претвори во борба за преговарачката рамкаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Оттука, должноста на новата Влада, која презентира нов концепт во Брисел, е да презентира и пред своите граѓани кои се следните чекори во случај нивниот „плус“ предлог да не биде прифатен и да заглавиме со евроинтеграциите. Верувам дека добар дел од кавгата со Софија, како и пораките на Мицкоски до Брисел беа повеќе за внатрешна употреба, но тие не ја решаваат внатрешната енигма околу европскиот пат на Македонија. Ќе тераме контра, ќе се бориме за заштита на вредностите и принципите на Европа, ќе јадеме ли корења, ќе се крстиме во Орбан и Вучиќ, а можеби и во Трамп, или што ќе правиме, доколку Брисел не поверува во нашите солзи и фрустации?!

Или пак, по сите обиди за промена на непроменливото и по изгубеното време, сепак ќе капитулираме пред бугарските барања?! На ова прашање ни е потребен итен план и одговор.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми