1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ја „изеде“ ли кризата средната класа во Германија?

Лиза Хенел
22 октомври 2022

Сѐ поголемите цени за енергенси, растечката инфлација која ги „голта“ платите им се проблем на сѐ поголем број луѓе во Германија. Оваа криза има потенцијал да ги разниша темелите на општеството – средната класа.

Страв од осиромашување на средната класа во Германија
Страв од осиромашување на средната класа во ГерманијаФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Тие се многубројни и досега живееја добро: просветни работници, државна администрација, занаетчии. Групата во општеството со средни примања, односно средната класа, е столб на германското општество. Постојат разни дефиниции за припадност во средната класа, но во основа може да се каже дека се тоа луѓе кои заработуваат од 80% до 150% од  просечната плата.

За самците тоа е меѓу 1350 и 3000 евра нето приход месечно, додека за семејство оваа сума е меѓу 2800 и 5000 евра. Оваа група опфаќа вкупно 50% од населението, значи секој втор во земјата. Средната класа генерира најголем дел од даноците со што придонесува да се осигура социјалната држава и благосостојба, а тие обично имаат голема доверба во демократијата и обезбедуваат одреден степен на стабилност.

Со децении се сметаше дека е пожелно да се биде дел од средната класа,  па во неа  самите се вбројуваа и лица кои социо-економски и не припаѓаат таму. Според истражувањето на фондацијата Бертелсман и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), околу 73% од граѓаните во земјата се сметаат себе си дека и припаѓаат на средната класа.

Платите во Германија - кој колку заработува?

02:30

This browser does not support the video element.

„Во Германија сѐ уште има релативно широка средна класа во која спаѓа значителен дел од населението или од која може да станете дел ако сте вредни и вложувате напори. Средината од секогаш било точка кон која се насочувале аспирациите за статусен симбол на оние кои уште не припаѓаат во таа средна класа. Таа беше интеграциски центар на општеството на кое човек сака да му припаѓа,“ вели за ДВ, Партик Захве од Истражувачкиот центар за нееднаквост и социјална политика на Универзитетот во Бремен.

Долго време средната класа во Германија е перцепирана како престиж и ветување за напредок. Таа, до одредена мера тоа е и денес, бидејќи според статистиката на Организацијата за економска соработка и развој, средната класа во Германија е нешто над европскиот просек.

Но, во некои земји како Данска и Словачка, таа е значително над тој просек. Но, се чини „розовите времиња“ завршија. Во споменатото истражување се вели дека за „младите е сѐ потешко да си осигураат место во средната класа.“ Веројатноста да стасаат до ваков статус со просечни примања  е за десет проценти помала отколку во деведесеттите.

Средната класа е хетерогена

И средната класа опаѓа. Уделот на групата со средни просечни примања од 1995 до 2018 се намалил од 74% на 67%. Најголемиот пад е во 2005 година. Но, овој тренд не ја опфаќа цела средна класа. Бидејќи средната класа не е хомогена група. Разликата во приходите меѓу долната и горната средна класа е од неколку илјади евра месечно. Исто така падот кај нискиот слој и зголемувањето кај повисоките општествени класи се интензивирани.

„И понатаму имаме широка и стабилна средна класа, но таа се распаѓа во долниот дел“, вели за „Шпигел“ Доротеа Шпанангел, директорка на Одделот за политика за прераспределба на Економскиот и социолошки институт, ВСИ, на Фондацијата Ханс Болер, блиска до синдикатите. Таа додава дека „чувството кое преовладуваше порано дека со добро стручно образование човек има  загарантирано добар приход  и можеби ќе може да си купи куќа, постепно исчезнува.“ Последиците од тоа се: наместо верба во ветување за општествен напредок, настапува страв. Кристоф Бутервеге кој се занимава со проучување на сиромаштијата, за германските медиуми изјави дека сиромаштијата одамна не е само проблем на маргинализираните групи туку се појавува и кај сосем нормални семејства. Првите статистики го потврдуваат тоа. На пример, Организацијата за истражување на потрошувачите, ГфК, никогаш во својата историја не регистрирала полоша вредност кај Германците во однос на очекуваниот приход во иднина. 

Се губи сигурноста за сигурен и обезбеден живот Фотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

Се шират страв и загриженост

Прашавме и во волонтерските советувалишта за должници и случаи на стечај за Келн и регионот. Стравот дека растечките цени и трошоците за струја веќе нема да може да ги сносат, таму се присутни. „Ни се јавуваат колеги од градските служби кои сакаат да добијат обука за справување со социјални кризи. Мора да се справуваат со луѓе кои се јавуваат во очај и имаат голем страв", ни раскажува референтот Мартин Дебенер. Тоа го потврдува и Маике Корс од советувалиштето за должници. „Забележуваме дека има многу луѓе кои припаѓаат во долната средна класа, кои одат на работа и кои всушност сосем добро би се снаоѓале со своите примања, но заради високите кирии, финансиските обврски и животните трошоци со платите што ги имаат брзо доаѓаат во тесно." Долната средна класа - тоа се самци кои имаат околу 1400 евра месечно на располагање. Такви во 2018 имало 18 милиони во земјата. И социологот Захве во нив гледа група која може да биде многу погодена од инфлацијата и енергетската криза. „Просечните примања во долната средна класа се окоѓу 40 илјади евра годишно, а многумина веројатно имаат и многу помали примања. Па така и резервите кои евентуално би биле од помош за амортизирање секако се помали." Истражување на германската економија покажало дека  сиромаштијата предизвикана од високите цени на енергијата  ја тангираат и долната средна класа, а тоа е случај кога едно домаќинство мора повеќе од десет проценти од нето примањата да ги троши на сметки за енергенси. Меѓу 2021 и мај 2022 двојно е зголемен бројот на такви домаќинства во долната средна класа, на околу 41 процент. Тоа значи дека  многу луѓе запаѓаат во потешкотии ако немаат резерви  за да се справат со експлозивно растечките цени на енергијата. Задача на политиката е да не заборави на тие лица и да ги поддржи точно по нивна мера.

Се менуваат сфаќањата

Иако средната и високата класа веројатно помалку ќе бидат погодени од енергетската криза и инфлацијата во претстојните месеци, Захве сепак забележува разлика во односна претходни кризи. Може да се промени она што било само по себе разбирливо за овој самосвесен и добро ситуиран столб на општеството. До сега средната класа негуваше еден животен стил кој Захве го опишува како „интензивна работа за статус”.  Тоа значи дека владееше претставата дека заработеното може да се инвестира за да се постигне убава добивка, на пример во сопствена недвижнина. Но, со каматите и растечките цени тоа сѐ помалку ќе биде достижна опција за луѓето од средната класа.

За да го амортизира тој момент, средната класа би можела да се промени во правец на тоа дека наместо во “материјално” ќе инвестира во „човечки капитал”, вели Захве.  Со други зборови: во образование, на пример на своите деца. Сето тоа во надеж дека на децата ќе им успее она што било од секогаш примамливо за средната класа: благосостојба, напредок и цврсто место во општеството.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми