1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Ќе најде ли Трамп половина милијарда долари?

Тагесшау
25 март 2024

Доналд Трамп треба да плати околу 454 милиони долари кауција во судски процес за измама. По првичните потешкотии, тој ја стокмил сумата, но потеклото на парите е нејасно.

Трамп кула Њујорк
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Њујоршката обвинителка се заканува дека ја има во видно поле кулата на Трамп. Историската зграда позната како „40 Волстрит“ се наоѓа наспроти Берзата, не многу далеку од канцеларијата на обвинителката Летиција Џејмс која, како што вели, подготвила сѐ за веднаш по истекот на рокот да ја конфискува кулата и други недвижности од организацијата на Трамп. „Ќе ги употребиме сите инструменти за да јаспроведеме пресудата”, рече Џејмс за Еј-Би-Си и додаде дека ќе бараат од судијата „да ја провери имотната состојба”. Доколку Доналд Трамп не обезбеди околу половина милијарда долари кои од него се бараат како кауција за паричната казна, правосудните органи од Њујорк веднаш би можеле да преземат дејствија.

Пресудата против Трамп и двајца негови синови ја изрече судијата Артур Енгорон во февруари годинава за „полирање“ на билансите на семејниот холдинг за да се измамат осигурителни друштва и банки. Осудените поднесоа жалба, но до одлуката мора да се обезбеди и кауција - во кеш или други гаранции.

„Никој не располага со толку кеш пари“

„Тоа е невозможно“, велат адвокатите на Трамп. Минатата недела изјавија дека нивниот клиент нема толкава ликвидност што за поранешниот реонски обвинител Адам Кауфман не е чудо. „Никој не располага ад хок со толкава сума кеш пари, дури ни најголемите мултимилијардери од Америка”, рече тој на гостување во студиото на АРД во Њујорк. Во потрагата по кеш на Трамп врата му затвориле и 30 здруженија за кауција. „Богатството на Трамп е во најголем дел во недвижности, а здруженијата нив не ги прифаќаат како гаранции”, вели Кауфман.

Колкаво богатство има Доналд Трамп?Фотографија: Eduardo Munoz/REUTERS

Колку пари има Трамп?

Не е познато колкаво богатство има бизнисменот Трамп, кој според Форбс тежи околу 2,6 милијарди, но не во кеш. Од богатството во недвижнини нејасно е колкав дел де факто му припаѓа на Трамп затоа што многу од нив имаат хипотеки, или се продадени и му го носат само уште името, како што е случајот со кулата Трамп на Волстрит, чии формални сопственици се германска бродоградска фамилија и нивни бизнис партнери. Трамп, според документите, е само закупец, а приходите од кирии од преку 660 милиони долари во процесот беа разобличени како напумпани. Нејасно е и колкав дел му припаѓа на Трамп од препознатливиот црн облакодер на Петтата авенија. За експертите е јасно дека пресудата е едно, но обезбедување на имот од Трамп за гаранција е друго прашање и нема да биде едноставно. Дотолку повеќе што бизнисите на организацијата Трамп оделе и преку многу други потфирми.

Обезбедување имот и во странство?

Сепак, обвинителката Џејмс веќе ги има поднесено документите. Според правникот Кауфман таа „прво го таргетира имотот во сојузната држава Њујорк“, но, како што додава тој, „може да го прошири спроведувањето на пресудата и на други сојузни држави и можеби и други земји”.

Така, може да биде засегнат и комплексот за голф во Шкотска, додека прашањето за Трамповата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида не е толку едноставно. Кауфман вели дека според важечкото право не смее да биде конфискувана приватна резиденција на граѓаните. Мар-а-Лаго е мешавина од приватен и бизнис имот.

Трамповата резиденција Мар-а-Лаго во ФлоридаФотографија: Joe Raedle/Getty Images

Пресудата во предизборната кампања

Што и да се случи по истекот на рокот (рокот истекува денеска, 25.03.2024), тоа ќе оди на сметка на Трамп. Си-Ен-Ен веќе го гледа претседателскиот кандидат во „паника”. Додека неговите адвокати се обидуваат да издејствуваат намалување на висината на кауцијата, Трамп спектаклот си го користи во предизборната кампања. Републиканецот кој ужива во имиџот на успешен бизнисмен, во постапките наоѓа потврда дека Демократите го имале пикирано неговиот имот и се занимаваат со „лов на вештерки". Неговиот тим со повикот „тргнете ги вашите валкани раце од кулата Трамп” иницираше собирање донации од приврзаниците за кауцијата, и тоа во износи од 20 до 3.300 американски долари. Во петокот Трамп изненади со една зделка - неговата медиумска фирма фузионираше со корпорација без оперативен бизнис и по брза постапка стигна на берзата. На тој начин Трамп доаѓа до пакет акции вредни три милијарди долари. Но, ниту од нив нема пари, бидејќи мора да поминат шест месеци пред тие да може да се продадат.

Кредит од непознат извор

Сепак, Трамп кратко пред истекот на рокот јави дека ги собрал парите. На Ен-Би-Си тој изјави: „Сакаат само да ми ги земат парите за да не ги користам во предизборна кампања.“ Тоа е една „корумпирана група луѓе” кои сакаат да влијаат на изборите, вели Трамп. Тој не октрива од каде му е финансиската помош и, според експертите, и не мора да го направи тоа.

Кауфман оценува дека со оглед на кредитната предисторија на Трамп, тешко дека доверители и големи американски донатори се подготвени на такво нешто. „Неговите - да се изразам фино - интересни бизнис практики во минатото, сега му се трескаат од глава на Трамп“, вели Кауфман.

Се множат шпекулации дека Трамп побарал финансиска помош од Русија или Саудиска Арабија, нешто што неговата адвокатка Алина Хаба не го исклучи во интервју за Фокс Њус. На прашањето дали имало такви обиди, Хаба одговори дека „има правила и прописи кои се јавни“ и дека не може да зборува за стратегијата. „Тоа бара одредени нешта и ние мораме да ги почитуваме тие правила.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми