1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се намести ли Рубиковата коцка за РСМ?

19 јуни 2024

Кредибилната политика на проширување е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот на Европа, порачува Унгарија, која од први јули ќе претседава со Советот на ЕУ.

Рубикова коцка
Рубиковата коцка, изум на унгарскиот архитект и професор Ерно Рубик во 1974 година, е избрана за лого на унгарското претседателство со ЕУФотографија: picture alliance/dpa/B. Thissen

Конзистентно и на заслуги засновано проширување на ЕУ, е еден од седумте клучни приоритети на Унгарија, која од први јули ќе го преземе ротирачкото претседателство со Советот на Европската Унија. Неколку дена пред крајот на актуелното белгиско претседателство, унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока на прес-конференција ги презентираше клучните приоритети на Унгарија во следните шест месеци: нов европски договор за конкурентност; зајакнување на европската одбранбена политика; конзистентна и на заслуги заснована политика на проширување; спречување на илегалната миграција; иднината на кохезионата политика; земјоделска политика ориентирана кон земјоделците и демографски прeдизвици.

На платформата X тој ja објави програмата на унгарското претседателство, како и слоганот „Да ја направиме Европа повторно голема“ (Make Europe Great Again), кој е копија на слоганот на Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“. За лого е избрана Рубиковата коцка, изум на унгарскиот архитект и професор Ерно Рубик во 1974 година, со што годинава се одбележуваат и 50 години од раѓањето на најпродаваната „магична“ коцка во светот.

Според Бока сите главни теми ќе се толкуваат преку рамката на обврската на ЕУ да ја гарантира безбедноста и мирот во Европа.

„Сакаме да најдеме реални решенија за реалните проблеми на Европа“, најави Бока.

Проширувањето како инвестиција

„Проширувањето е една од најуспешните политики на Европската унија, а за да се зачува оваа поволна тенденција, од суштинско значење е политиката на проширување да се одржува заснована на заслуги, избалансираност и веродостојност“, се наведува во програмата на унгарското претседателство.

Со потсетување дека ЕУ долго време се занимава со обезбедување европска перспектива за Западен Балкан, ставот е дека Унијата не може да биде целосна без пристапувањето на тој регион. Во програмата се нагласува и дека интеграцијата на регионот е од корист на ЕУ во економска, безбедносна и геополитичка смисла. Унгарското претседателство најавува дека ќе го унапреди процесот за проширување во согласност со ревидираната методологија, заснована на извештаите на ЕК, следејќи го пристапот заснован на заслуги, а притоа земајќи го предвид и капацитетот на Унијата да апсорбира нови членки.

„Претседателството ќе се стреми да постигне значаен напредок со земјите кандидати и потенцијалните кандидати. Кредибилна политика на проширување е геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа. Посебен акцент треба да се стави на редовниот политички дијалог со земјите партнери и на нивната поддршка во исполнувањето на критериумите од Копенхаген“, се вели во програмата.

Праведен пристап во ЕУ врз основа на копенхашките критериуми, очекува и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која вчера имала средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн.

„Претседателката се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Унгарија како гласен поддржувач на македонската европската интеграција, што претставува наш стратешки и национален интерес и ги поздрави приоритетите на унгарското претседавање со ЕУ и најавите во однос на политиката на проширувањето. Во таа насока, беа разменети информации околу текот на македонските евроинтеграции, при што претседателката го истакна очекувањето дека процесот на пристапување во ЕУ ќе биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми“, се вели во соопштението.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова се сретна со амбасадорот на Унгарија во Скопје, Андраш КлајнФотографија: Presidentoffice North Macedonia

Софија бара исполнување на обврските

Дали ќе се остварат очекувањата на Бока пренесени во дел од европските медиуми - да се одржат меѓувладините конференции за Северна Македонија и Албанија, Србија да отвори нов кластер, а Црна Гора да затвори колку што е можно повеќе, засега е сосема неизвесно. Пред РСМ стои условот земјата да се спроведе уставни измени, а бугарскиот заменик-минстер за надворешни работи, Иван Кондов, пред неколку дена испрати порака дека Софија „ќе продолжи категорично да инсистира на неопходноста Скопје да ги исполни преземените обрски, меѓу кои клучно место има прашањето за гарантирање на правата на Бугарите“.

Бугарскиот претседател Румен Радев, кој на крајот од мај се сретна во Будимпешта со неговиот унгарски колега Тамаш Суљок, посебно се осврна кон европската перспектива на Западен Балкан.

„И двете страни сметаат, дека за да може процесот на проширување да биде одржлив, тој треба да е базиран на известување за сопствените заслуги на секоја држава, како и на исполнување на јасни критериуми и европски принципи. Румен Радев изрази загриженост од неодамнешните изјави на некои водечки политичари кои победија на изборите во Република Северна Македонија, кои се спротивни на заедничкиот европски консензус постигнат во јули 2022 година за почеток на преговорите за членство на земјата. Унгарскиот претседател Суљок во пленарните разговори изјави дека за време на претстојното унгарско претседавање со Советот на ЕУ ќе настојуваат за почитување на досега преземените обврски од страна на потенцијалните земји-кандидати на европскиот пат по кој тргнале“, беше наведно во соопштението од кабинетот на Радев.

И на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Радев порачал дека проширувањето на ЕУ треба да се заснова на јасни принципи и критериуми, чиј главен аспект е добрососедството и почитувањето на основните човекови права.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми