1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се повтори ли и на овој ЕУ-самит трикот со пауза за кафе?

АРД
23 октомври 2025

Кога унгарскиот премиер Орбан ја напушта салата за време на гласање во ЕУ, тоа може да биде корисно - така беше во 2023-тата. На почетокот на денешниот самит на ЕУ повторно го нема Орбан. Дали тоа ќе ја олесни работата?

Маж со темен костум (унгарскиот премиер Виктор Орбан) дава изјава за медиуми пред самит на ЕУ
Унгарскиот премиер Виктор Орбан не е присутен на почетокот на самитот на ЕУ поради празник во УнгаријаФотографија: Thomas Traasdahl/Ritzau Scanpix/REUTERS

Самитот на ЕУ денеска (23.10) ќе започне без унгарскиот премиер Виктор Орбан. 23-ти октомври е национален празник на Унгарија и потсетува на протестите против руската окупација во 1956 година. Се вели дека Орбан планира да учествува на прославата во земјата пред да отпатува за Брисел. Тоа пак предизвика шпекулации во главниот град на ЕУ - дали шефовите на држави или влади ќе ја искористат приликата да донесат одлуки против Русија кои што Орбан можеби би ги спречил? Не би било првпат Орбан да отсуствува во сензитивен момент - во 2023 година шефовите на држави или влади на ЕУ гласаа за преговорите за пристапување на Украина кон ЕУ кога - по предлог на германскиот канцелар Олаф Шолц - Орбан ја напушти просторијата за пауза за кафе. За Орбан тоа беше начин да си го спаси образот, а за ЕУ - излез од ќорсокак.

Пари за Украина

На самитот ќе се разговара за руски средства, кои во најголем дел се складирани во Белгија. ЕУ ги замрзна средствата на Руската централна банка, Русија нема пристап до нив. Затоа тие се нарекуваат и „замрзнати средства“. Тие сега треба во некаква форма да ѝ се најдат на Украина.

На земјата најдоцна следна година ќе ѝ бидат потребни дополнителни милијарди за одбраната од Русија. Станува збор за околу 140 милијарди евра што ќе се користат како гаранција за заем. Сепак, Белгија бара сите земји од ЕУ да преземат гаранции. Малата земја стравува од тужба вредна повеќе милијарди евра од страна на Москва. Една од целите на самитот е шефовите на држави или влади да дадат зелено светло за изработка на нацрт план како да се користат руските средства за да се помогне на Украина. А, Орбан ќе може да каже дека не бил таму.

Во 2023 година шефовите на држави или влади на ЕУ гласаа за преговорите за пристапување на Украина кон ЕУ кога - по предлог на германскиот канцелар Олаф Шолц - Орбан ја напушти просторијата за пауза за кафе (архивска фотографија)Фотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

Натегање за мировен процес за Украина

Орбан сакаше наскоро да биде домаќин на самит на рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, но од тие планови нема ништо бидејќи претставите на двајцата претседатели за прекин на огнот во Украина очигледно се толку различни што Трамп сепак нема да лета преку Атлантикот. „Не одржувам состаноци на кои ништо не се постигнува, не сакам да си го губам времето“, наведе Трамп.

Но, шефот на унгарската влада и натаму има надеж. „Датумот е неизвесен, кога ќе дојде време, ќе го одржиме самитот“, напиша тој на социјалните мрежи.

Значи, Европејците повторно се препуштени самите на себе. Заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој присуствува на самитот, работат на план од дванаесет точки. Планот, меѓу другото, ја третира актуелната линија на фронтот како почетна точка за преговори. Покрај тоа, треба да биде зголемен и економскиот притисок врз Москва. САД очигледно ќе бидат вклучени во процесот - преку гремиум кој ќе го надгледува спроведувањето на договорот, а со кој ќе претседава Трамп. Планот го следи веќе познатиот урнек од планот на Трамп со 20 точки за Појасот Газа.

Планирани се дополнителни санкции

Една од малкуте конкретни одлуки од самитот на ЕУ би бил 19-тиот пакет санкции против Русија. Откако и Словачка сигнализираше дека би го одобрила, Русија мора да смета со дополнителни санкции кои, меѓу другото, вклучуваат некупување руски течен гас од 2027 година натаму, натамошни мерки против т.н. флота во сенка на Русија, како и против компании од Кина и Индија кои продолжуваат да соработуваат со Москва. Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, неделава изјави дека ова нема да е последниот пакет санкции против Москва.

Русија мора да смета со дополнителни санкции од ЕУФотографија: picture-alliance/RIA Novosti/V. Sergeev

Спор околу намалувањето на бирократијата

Друга тема треба да биде конкурентноста на земјите-членки на ЕУ. Пред самитот претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, прими писмо кое беше мошне јасно. 19 премиери се именувани како испраќачи, а сосема на врвот стои Берлин. Тие бараат радикална промена на курсот во однос на европските прописи - и тоа брзо.

Веќе до крајот на годината, ЕК треба да спроведе темелна ревизија на европската регулаторна рамка и да наведе како застарените и прекумерни регулативи може да се поедностават, или целосно да се укинат. ЕК треба брзо да презентира планови за тоа како процедурите за планирање и одобрување за лансирање нови производи на пазарот, или изградба на фабрики и енергетски мрежи, би можеле да бидат забрзани. Се бара и модернизација на законот за конкурентност на ЕУ. Првите чекори треба да се преземат уште на тековниот самит, а потоа, веќе во февруари следната година, треба да има и вонреден самит.

Постепено укинување на моторите со внатрешно согорување и климатски цели

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, исто така напиша писмо во кое ја брани нејзината политика за климата. „Го загрозуваме нашиот просперитет доколку нашата заедница стане непогодна за живеење“, пишува таа. Дали тоа значи дека климатските цели за 2040 година ќе останат на сила? Тие во суштина предвидуваат намалување од 90 проценти на емисиите на ЦO2 во споредба со 1990 година, што за некои земји е премногу, особено ако тоа значи дека веќе нема да може да се произведуваат автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Но, не се сите земји заинтересирани да го откажат т.н. Зелен договор, па така Франција и Шпанија неодамна објавија дека сакаат да се држат до постепеното укинување на моторите со внатрешно согорување до 2035 година.

Авторка: Сабрина Фриц, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми