1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Русинот кој недостасува во Вашингтон

25 мај 2023

Парадоксот на американската политика кон регионот: измачуваните од комунизмот беа потребни за да се разбере Југославија, но мачителите од комунизмот беа фаворизирани и за воспоставување мир и статус-кво во регионот.

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Веста за номинацијата на Џејмс О'Брајен за помошник државен секретар за Европа предизвика голем интерес во регионот. Впрочем, како и секое друго именување на било која позиција поврзана со нас. За разлика од претходните, ова именување е пречекано со невообичаено позитивни реакции на познавачите (и критичарите) на Стејт Департментот од Вашингтон до Балкан, сетики во надеж дека новиот човек ќе донесе поинаков пристап. Човечки е да се надеваме, но коректно е да потсетиме дека скраја нашата балканоцентричност, функцијата сепак се однесува на поширок простор, а не само за нашиот регион.

Како што напоменав, номинацијата беше поздравена од добронамерните, но критички настроени набљудвачи и познавачи на регионот. За жал, и достојно за самокритика, досега барем критичките тонови не беа надоврзани со написи, анализи, коментари, укажувања, совети за номинираниот кандидат како да се надмине сегашната, без преседан критична и критичка настроеност кон Стејт Департментот, особено од прозападните, либерал-демократски кругови во регионот. Она што е веќе евидентно е дека симптоматичниот рефрен „се е исто веќе 30 години” се слуша насекаде низ регионот како мрачна констатација за непроменливоста на состојбите. А таа констатација – некогаш полугласно а сега мошне бурно – се става во контекст на несомненото клучно влијание на дипло-центарот на САД врз домашните политички состојби и односи. Што нужно укажува на неопходноста на драстичен – не нужно и драматичен - рисет на начинот на кој Стејт Департмент ги согледува, креира и диктира односите на теренот, т.е. кај нас. Притоа, таквиот пресврт или рестарт не подразбира нужност за измислување нови политики, туку напротив – враќање на прелесно напуштените, пребрзо заборавените почетоци на американскиот пристап кон регионот. Затоа, да се навратиме на минатото за да ја разбереме промената која недостасува.

Сведоштвото на Комрас 

Можеби не најпопуларните, но секако едно од најинформативните и поучни четива за политиките на САД кон екс-Југославија во периодот на предвоените дејства е сведоштвото на американскиот дипломат Виктор Комрас дадено за проектот на Орални Истории на американскиот Конгрес. Читањето на сведоштвата на Комрас, кај нас познат како човекот кој ја отвори американската амбасада во независна Македонија, е безмалку каталог за најбитните моменти од драматичните први години како на нашата земја, односите со соседите, така и настаните ширум поранешна Југославија. Она што е уште побитно е увидот во размислувањата на дипломат со ставови и искуства од Студената војна, одговорноста кон младите демократии и цврстата определба за почитување на американските стандарди на демократијата кон и во новосоздадените држави. Неговиот критичен осврт кон кон Гостиварските настани од 1997 година, начинот на разрешување на недоразбирањата со соседите на Македонија за време на сакнциите и куп други сведоштва за неговото дејствување се увид во резонот и квалитетот на една дипломатија која беше искористена за отварање на портите, но пребрзо отфрлена по акомодирањето на односите. 

Седиштето на американскиот Стејт Департмент во ВашингтонФотографија: Alastair Pike/AFP/Getty Images

Рускиот „пребег“

Верувам дека Комрас е познат или познаник на О'Брајен. Не знам дали номинираниот кандидат се познавал или пак слушнал за другиот лик низ кој ја пренесувам отфрлената и заборавена пракса и морална оска на американската дипломатија. Зборот ми е за Михајло Михајлов, единствениот bona fide дисидент на титова Југославија за „русинот кој ја толкуваше Југославија” пред Вашингтонската елита во последните две децении на СФРЈ. Потомок на руски пребези во Југославија, автентичен социјал-демократ во постојан прогон од страна на југословенските служби, напати затворан за неговите јавни делувања во Југославија и написи објавувани во странски медиуми, Михајлов беше интелектуалец пар екселанс, познавач на реалностите во земјата и – пред сѐ  - објективен набљудувач благодарение на неговата етничка „неврзаност” и поборник на социјал-демократијата во нејзината автентична форма. Неговите претскажувања за „крвавиот расплет на Југославија по смрта на Тито”, сведоштвата од затворските години поминати со Адем Демаќи и „косоварите кои беа единствени политички затворенице во СФРЈ”, неговите делувања во земјата за време на војната и по враќањето од САД се за жал недоволно познати на овдешните општества.  

Михајлов беше човекот од доверба на тогашната американска политики и дипломатија за се поврзано со комунистичка Југославија. Се до распадот на истата низ крвави војни и настапот на една друга школа на дипломатијата која се прослави низ крвавите сцени и преку сателитски интервјуа давани во живо низ балканските гудури и дупки. Политичките инсајдерски познавања на Михајлов за Југославија, искуствата со комунистичкиот систем, познавањето на неговите прогонувачи, нiвните мрежни поврзувања и модели на манипулација паднаа во втор план, а на сцена настапија „белградските дипломатски момчиња” на Вашингтон израснати во Белград и со белградски начин на согледување и интерпретирање на нештата. Интелектуалниот пристап беше отфрлен и заменет со бирократски кариер-дипломати со или еднострани, или површни познавања на состојбите и начини за нивно надминување. 

Реалноста на ургентната потреба за справување со воени-шерифи за запирање на крвопролевањата и падот во заборав непосредно по заминувањето на големите телевизиски куќи од регионот придонесоа за целосно напуштање на предвоените поуки и цементирање на воената логика на Вашингтон во односот кон Балканот. Искуствата на Михајлов во справување со угнетувачите од системот (истиот кој предизвика војна) беа заменети со коалицирање на новата американска дипломатија со угнетувачите, низ познатата перверзна формула дека оние кои војувале знаат како се прави мир”. Некаде помеѓу буквите на последната реченица се крие парадоксот на американската политика кон регионот: измачуваните од комунизмот беа потребни за да се разбере Југославија, но мачителите од комунизмот беа фаворизирани, подржувани и наградувани и за воспоставување мир и перпетуално статус-кво во регионот. И тоа е коренот за непроменливоста на состојбите во регионот, се додека Вашингтон не реши да се промени себе како предуслов за промени на теренот, кај нас и кон нас. 

Белград- долго време играше централна улога за американската политика кон БалканотФотографија: picture-alliance/dpa

Белградоцентрична матрица 

Таа промена од страна на Вашингтон како предуслов за овдешни промени најлесно се објаснува со искуствата на Љубљана и Загреб како центри кои направија оштар рез во однос кон Белград, но и кон пробелградските дипломати на Вашингтон. На кои уште за време на војната им беше дадено до знаење дека личните сентименти нема да бидат прифатени во кроење меѓудржавни односи со Србија или со САД. Слични искуства имавме и во нашите односи, особено во однос на разрешување на споровите со Грција и Бугарија преку дискретно отстранување на „наши Амбасадори во Вашингтон” кои беа повеќе пречка отколку помош во надминување на споровите. Некои од тие сеуште актуелни и активни дипломати се именувани и сметани - како што Дерек Шоле ги именува во својата книга - за „експерти за Албанци” или Македонци, Црногорци, Босанци, Бугари, Власи, Роми... Проблемот на таа „експертиза” е што станува збор за експерти со (пост)југословенска, белградоцентрична матрица на толкување или анализирање на реалностите во регионот. 

Сеќавањата за Комрас се потсетник за потребата за навраќање кон класичните принципи на американската политика кон регионот согласно очекувањата кои ги имавме, а беа погазени низ бескрајна редица на пожарникарски интервенционизми од кои ползата ја влечеа само пироманите, никогаш жртвите. Потсетувањето на Михајлов, пак, е укажување за последиците на поствоениот анти-интелектуален дискурс и прагма воспоставен од американската (делумно и француската, британската, германската) кариерна дипломатија во изнуден/доброволен пакт со домашните „деца на комунизмот” или фондациски демократи. Некогашната интервенционистичка потреба за шурување со удбаши, криминалци, гангстери, полуписмени демагози за повисока цел на склучување и одржување мир со тек на времето стана не само опортунистички business as usual за западните дипломатии, туку и модус операнди за терање мајтап со нив од страна на овдешните византолози на експлоатација на западните параноични предрасуди, анти-интелектуални искомплексираности и мрзливости на дипломатите. 

Дали може да се очекува таков пресврт, таков Back to the Future пресврт од Џим O'Брајен? Не го познавам човекот, не можам да судам. Прашањата пред него се – дали има волја и дали има моќ за пристапување кон таква промена? Судејќи според оние кои го поздравија неговото именување, станува збор за човек кој не е анти-интелектуално настроен, па затоа можеби ќе има волја за посериозен, поинаков ангажман од доскорешните на Нуланд, Рикер, Донерфелд, Хил кои се наслонуваа врз исти рециклирани ликови низ различни етапи. Што се однесува до моќта, тоа е веќе прашање на Белата куќа и интересот за вистински, а не површни и персонални измени на ликови како актери, не лидери на промени. И да, од нашата спремност и храброст да од него побараме промени од таму горе за долгорочни промени и подобрувања овде доле.   

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми