1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келнските стари скришни градини

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
24 април 2023

Има квартови во Келн во кои ви се чини дека живеете во некој идиличен малечок град, со стари градски куќи, среде раскошни градини, пред и зад куќите. Пишува Кица Колбе

Камелија во КелнФотографија: DW/Maksim Nelioubin

Има квартови во Келн во кои ви се чини дека живеете во некој идиличен малечок град, со стари градски куќи, среде раскошни градини, пред и зад куќите. Такви се, на пример, квартовите Клетенберг, Зилц и Линдентал. Овие квартови имаат раскошно зеленило не само заради неколкуте големи градски паркови, со езера и канали. Притоа овие квартови, кои се наоѓаат на левата страна од Рајна, не се далеку од строгиот центар. Во нив најголемиот дел од куќите не се многу високи, најчесто два, до три ката, со поткровје. Пред нивните влезови во пролет цутат перуники и божур, сите засадени близу фасадата, која и самата често е покриена од густо преплетените гранки на дивата лоза, на бршленот. Најубавата глетка е кога целата фасада е покриена со гранките и со сините гроздови на глицинијата, која во Македонија се нарекува и син багрем.

Бршлен како украс на фасадатаФотографија: Thomas Warnack/dpa/picture alliance

Тоа што останува скришно за минувачите се големите градини зад куќите. Дека се работи за стари градини ќе препознате само од вршките на дрвјата, кои го надвишуваат покривот на куќите. Најголемиот број од тие куќи се изградени на крајот на деветнаесеттиот и на почетокот на дваесеттиот век. Затоа што се многу омилени за живеење, вистинска среќа е да се најде стан во таква стара куќа со стара, голема градина. Дека градината е стара ќе препознате по старите, високи дрвја. Кога ќе се најдете во една од тие, за минувачите невидливи градини, за миг ќе помислите дека се наоѓате во некоја земја на Медитеранот. Глобалните климатски промени направија во лето во нив раскошно да виреат палмите, маслиновите дрвја и рузмаринот. Во нив цутат мирисливи олеандри и густи грмушки од лаванда. А таквите градини барем јас ги доживувам како скришни и тајни, затоа што обично се скриени зад станбените блокови. Залепени една-до-друга, старите келнски куќи најчесто создаваат голем квадрат или триаголник. Просторот во внатрешноста на станбените блокови се нарекува „Innenhof”, што буквално значи, внатрешен двор.

Кица КолбеФотографија: Privat

Најчесто во внатрешните дворови можат да влезат само станарите. Додека минува крај редица од такви стари куќи, минувачот не помислува дека зад нив се крие вистинска рајска градина, а понекогаш дури и малечок парк. Внатрешниот двор пред куќата во која живееме е таков парк со десетина огромни, стари липи, но и други листопадни и зимзелени дрвја. Крај нив се скриени неколку градини, во кои растат само грмушки, затоа што огромните крошни на старите дрвја не пропуштаат доволно сонце за цвеќињата. Тоа е малечка шума во која живеат разновидни птици. Оваа пролет, само што ќе се раздени, почнува со работа клукајдрвецот, кој цел ден толку гласно удира врз стеблото, небаре клунот да му е од железо. Не запира со чукањето сѐ дури се смрачи, затоа што очигледно брза да го изгради гнездото. Во паркот гнездат секоја година мноштво различни птици. Во лов на инсекти, некои од нив долетуваат во густежот на анамската рака на нашиот балкон. Хорот од чрчорење на различните птици напати прави да помислите дека се наоѓате во вистинска шума. Во квартот каде што се наоѓа Келнската зоолошка градина, јата од малечки папагали постојано прелетуваат како шарен облак врз скришните градини во внатрешните дворови. Јата од папагали во меѓувреме се населија и во парковите во внатрешноста на станбените згради во други келнски квартови.

Зад старите згради во Келн се „кријат“ стари градиниФотографија: DW/F.Görner

Во таквите скришни келнски градини и зелени дворови владее вистинска микро-клима, во која температурата е секогаш повисока за еден, до два степена. Sидовите на станбените блокови зрачат топлина нанадвор, што е доволно во поблагите зими на балконите да преживеат цвеќињата од минатото лето. Греењето на домовите создава микро-клима и во тесните стари келнски улици. Во нив рано цутат јапонските цреши и јоргованите, засадени близу до ѕидовите на домовите. Во минатото лето поволната микро-клима во скришните келнски градини многумина ги поттикна да одгледуваат зеленчук. Во некои такви затворени градини доматите и краставиците зрееја сѐ до крајот на септември.

Во меѓувреме и келнската градска управа стана свесна за огромното значење на зелените површини во големите градови. Затоа таа понуди проекти со кои граѓаните се поттикнуваат да го отстранат бетонот од своите дворови и тераси, да посеат трева, односно земјата на терасите да ја покријат само со крупен песок. Ним градот им нуди и стручна помош како да ја ползуваат дождовницата за наводнување на градините. За ваквите мерки за озеленување на досегашните бетонирани површини во дворовите зад куќите, на фасадите и на покривите, граѓаните може да аплицираат кај градската управа за финансиска поддршка. За програмата „Зеленило на кубик”(Grün hoch 3) градот Келн стави на располагање три милиони евра за поддршката на граѓаните кои сакаат да ги збогатат со зеленило фасадите на своите куќи, дворовите и покривите. Проектот завршува оваа година.

Расцутена јапонска црешаФотографија: Christoph Hardt/Panama/picture alliance

Додека минувам крај старите келнски градски куќи во улиците, врз чии тротоари од двете страни има високи, стари липи, чии гранки во пролет и лето ја покриваат улицата како со зелен чадор, неминовно се потсетувам на старите високи дрвја на Илинденска, на липите на Кејот на Вардар, на сокачињата во Дебар Маало, во кои до пред некоја година уште имаше стари куќи со стари градини, слични на овие во Келн. И се прашувам дали во Скопје поинаку се мери времето? Во кој век живеат тамошните надлежни служби? Не стигнало ли до нив сознанието дека климатските промени ја погодуваат и нивната иднина? Веруваат ли дека климатските промени ќе го одминат Скопје, во чиј центар има сѐ помалку зеленило? Фотографиите од осумдесеттите сведочат дека, на пример, на Плоштадот имаше стари диви костени од двете страни, со раскошни крошни кои во лето нудеа пријатна сенка.

Кога градската управа во Скопје би го следела проектот на Келн за отстранување на бетонот, за да може да се озелени целиот центар на Скопје, тогаш сигурно би требало да се отстранат тони од бетон. А од фасадите би требало да се тргне лажниот мермер, за да може, еден ден, по ѕидовите да се извиваат и преплетуваат гранките на синиот багрем. На еден стар син багрем, што растеше пред портата на една стара скопска куќа близу Кејот на Вардар, како гимазијалка му се восхитував секое лето, на патот кон автобуската станица. Неговите жилави гранки и чудесните сини гроздови бдееја врз портата на куќата со голем двор, ограден со висок ѕид. Тогаш старите скопски куќи за мене беа полни со тајни и приказни, како што се за мене сега старите келнски куќи и нивните скришни градини.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми