1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Киев предлага – Западот да штити дел од украинското небо

ЖА
4 јуни 2024

Украина не може да добие толку оружје за воздушна одбрана колку што ѝ е потребно против руските воздушни напади. Затоа Киев предлага – Западот да штити дел од украинското небо.

Украина Кривиј Рих
Украинските градови, и во внатрешноста, се постојана цел на руски воздушни ракетни нападиФотографија: Andriy Dubchak/AP/dpa/picture alliance

Украинскиот амбасадор во Германија, Олексиј Макеиев, го повторни барањето за одбрана од руските воздушни напади врз западна Украина од територијата на НАТО. Руските ракети и дронови треба да бидат пресретнувани со системи кои се лоцирани надвор од границите на Украина, во соседните држави, напиша амбасадорот во денеска објавениот гостински текст во порталот „Цајт онлајн“.
Моментално  Украина е изложена на постојан „дожд“ од руски воздушни напади,  а руските трупи напредуваат и на копно.

„Со секој километар кој што го окупираат во Украина, тие се приближуваат чекор поблиску до ЕУ“, предупреди Макеиев. 

Заштитата на западно украинскиот воздушен простор од надвор е технички можна и правно дозволена, тврди амбасадорот, наведувајќи ја како пример успешната одбрана од иранските воздушни напади врз Израел во април, во кои учествуваа САД, Велика Британија, Јордан и други земји. Повелбата на ОН и меѓународното право предвидуваат право на напднатата земја на одбрана, а трети земји  можат притоа да ѝ помогнат без самите да станат цели.

Идејата не е нова, пишува Макеиев, но оваа можност ѝ е ускратена на Украина. Но, од почетокот на војната често се покажува дека за нешто што категорично се одбива, на крај се испоставува дека е можно.

Директно по руската инвазија во февруари 2022 година Киев постави барање за целосно затворање на воздушниот простор над Украина за руската воена авијација, кое земјите поддржувачи не го прифатија, сакајќи  да избегнат директна конфронтација  и можна ескалација со атомската сила. Улога играше и тоа што стануваше збор за руски авиони со пилоти. Во меѓувреме, Русија за своите воздушни напади длабоко во украинската територија користи исклучиво дронови, ракети и крстосувачки ракети. Западниот дел од Украина е стотина километри оддалечен од фронтот, но постојано е напаѓан од воздух. Цели се важни постројки на енергетската инфраструктура, како и украинските воени аеродроми и воени полигони.

Пресретнување на руски проектили над западна Украина би било можно од  територијата на НАТО-членките Полска и Романија. Полска редовно ги активира авионите ловци при ракетните напади врз западна Украина, но досега не соборила ниедна руска ракета, дури и во случаи кога таа на кратко време го повредува полскиот воздушен простор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми