1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностКина

Кина: Кога концерните за смартфони продаваат е-автомобили

Данг Јуан
28 март 2024

По Хуавеи и кинескиот концерн Шаоми од денеска започна со продажба на електрични возила. Притоа не станува збор само за автомобилската индустрија туку и за клучни технологии на иднината, како вештачката интелигенција.

Првиот електричен автомобил на Шаоми - СУ7
Првиот електричен автомобил на Шаоми - СУ7Фотографија: Florence Lo/REUTERS

Кинескиот производител на електронска и телекомуникациска опрема Шаоми денеска започна со продажба и примање на нарачки за својот прв електричен автомобил. Концернот е нов во овој бизнис, но во матичната бранша, според податоците од 2022 година, има промет од 11 милијарди евра.

Шаоми ја реализираше идејата да произведе спортски електричен автомобил за само три години. Водечките германски производители на автомобили добиваат нова конкуренција од Далечниот Исток.

Автомобилот се вика СУ7 - а, е кратенка за Спид Ултра (Speed Ultra). Потребни му се само 2,78 секунди за да достигне брзина од 100 километри на час. Максималната брзина е 265 километри на час.

Производителот тврди дека погонот на батеријата може да издржи 800 километри без полнење. Основната цена за СУ7 е 33.000 евра. Тесла 3 ја има истата цена - а, тоа е една третина од цената што се плаќа во Кина за Порше Тајкан. 

Според Форбс, шефот на концернот Леи Јун има приватен имот во вредност од 12 милијарди американски долари и е меѓу двестоте најбогати луѓе во светот.

Основачот на Шаоми, Леи Јун го претставува прв електричен автомобил на концернот во декември 2023 годинаФотографија: Florence Lo/REUTERS

Тој внимателно следи што прави конкуренцијата во централата на автомобилските концерни како Пало Алто и Штутгарт.

„Ние не сакаме компромиси и просечност“, порача Леи. „Сакаме да изградиме автомобил од соништата кој ќе биде конкуренција на Тесла и на Порше.“

Производител на смартфони произведува автомобили

Кина долго време е најголемиот производител на електрични автомобили во светот. Без иновациите на кинеските компании, индустријата е незамислива. Меѓу производителите има и многу компании кои првично немаа никаква врска со автомобилската индустрија.

Шаоми произведува таканаречени интелигентни апарати за домаќинство, како што се тостери кои испраќаат порака до мобилниот телефон кога е готово јадењето. Тој производител во Европа е познат главно по мобилните уреди, како и Хуавеј, кој веќе го лансираше електричното теренско возило АИТО во 2021 година.

Идејата да се пресели од електронската индустрија на пазарот на автомобили не е нова. Пред 14 години калифорнискиот Епл најави производство на возила.

Епл конвертираше автомобил од типот Лексус и го користеше за тестирање на автономно возење. Проектот „Епл кар“, меѓутоа беше суспендиран на крајот на февруари 2024 година.Фотографија: Andrej Sokolow/dpa/picture alliance

Но, на крајот на февруари годинава, Епл соопшти дека проектот Епл кар е целосно запрен. Дотогаш, концернот инвестираше десет милијарди долари во развојот на својот електричен автомобил. 

Сосема нов концепт

Кина е најголемиот пазар на автомобили во светот, а воедно и најбрзо растечки пазар. Минатата година, големите германски автомобилски концерни го продаваа секој трет автомобил во Кина. Но, новите кинески производители на електрични автомобили сега претставуваат предизвик.

Бернд Дипензаифен работи за консултантската фирма КПМГ. Тој вели дека ваквиот развој на настаните во Кина не треба да изненадува, бидејќи таа е водечка земја во синџирот на снабдување со литиумско-јонски батерии. Кина е лидер и во однос на производството на батерии, бројот на продадени автомобили и индустриски иновации.

„Азиските производители имаат доминантна позиција, барем во моментов“, вели тој, додавајќи дека ниту еден германски добавувач не бара на смислен начин шанса во областа на снабдување со суровини или во производството на батерии. 

На 91-от саем за автомобили во Женева немаше ниту еден германски производител на автомобили, а цела низа беа од Кина. Таму посетителите можеа да ги видат изложените кинески автомобили со интегриран интернет стриминг и навигација која одбројува кога на наредниот семафор ќе запали зелено светло. Освен тоа, интегрираното седиште за масажа е како дел од стандардната опрема.

Лидерство во технологијата

Кина го дефинира електронскиот автомобил поинаку - тоа не е само мотор со штекер. Станува збор за автономно возење и вештачка интелигенција, за еколошки свесен сообраќаен концепт и за технолошко лидерство во индустриското производство. Затоа во трката се приклучуваат концерните од телекомуникациската и електронската индустрија.

„Во моментов, возилата се еден вид мобилни компјутерски центри“, вели шефот на Шаоми, Леи. „Автомобилската индустрија на иднината ќе произведе напреден и мрежен 'паметен простор'“.

Кина е подготвена да го освои европскиот пазар на автомобили

00:53

This browser does not support the video element.

Друг производител, НИО, има концепт „проширување на дневната соба на тркала“. Поранешниот кинески министер за научен развој Ванг Ганг минатата година на автосалонот ИАА 2023 во Минхен изјави дека електричните автомобили веќе можат да се користат како енергетски складишта во електричната мрежа.

Паметна иднина

Јирген Унзер беше првиот човек на Порше во Кина до јануари 2024 година. Тој вели дека клучниот збор за иднината е „паметен“. „Паметни автомобили, паметно производство, паметна инфраструктура.“ Унзер додава дека и за Германија е многу важно општеството да биде поотворено за пренос на податоци.

Во споредба со другите земји, Кина не е чувствителна на користењето на приватни, лични податоци. Производителите на автомобили и дигиталната индустрија на тој начин можат да развијат алгоритми за употреба на вештачка интелигенција, која ја гледаат како клучна технологија на иднината.

„Вештачката интелигенција ќе придонесе за нашиот напредок и благосостојба“, додава Унзер. „Мораме брзо да се отвориме и да бидеме флексибилни.“ Затоа тој е за регулирана размена на податоци.

Автоматското и мрежно возење е предмет на изјава за намери потпишана од Германија и од Кина во 2018 година. Двете земји тогаш се согласија дека сакаат да создадат „мултилатерални норми без дискриминација, како и услови за користење на податоците, нивно складирање и посредување, сајбер безбедност во областа, како и соодветна инфраструктура.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми