1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКина

Кина провоцира не само во Тајванскиот теснец

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
3 септември 2022

Конфликтот околу тајванскиот теснец влезе во нов круг. Но, Кина не е агресивна само таму, туку е уште поуспешна на друго место, смета Александар Герлах.

Американската морнарица, наспроти протестите на Пекинг, нагласува дека согласно меѓународното право, смее да плови низ Тајванскиот теснецФотографија: abaca/picture alliance

На почетокот на август, САД испратија два воени брода низ Тајванскиот теснец, за првпат по посетата на Ненси Пелоси на Тајван. Со тоа, тие ја оживуваат навиката, која ја споделуваат со другите земји во слободниот свет. Франција и Германија редовно пловат по овој воден пат. Притоа, тие ја нагласуваат актуелната правна ситуација, според која Тајванскиот теснец е дел од меѓународните води.

Само Народна Република Кина инсистира дека ова се нејзини територијални води и оти само Пекинг може да одлучи кој смее да помине таму. Спорот не е нов, но неодамнешната посета на Ненси Пелоси ги враќа сеќавањата на последната голема конфронтација помеѓу САД и Кина: во 1995 година, тогашниот тајвански претседател Ли Тенг-хуи отпатува во САД за да одржи говор на својот поранешен универзитет за демократизацијата на неговата земја. Пекинг беше бесен, блокирајќи го Тајван и истрелувајќи ракети над островот - токму како неодамна, по посетата на Ненси Пелоси.

Два воени брода наместо еден

По осум месеци, сето тоа во тоа време беше премногу за американскиот претседател Бил Клинтон и тој испрати воен брод во Тајванскиот теснец. Притоа, тој недвосмислено ѝ стави до знаење на Народната Република дека Вашингтон ќе продолжи да стои на страната на Тајван. Во таа смисла, сегашниот американски претседател Џозеф Бајден е во право кога вели дека неговата политика во Тајван не се разликува од политиката на неговите претходници.

Она што денес е поразлично отколку во 1995/96 година е агресивноста со која Пекинг ја загрозува демократијата на островот и се обидува да ја заплаши земјата и нејзините 23 милиони жители. Со оглед на оваа поголема закана, американската влада одговара не само со еден, туку со два воени брода. Симболизам, чие значење секако не требаше да остане сокриено за Пекинг.

Александар Герлах, автор на колумнатаФотографија: Hong Kiu Cheng

Во исто време, Тајван е важен, но не и единствен елемент во стратегијата на кинескиот владетел Ши. Тој се грижи за протерување на САД и нивните сојузници од Западниот Пацифик и за држење на соседните земји под неговата шепа како империјална сила. Пекинг вели дека има историски права на овој океан. Тврдење кое е лажно. Независно од тоа, раководството на кинеската армија како и обично џагори во насока на Вашингтон, постојано предупредувајќи дека нема да толерира никакви провокации. Но, засега нема дополнителна ескалација на ситуацијата. Ако се ​​повтори 1996 година и Пекинг привремено се смири, Вашингтон би постигнал бодовна победа за жителите на Тајван. А САД би можеле да им овозможат на другите земји, кои се несигурни во врска со експанзионистичките стремежи на Пекинг, да земат здив.

Пекинг и Соломонските Острови

Вашингтон не е сам во својата посветеност на слободните мориња. САД ја спроведуваат Конвенцијата на ОН за поморското право, меѓу другите, со Франција и со Германија. Во 2016 година, на пример, Берлин ја испрати фрегатата „Баварија“ низ Тајванскиот теснец. На воениот брод подоцнаџ, како казна, не му беше дозволено да се закотви во Кина. Исто така, на брод на американската морнарица и на брод на британската кралска морнарица не им беше дозволено да се закотват на Соломонските Острови минатата недела. Владата на овој архипелаг на Пацификот најави „безбедносно партнерство“ со Пекинг пред шест месеци. Што точно значеше тоа, сега стана јасно: САД и Англија ја водат мисијата за ставање крај на нелегалниот риболов во светските океани. А Пекинг е најагресивниот нелегален рибар во светот.

Значи, Пекинг, во моментов, можеби не постигна поени во Тајван. Меѓутоа, во Пацификот, Ши и неговата номенклатура и тоа како поентираат во однос на САД и нивните сојузници. Значи, оние кои долго време предупредуваат за активностите на Кина во овој регион од светот биле во право.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми