1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина влегува во нова ера, со Ши како неприкосновен владетел

Вилијам Јанг
13 март 2023

Претседателот Ши Џинпинг ја консолидираше контролата на власта по последното годишно заседание на кинескиот Народен конгрес. Но, Ши се соочува со огромни предизвици во неговиот трет мандат.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг на голем екран за време на неговото обраќање пред Народниот конгрес на 10 март 2023 година
Кинескиот претседател Ши Џинпинг на голем екран за време на неговото обраќање пред Народниот конгрес на 10 март 2023 годинаФотографија: Aly Song/REUTERS

Откако во петокот (10.03.2023) едногласно беше избран за историски трет мандат без преседан, кинескиот претседател Ши Џинпинг сега инсталираше уште еден близок соработник на клучна функција: Ли Чијанг во саботата беше избран од Народниот конгрес за нов премиер на Кина.

Ли, најпознат како спроведувач на минатогодишниот локдаун во Шангај, поради коронавирусот, се верува дека ја заслужил довербата на Ши Џинпинг придржувајќи се кон строгата нулта-Ковид стратегија и покрај повеќемесечните протести во најголемиот град во Кина.

Ова беше последната кадровска реконструкција што ја одобри Народниот конгрес, церемонијалниот парламент на Кина, за време на годишното заседание во изминатата недела. Претходно, во петокот,  Жао Леџи, Ванг Хунинг и Хан Женг, кои беа членови на Постојаниот комитет на Политбирото, беа избрани за нов претседател на парламентот, за претседател на највисокото политичко советодавно тело и за потпретседател на државата.

Ши сѐ повеќе се оддалечува од Западот

Кинескиот политички аналитичар Алфред Ву изјави за ДВ дека реизборот на Ши, заедно со изборот на блиските сојузници на Ши, значи дека партијата уште повеќе ќе се оддалечи од западните модели на управување.

Ли Кианг (десно) е првиот премиер од основањето на Народната Република кој никогаш претходно немал служба во централната власт на КинаФотографија: Mark Schiefelbein/AP/picture alliance

„Ши ќе биде некој кој е на врвот на пирамидален систем, а кинескиот модел на управување под него ќе биде многу посоцијалистички“, вели Ву, вонреден професор на Школата за јавна политика Ли Куан Ју на Националниот универзитет во Сингапур. „Тоа е нешто против политиката на Денг Шијаопинг, чија политика им дозволуваше на луѓето прво да се збогатат и да ги научат сите најдобри практики од Западот. Сега, идеологијата е антизападна и социјалистичка“.

Сем Крејн, експерт за кинеска политика на колеџот Вилијамс во САД, вели дека Ши можеби сака лојалните сојузници околу него да „имаат флексибилност и брзина да одговорат на неизвесностите“.

Кина, втората по големина економија во светот, се соочува со драстичен економски пад, додека нејзините односи со САД се чини дека забрзано се уназадуваат.

Сепак, негативната страна на „лојалноста наспроти експертизата“, вели Крејн, е тоа што кинеското раководство може да ги изгуби критичките перспективи на врвот.

Потенцијал за „катастрофални исходи“

Патриша Торнтон, вонреден професор по кинеска политика од Универзитетот Оксфорд, исто така, предупредува дека лојалноста на највисоките нивоа на моќ може да биде опасна за кинеската Комунистичка партија. Таа го посочи примерот на новоизбраниот премиер Ли Чијанг. Тој постапи наспроти сопствените подобри инстинкти, вели таа, за да го спроведе „конфузниот“ локдаун поради Ковид-19 во Шангај  „на голема штета за жителите на градот“.

„Ова сугерира дека Ли веројатно нема да го оспори авторитетот на Ши да се движи напред и опасноста од тоа е дека без алтернативни ставови [...] процесот на донесување одлуки на еден човек може да заврши со катастрофални резултати“.

Шангај: Милиони жители во ковид-изолација

01:27

This browser does not support the video element.

Институционалниот ремонт ја централизира моќта

Што се однесува до кинеските институционални реформи, предлозите доставени до Националниот народен конгрес покажуваат дека Кина планира да формира Национална финансиска регулаторна комисија која ќе ги надгледува осигурителните и банкарските средства во вредност од 57,7 билиони долари (54,14 билиони евра). Дополнително, кинеското Министерство за наука и технологија се соочува со реструктуирање за да се забрза обидот земјата да стане технолошки самостојна.

Кина, исто така, се очекува да формира ново Национално биро за податоци, кое ќе го концентрира управувањето со податоците во еден надзорен орган. Бирото би можело потенцијално да постави и спроведува правила за собирање и споделување на податоци, истовремено одредувајќи дали мултинационалните компании можат да ги користат податоците генерирани од нивните операции во Кина.

Овие реформи допираат до прашањата кои се врвен приоритет за кинеската Комунистичка партија, вели Декстер Робертс, висок соработник од Индо-пацифичката иницијатива за безбедност на Атлантскиот совет.

„Создавањето на Финансиската регулаторна комисија укажува на тоа дека партијата и натаму е многу загрижена поради прекумерната потпора во економијата и високиот долг на целата економија“, вели тој. „Националното биро за податоци ја одразува загриженоста на партијата за безбедноста на податоците. Постои многу силна мотивација да се има многу посилно тело кое може да го регулира и управува огромното количество информации во кинеската економија“, додава тој. Сепак, Робертс смета дека Комунистичката партија ги занемарува опасностите од зголемената регулација на приватниот сектор во услови на низок економски раст.

Големата народна сала во Пекинг која се одржа годишното заседание на кинескиот Народен конгресФотографија: NOEL CELIS/AFP/Getty Images

По три години строги стратегии за нулта-Ковид и падот на недвижностите, кинеската економија доживеа сериозни штети и се предвидува дека закрепнувањето ќе биде тешко оваа година. „Постои вистинска контрадикторност во основата на тоа и постои арогантност меѓу врвните лидери, особено кај Кси Џинпинг, кој мисли дека може да ги има двете предности“, вели тој за ДВ. „Високите лидери не препознаа дека не можат да ги имаат двете придобивки“.

„Грд ќорсокак“ меѓу САД и Кина

На меѓународен план, тензиите меѓу Кина и САД продолжуваат да растат, откако серијата недамнешни дипломатски препукувања ги попречија напорите за враќање на билатералните односи на вистинскиот пат. Минатата недела, Ши ги критикуваше САД дека се обидуваат да ја потиснат и да ја ограничат Кина, додека министерот за надворешни работи Чин Ганг предупреди дека ако САД продолжат по погрешниот пат, конфликт или конфронтација може да бидат неизбежен исход.

Робертс, од Атлантскиот совет, вели оти Ши верува дека САД и Кина се заглавени во „неизбежен конфликт“.

Тој смета дека на крајот САД или Кина ќе победат, а тоа ќе биде многу лоша вест за односите. „Двете страни ги туркаат односите во сè погрд ќорсокак и мислам дека консолидирањето на моќта на Ши не е добро за односите меѓу САД и Кина.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми