1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влез на Кина на мала врата во Бугарија?

Кристофер Неринг
30 јули 2022

Кинеското влијание во бугарскиот образовен систем расте. Поранешни агенти на државна безбедност во институтите Конфучие играат подеднакво голема улога колку и Хуавеи. Но, никој за тоа не се интересира.

Bulgarien Sofia | Einweihung China Cultural Center
Отворање на Кинескиот културен центар во Софија во 2017 годинаФотографија: Zhan Xiaoyi/Photoshot/picture alliance

Од улица тешко и да го препознае човек институтот Конфучие во Софија. Сместен во комплекс згради кои ја заземаат речиси цела улица по должина, адресата ја дели со Центарот за источни јазици и култури при универзитетот од Софија. Но, за разлика од универзитетскиот институт, кој има едноставен влез директно од трамвајската станица, пред влезот на институтот Конфучие има плоштадче со висока ограда. 

Официјално, кинескиот културен институт Софија е посветен, како и сите институти Конфучие ширум светот, на поттикнување и ширење на кинескиот јазик и култура. Програмите ги плаќа официјалната надворешнополитичка културна организација „Ханбан” (Институт за изучување на кинескиот јазик). Според проценките на германската влада, Ханбан е „директно потчинета на Централниот оддел за пропаганда на Комунистичката партија”, како што се вели во одговор на прашање од Зелените во 2019 година. Во Германија институтите Конфучие поради тоа по неколку ударни вести се под набљудување од Сојузната служба за заштита на уставниот поредок. Нивната проценка гласи: „Кинеските институти Конфучие служат во рамки на стратегијата за ширење влијание на Комунистичката партија на Кина, особено за тоа да шират беспрекорна слика за Кина." 

Кинеска мека сила

Како тоа изгледа во пракса, покажува публикација на двата института Конфучие во Бугарија. Во неа се вели: „Народна Република Кина успешно одговори на пандемијата на коронавирусот, а потоа и успеа да забележи раст на економијата. Економското опоравување на Народната Република едноставно е впечатливо." Покрај тоа анализите го фалат развојниот модел на „социјализмот со кинески особини” како „позитивна алтернатива за глобално доминирачкиот нео-либерализам”. Повреди на човековите права како насилното задушување на масовните протести од страна на кинеската војска на плоштадот Тијананмен во 1989 се споменуваат истовремено како нужни и во процесот на модернизација за жал неизбежни грешки и социјални тензии, кои ги решил наследникот на Мао, Денг Ксијаопинг. 

Врски со државна безбедност и руско-кинеска соработка 

Истражување на ДВ покажа дека структурите на Институтот Конфучие во Бугарија не се само нетранспарентни, туку покажуваат силни преклопувања со проруски кругови и поранешни соработници на Бугарската државна безбедност. Еден пример за тоа е Нако Стефанов, автор на горенаведената студија на Институтот Конфучие за супериорноста на Кина во справувањето со вирусот и минимизирање на масакрот на Тијананмен.

Всушност јапонолог, Стефанов во 70-те и 80-те години не само што бил обучуван во Советскиот Сојуз, туку од 1973 и работел како агент за Бугарската државна безбедност. Денес е висок и влијателен член на партијата „Русофили за преродба на татковината” која ја предводи Николај Малинов, познат проруски активист во земјата. Стефанов не одговори на прашањата на ДВ. Нејасно е оттаму дали официјално е дел од Институтот, бидејќи и дополнително прашање на ДВ околу соработниците на Институтот остана без одговор. Информации можела да даде само директорката Аксинија Колева, која била на годишен одмор. Таа пак не само што е автор на заеднички публикации со Нако Стефанов, туку исто како и тој била обучувана во Советскиот Сојуз.

Во вториот Институт Конфучие во Бугарија, кој се наоѓа во главниот грд на средовековното кралство Бугарија, Велико Трново,  почесниот претседател и член на бордот, професор Пламен Легкоступ, во 80тите години бил неофицијален соработник на комунистичката Државна безбедност. 

Во 2009 година како ректор на универзитетот, на претседателот на Русија Владимир Путин му ја додели почесната титула за неговиот „придонес кон мировен развој на светот”. 

Кина и Русија се чини дека соработуваат во влијанието во Бугарија  наместо да си конкурираат", појаснува Румена Филипова, директорка на Институтот за глобални анализи во Софија. Таа е автор на истражување за кинеското влијание во бугарскиот образовен систем 

Студијата е дел од паневропски проект, кој под лупа ја зема  кинеската соработка во образованието. Нетранспарентност во врска со институтите Конфучие во Бугарија доживеала и Филипова на своја кожа. Универзитетот Велико Трново одбил и покрај официјално барање, според Законот за пристап до информации, повикувајќи се на неосновани образложенија, да даде информации за тамошниот институт Конфучие.  

Румена Филипова, директорка на Институтот за глобални анализи во СофијаФотографија: Rumena Filipowa

Влијанието на Кина во образовниот сектор

Меѓу бугарски универзитети и кинески партнери има веќе 141 договори за кооперација. Само универзитетот Русе има седум кинески партнерски универзитети кои нудат и двојна диплома. Навидум безопасни, ваквите соработки во образованието кријат големи ризици. Како што покажа истражувачка сторија на повеќе медиуми, меѓу кои и ДВ, во Германија најмалку 48 универзитети учествувале во соработка со кинески партнери, чиишто резултати може да се користат и за воени цели (т.н. „двојна употреба") .

Во Бугарија, открива Румена Филипова, 24 кинески партнери на бугарски универзитети треба да се оквалификуваат како проблематични поради нивната блискост со кинеската војска. Но, таа не можела д утврди дека бугарско-кинеската соработка и де факто била користена за воени цели. Но, Филипова заклучува дека  „Пекинг цели кон тоа да го шири влијанието колку може повеќе  и секаде да има врски кои по потреба може да се искористат." Па така бугарски универзитети на пример соработуваат на проекти кои се дел од глобалниот  кинески инфраструктурен проект „Новиот пат на свилата”.  Користа од него пак за Бугарија и целокупниот регион на југоисточна Европа потоа се истакнува во публикации на Институтот Конфучие од автори со комунистичко минато во државна безбедност.

Логото на Хуавеи во центарот на СофијаФотографија: Artur Widak/NurPhoto/picture alliance

Хуавеи во Бугарија

Во последниве години и кинескиот комуникациски гигант Хуавеи спроведе неколку заеднички студии заедно со бугарски универзитети. Тој нуди стипендии и поддршка за млади таленти, а донираше и опрема за бугарски институции.

„Преку оваа соработка, Хуавеи може да го искористи техничкото знаење, а истовремено да создаде технолошка зависност од нив. Од друга страна Хуавеи на овој начин ја поткопува ‘Програмата за чиста мрежа’,“ вели Филипова. Споменатата иницијатива е лансирана од САД и има за цел да осигура дека новиот меѓународен стандард за мобилни комуникации 5Г се имплементира без несигурна кинеска технологија.

Соработката на Хуавеи со Бугарија  како и целокупното влијание од Кина, е целосно под радарот на бугарската политика и јавноста, како што резимира студијата на Филипова. Ова овозможи, на пример, телекомуникациската група „Јетел“ да користи хардвер на Хуавеи за својата 5Г мрежа. Нема ниту јавни дебати за безбедносните ризици од учеството на Хуавеи во бугарската 5Г мрежа, ниту пак има дебати за руско-кинеската вмреженост во институтите Конфучие. Тоа може да се врати како бумеранг.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми