1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кирил Темков и „Естетичката лабораторија“

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
29 декември 2025

Кирил Темков, еден од најпознатите македонски филозофи, почина на 27-ми декември, на 82 години. Си замина легендата не само на македонската филозофија, туку и на македонската културна и воспитно-образовна историја.

Проф. д-р Кирил Темков целата своја академска кариера ја помина на Филозофскиот факултет при УКИМ во СкопјеФотографија: DW/M. Sevrieva

Има луѓе кои се толку силни сонувачи на идеи и визии, кои притоа не мора да се нивни, што тој белег од нив прави вистински просветители, во најдоблесната смисла. Таков беше Кирил Темков, еден од најпознатите македонски филозофи, кој почина во Скопје во саботата, на 27-ми декември, на 82 години. Си замина легендата не само на македонската филозофија, туку и на македонската културна и воспитно-образовна историја, зашто тој беше по специјалност етичар, но, со сето срце, и естетичар од еден посебен формат. Неговиот дух и знаење беа енциклопедиски. Да имал можност да  го студира тоа што навистина го сакаше, тој ќе станеше театарски режисер, зашто Киро, како што секогаш го викав мојот асистент по филозофија, чија колешка станав 1976, како асистентка по естетика во Естетичката лабораторија, љубеше пламено две нешта – џезот и театарот. Во таа просторија работевме заедно 10 години. Често, слушајќи  џез, зашто тој најдобро митовирал за работа, се шегуваше напати Киро.

Естетичката лабораторија беше „култно“ место и поради  постојаното присуство на „духот“ на нејзиниот основач, нашиот „Вук“, прочуениот професор со енциклопедиски научен  формат, Павао Вук-Павловиќ. Хрватскиот Евреин, кој во Скопје предаваше од 1957 до 1971. Кога почина 1976, тој ја даруваше својата библиотека на Естетичката лабораторија. Бидејќи речиси сите книги беа на германски, имав среќа да се служам со нив за докторската работа. Вук беше германска филозофска школа, па го беше испратил и Киро на студиски престој во Германија. Така и тој беше германска школа, со силен стремеж за просвета  и знаење во непосредна врска со творештвото. Германската школа во филозофијата во Естетичката лабораторија ја продолжив и јас, но не поради Вук, туку поради германскиот филозоф и композитор Т.В. Адорно, зашто дојдов во Естетичката лабораторија како асистентка која веќе беше „адорнијанка“, бидејќи во Белград магистрирав на неговата естетика. Иако бев непосреден соработник во сите проекти, влијанието на Адорновата естетика направи сето време да имам „здрава“  скепса кон преголемиот жар за обединување на трудот и творештвото, на животот и уметноста на Старделов и Темков, а тоа  помагаше дискусиите за Вуковата визија да не бидат само апологетски, туку и плодотворно критички.

Естетичката лабораторија

Вук ја основаше Естетичката  лабораторија во 1959-та, две години откако беше дошол од Загреб во Скопје. Старделов сведочи во книгата за него дека првиот „лабораториски концерт“ бил посветен на Густав Малер, на кој нашиот Вук рекол дека „во ирационалната содржина на светот допираат најсеопфатно само музиката и философијата.“ Меѓутоа, вистинската реализација на неговата визија започна дури по неговата смрт 1976. Со тоа се пројавија особените белези на „скопската естетичка школа“. Естетичките размисли таа ги обликуваше надвор од музеите (па дури и театрите!), зашто тие се раѓаа во непосредното „сочувствување и доживување“ на уметноста. Откако 1975 Филозофскиот факултет се всели во новиот универзитетски комплекс, каде што Естетичката лабораторија доби релативно голема просторија. Тој простор стана од 1976 до 1983 центарот на македонската интелектуална елита. Знакот за нејзината несекојдневност се гледаше и во „колоритот“ на просторијата, во инаку сивиот бетонски комплекс. Киро и јас, со неколку студенти, на еден викенд ги „белосавме“ ѕидовите на Естетичката лабораторијата со розово-лилјакова боја. 

Академик Георги СтарделовФотографија: DW

Старделов, тогаш декан, беше културно-идеолошкиот стратег, но вистинскиот сонувач и продуцент на идеи беше Киро. Зашто умееше да восхити неколку некогашни студенти по филозофија, меѓу кои и Љубиша Никодиновски-Биш, за визијата на Вук. Така наскоро беше основан „Отворениот театраски универзитет“. Сонот на Кирил Темков и на Биш беше  „сцената“ за Естетичката лабораторија да не е само аулата, туку и фабричката хала и други простори во секојдневниот живот. Така се роди идејата за „Големото платно“ во рамките на  „Неделата на млади творци“, при што на сликарско платно, долго десетина метри,  во дворот пред Филозофски сликаа лаици и професионални ликовни уметници. Во тие години Кирил Темков го оствари својот стремеж за сплотување на животот и творештвото. Во основа, тој веруваше дека во секој човек се крие „творец“ кому треба да му се даде простор да се пројави. За него Естетичката лабораторија не беше само теориски концепт, но и конкретен простор, место во кое се случуваше еманципаторската средба на творештвото со животот. 

Никогаш подоцна Филозофскиот факултет не беше таков фокус на творечка енергија, како во тие десет години интензивна дејност на Естетичката лабораторија. Моторот на таа активност беше Кирил Темков, иако сите учествувавме како негови соработници. Благодарение на особената љубов на Темков и Биш за театарот, Естетичката лабораторија направи од првата „Недела на млади творци“ да настане „Младиот отворен театар“. Во експерименталниот дух на размена и соработка на Естетичката лабораторија со театарот, се роди и „најмалечкото театарче“, „Зелената гуска“, под раководство на Владимир Милчин. Во тоа време почна и богатата соработката на Естетичката лабораторија со штотуку основаната „Кинотека на РМ“, зашто и во таа сфера Темков ги отвораше вратите.

Енергијата на големите визии зависи од духот на времето

Кога по 1983-та Естетичката лабораторија се‘ помалку се експонираше во македонската културна јавност, Кирил Темков продолжи со својата просветителска активност. Се бореше етиката да добие значајно место во македонскиот образовен систем. Тоа го чинеше не само затоа што неговата тесна академска специјалност беше етиката, туку затоа што му беше останал верен на сонот за Естетичката лабораторија на Вук, кој е неразделив  од филозофската теорија на вредностите. Темков ја делеше неговата увереност дека сето  творештво е естетски, но и  етички феномен.

Границата на сонот на Естетичката лабораторија беше таа на сите големи визии. Нивната енергија зависи и од духот на времето. Годините на најголемата активност на Естетичката лаборатија беа тие во кои  во Југославија уште владееше духот на „Корчуланската летна школа“ и на „Праксис“, а  никој не можеше да помисли дека само една деценија подоцна ќе се повампири балканскиот дух на национализмот. Во доцните 70-ти и раните 80-ти, Естетичката лабораторија блескаше со голем ентузијазам и верба во „доброто и убавото“, во слободата и творештвото, па затоа многу често тој дух го споредував со оној на  кусата „Руска авангарда“ во Москва по револуцијата, кога поетите како Мајаковски сонуваа за преобразба на животот преку творештвото. За жал, често визионерските соништа се куси, па затоа подоцна се прашуваме дали биле само сон или навистина сме ги доживеале.

Сега, откако си замина и Кирил Темков, човекот кој се даруваше  во целост на идеите и на творештвото, секогаш кога ќе помислам на Естетичката лабораторија, нема веднаш да ја видам само библиотеката на Вук, пред која во фотелјата со кафејав сомот седи Старделов, пие кафе и разговара со еден од најомилените гости, архитектот Живко Поповски, туку ќе го чујам и рапавиот глас на Били Холидеј. И ќе го видам нашиот драг Киро како енергично во старата машина за пишување отчукува плакат за најновиот проект на Естетичката лабораторија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми