1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Клановите во судството - на демонтажа по изборите

1 октомври 2025

На два последователни митинзи премиерот најавува реформи и нула толеранција кон длабоката држава во правосудството. Од СДСМ критикуваат дека власта сака контролирана правда.

Судска сала со судски чекан на масата
Речиси и да нема судска одлука која не предизвикала јавни дебата во однос на висината на казните или аршините од кои се раководеле судиитеФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Немаме ни суд, ни правда, кога ќе добиеме правда - ова се најчестите критики и прашања што ги поставуваат граѓаните незадоволни од одлуките на делителите на правдата.

„Како може тепање и убиство да имаат иста казна - две години затвор?" - праша неодамна Ева Ристовска, сестра на Теодора, која беше усмртена од возач на пешачки премин во Тетово во 2022 година, а сторителот доби казна од две години затвор, исто колку што доби и лицето што ја нападна скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Речиси и да нема судска одлука која не предизвикала јавни дебата во однос на висината на казните или аршините од кои се раководеле судиите. Случајот со нелегалната дискотека „Пулс“ дополнително ги вжешти критиките поврзани со истрагата и прашањето дали со неа се опфатени сите клучни актери кои со чинење или нечинење придонеле да се случи трагедијата во Кочани. Темата „правда“, која секогаш котира високо во незадоволството на граѓаните, ги засенува и локалните теми за претстојните локални избори, а на неа се фокусираат и партиските лидери.

„Од месечинатa се гледа дека последниот бастион на криминалот во државата стана судството и обвинителството кои ги штитат СДСМ и ДУИ како бели мечки“, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Струга и го критикуваше нивното бездејствие.

„Нема ниту еден случај во институциите, којшто сме го предочиле и обезбедиле со докази, а да заврши со обвинителен акт за кој било поранешен висок функционер. А случаи има колку сакате, само недостасува волја. А нема волја затоа што во судовите и обвинителствата главни се аргатите на СДСМ и ДУИ. Тоа е нивната задача, да ги штитат. И со оваа корупција, за која сега зборувам, имам намера посебно да се занимавам после локалните избори“, најави Мицкоски.

Премиерот Мицкоски најави дека после локалните избори „нема да има ниту политичка коректност ниту правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава во одбрана на криминалот“Фотографија: Government of North Macedonia

Нема да има толеранција

Најавата не е изненадувачка, со оглед дека и на првиот изборен митинг на партијата во Скопје, тој се осврна на истата тема, повторувајќи - дека не е задоволен од функционирањето на правосудниот систем, која станал главното упориште на неправдите во државата.

„Ќе бидам брутално искрен околу дебатата што ја наметнуваат – како сум можел да кажам дека судиите и обвинителите не ги заслужувале платите, со чест на исклучоци. Сметам, дека не само што не ги заслужуват, туку им се преценети во однос на тоа колку испорачуваат правда“, рече Мицкоски од митингот во Скопје и ги најави следните чекори.

„Клановската екипираност и нивните отворени релации ги направија да се ѕид на правдата и штит на криминалот на апаратот што го менуваме. Сакам да најавам дека после локалните избори нема да има ниту политичка коректност ниту правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава во одбрана на криминалот. Следуваат реформи за кои знам, дека некои платени мегафони ќе паѓаат во несвест, но овојпат мора да нѐ биде. Не може веќе правдата да чека, ниту да функционираме во две паралелни нееднакви Македонии. Доаѓа времето на правда“, порача Мицкоски.

Извори од владејачките кругови, кусо коментираат дека по изборите ќе следат реформи кои ќе го потврдат она што премиерот го најавува, посочувајќи дека промените нема да ја забиколат и владата.

Сакате нивна правда

Опозициските партии, се скептични дека целта е правда, а претседателот на СДСМ тој сомнеж го изрази од трибина во Штип.

„Го слушам Мицкоски, вика после изборите ќе донеле правда. Немало правда поради СДСМ и Венко Филипче. Мицкоски Христијане, дали си ти уште во опозиција? Што направи ти за правдата после година и пол? Што? Освен што вработивте во судството и обвинителството ваши роднини, баџанаци, сопрузи на градоначалници, што друго направивте?“, праша Венко Филипче.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, го обвини премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека „не сакате правда, сакате ваша правда, контролирана правда, за да сеете страв, да вршите притисоци и да владеете со уцени“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Смета дека власта нема вистинска намера да донесе реформи во правосудството, ни и дека СДСМ нема да дозволи контролирана правда.

„Вистината е дека не сакате правда, сакате ваша правда, контролирана правда, за да сеете страв, да вршите притисоци и да владеете со уцени. Тоа сакате и ништо друго. Ама СДСМ тоа нема да го дозволи. Тој филм го гледавме и го знаеме. И баш затоа не спроведувате реформи, затоа ги фрливте законите во ѓубре, затоа избегавте од нашата понуда заедно да ги направиме реформите. Со ВМРО-ДПМНЕ правда нема“, рече Филипче.

Тој посочи и дека од вкупно 12 закони кои што требало да се донесат во 2025 година - седум  од нив до јуни и  уште пет до крај на годината - ниту еден, не само што не е донесен, туку не е ниту поднесен од страна на Министерството за правда во Собранието.

Судскиот совет нема да коментира

Од владејачката партија два дена претходно потсетија какво било судството во мандатите на СДСМ и ДУИ.

„Судството под команда на СДС и ДУИ, даде вкупно 3 години затвор, за 14 живи изгорени луѓе во модуларната во Тетово. По 1,5 година за двајца директори на Тетовската болница, а Венко Филипче не беше повикан ниту на информативен разговор. За губење на човечки животи казни како за прекршок, а за кубење коса се добива и до 4 години затвор. Апсурд кој постои само во судството под диктат на СДС и ДУИ“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение.

Судскиот совет пред една седмица преку соопштение се спротивстави на користење на судството за дневно политичка кампања, наведувајќи дека судиите се самостојни и независни во донесување на одлуките и секое коментирање однадвор се смета за упад во судството.

„Судиите и покрај тоа што работат со ограничени човечки и финансиски ресурси даваат максимални напори за брза и ефикасна правда. Секој кој има сериозни индиции и докази за криминално и коруптивно однесување во судството должен е веднаш  да пријави до Судскиот совет и други надлежни органи, затоа што непријавувањето на истите претставува сериозно кривично дело“, соопшти Судскиот совет.

Најавија дека Судскиот совет во иднина нема да се вклучува во коментирање на какви било политички изјави, а секогаш ќе реагира во насока на заштита на законитоста и независноста на судството.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми