1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клевинг: „Косово да биде примено во НАТО“

Анила Шука
3 август 2022

Експертот за Балканот, Конрад Клевинг, во интервју за ДВ предупредува на Западниот Балкан да не се прави истата грешка како во Украина. Тој пледира за членство на Косово во НАТО.

Dr. Konrad Clewing, Leibniz-Institut für Ost- und Südosteuropaforschung
Фотографија: IOS Regensburg

ДВ: Господине Клевинг, викендов повторно имаше тензии на српско-косовската граница, што предизвика загриженост во светот. Повод беше тоа што владата на Република Косово сакаше да спроведе нови правила за влез на граѓаните на Србија. Овие правила пропишуваа дека српските лични документи и регистарски таблички мора да бидат дополнети со косовски потврди при влез во земјата. Владата во Приштина притоа се повикува на принципот на реципроцитет во однос на Белград, затоа што Србија не признава документи од Република Косово и бара косовските регистарски таблички да бидат покриени. Владата на Косово го одложи спроведувањетодо 1 септември 2022 година и со тоа засега е избегната ескалација. Дали гледате зголемена закана за безбедноста во Косово и регионот на Западен Балкан?

Конрад Клевинг: На краток рок, навистина нема посебна закана, зашто воената мисија КФОР, предводена од НАТО, сигурно е во состојба засега да ја стабилизира ситуацијата. Но, гледам голем проблем во фактот што описот на задачите на КФОР, кој произлегува од резолуцијата на ОН од 1999 година, воопшто не ја вклучува одбраната на надворешната безбедност на Косово. Основната задача од 1999 година е да се создаде мирно опкружување и слобода на движење во рамките на Косово. Овие две работи, меѓутоа, долгорочно не се доволни за да се реши евентуален конфликт помеѓу Србија и Косово. И затоа треба да се настојува да се најде навистина длабоко и стабилно решение за надворешните безбедносни потреби на Косово. А тоа го гледам само во перспектива за членство во НАТО.

Германија досега ѝ даваше приоритет на поддршката на ЕУ-перспективата за целиот Западен Балкан, што исто така бара елиминација на конфликти меѓу соседите. Дали оваа перспектива и дијалогот меѓу Србија и Косово контролиран од ЕУ не се доволни за трајно решавање на конфликтот меѓу двете земји?

За разлика од НАТО, ЕУ не им нуди безбедносен систем на своите членки. Според мене, дијалогот меѓу Србија и Косово, координиран од ЕУ, не е соодветна мерка за трајно решавање на спорот меѓу двете земји. Затоа што ова е безбедносно-политичко прашање: Дали Србија смее да го негира и да се бори против државното постоење на Косово? Или, дали Косово смее да врши гранични контроли и да бара од сопствените (српските, н.з.) граѓани да прифаќаат и користат и поседуваат косовски документи, барем во односот со косовската држава? Мислам дека ова барање не е нереално, ниту е погрешно.

Но, германската влада и ЕУ сакаат овие мерки да се спроведат во договор со Србија. Дали е тоа реално?

Мислам дека тоа е наивно. Ова фундаментално прашање не може да се реши спогодбено меѓу Србија и Косово сѐ додека Србија не сака да го признае Косово. Како татковина на косовските Срби, или како заштитничка сила на косовските Срби, Србија полага право да се погрижи дејствијата на косовската држава да не го загрозат постоењето на косовските Срби. Но, она што Косово сака да го спроведе овде не е закана за нивното постоење. Сепак, тоа од страна на Србија е претставено како такво.

Во Србија веќе со недели има навистина голема медиумска кампања. Огромна медиумска тема беше дека Косово наводно се подготвува за протерување на косовските Срби на 1 август 2022 година. Ова е всушност гротескно обвинување и од него може да се види дека Србија, во нејзината внатрешна и надворешна пропаганда и во медиумската контрола, навистина не треба да се третира како обична демократска држава, туку таа има многу сличности со руската ситуација по прашањата на руската јавност и во однос на тоа како Русија, руската држава, бесрамно се служи со лаги. Тоа создава паника кај косовските Срби и ги тера да се потчинат на српската влада. Ситуацијата сега, овој викенд, навистина треба да биде предупредувачки знак за германската влада да не се врати на старите линии на несфаќање на работите сериозно како опасност.

Дали тоа значи дека Германија, сличко како и претходно во конфликтот помеѓу Русија и Украина, има премногу обѕири кон интересите на Србија?

Германија и Западот како целина се заробени во еден вид посакување - ревизионистичките тврдења, во овој случај Србија кон Косово, во другиот случај Русија кон Украина, да не се сфаќаат премногу сериозно. Ако воопшто, тогаш тие можеби би можеле да се однесуваат на мали делови од земјата, како Крим во случајот со Украина или северно Косово во случајот со Косово. И, врз оваа основа секогаш се постапуваше како на Србија да мора да ѝ се додели централна улога на Балканот. Мислам дека оваа политика е наивна и треба итно да се промени.

Зарем членството на Косово во НАТО нема да доведе до тоа населението во Србија, кое и онака е главно скептично кон Западот, да се сврти повеќе отколку сега кон својата неофицијална заштитничка сила, Русија?

Не сметам дека оваа опасност е толку голема доколку Србија како досега, или дури можеби и повеќе, продолжи да добива перспектива за ЕУ. Според моето сценарио, Косово би отишло во НАТО и со тоа би имало безбедносна гаранција во однос на Србија. И под овој услов, веќе не би било толку неопходно Србија официјално да го признае Косово, што веројатно нема да се случи, затоа што Србија неофицијално и по однос на безбедносните прашања и онака веќе нема да може да прави ништо што би било егзистенцијално загрозувачко. И доколку на Србија и регионот им се понуди вистинска европска перспектива, мислам дека не може да биде во српски интерес да се одлучи недвосмислено за Русија.

Конрад Клевинг е експерт за Балканот од Лајбниц-институтот за источни и источноевропски истражувања во Регенсбург

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми