1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КОП29: која е цената на праведна заштита на климата?

Тим Шауенберг
11 ноември 2024

На климатската конференција КОП29 годинава станува збор за големи суми пари како и за прашањето колку поддршка ќе добијат земјите во развој во борбата против сè подраматичните последици од климатските промени.

Логото на конференцијата за климата КОП29 на улица во Баку, главниот град на Азербејџан
Логото на конференцијата за климата КОП29 на улица во Баку, главниот град на АзербејџанФотографија: Sergei Grits/AP Photo/picture alliance

„Како земја богата со фосилни горива, ние ќе го браниме правото на другите земји да ги користат и да инвестираат во овие горива“, рече азербејџанскиот претседател Илхам Алијев на климатскиот дијалог во Петерсберг во Берлин во април, кој со тоа го трасираше ставот што неговата земја би можела да го заземе на претстојните климатски преговори. По 29-ти пат, шефови на држави и влади од речиси 200 држави се среќаваат на Светската климатска конференција КОП29 за да разговараат за мерките за поголема заштита на климата. Модератор е земјата домаќин Азербејџан. Во година во која милиони луѓе претрпеа штети од сè поекстремни климатски катастрофи, конференцијата се одржува во земја богата со гас и нафта која нема голем интерес да ги остави неискористени своите суровини штетни за климата. И покрај големиот потенцијал за обновлива енергија во Азербејџан, профитот од нафтата и гасот сочинува 60 проценти од државните приходи.

Од каде пари за заштита на климата?

Покрај драстично намалување на емисиите, овогодинешната меѓународна конференција за климата се соочува и со друг предизвик - лидерите мора да одлучат колкава финансиска поддршка ќе добијат земјите во развој за да се справат со последиците од климатските промени и да успеат со транзицијата кон одржлива економија.

Богатите земји, вклучувајќи ги САД, Јапонија и земјите од ЕУ, уште пред години се обврзаа од 2020 година да издвојуваат вкупно 100 милијарди долари годишно за поддршка на земјите во развој во борбата со климатските промени. Целта беше постигната дури во 2022 година, а значителен дел беа во форма на кредити со висока камата, заради што имаше остри критики и обвинувања за неисполнети ветувања. Никлас Хоне од Институтот за нова клима, германска невладина организација за климатска политика, проценува дека може да падне договор за сума меѓу 200 и 700 милијарди долари годишно. „Тогаш би имало правичен финансиски баланс меѓу богатите земји кои се навистина одговорни за климатските промени и помалку богатите земји кои најмногу страдаат од нив“, вели Хоне. Африкански и другите земји во развој, вклучително и Индија, во повеќе наврати бараа сума од околу една милијарда долари на годишно ниво, што соодветствува на десеткратно зголемување на претходно преземената обврска. Индустриските земји сметаат дека овие бројки се нереални и бараат земјите од Персискиот залив богати со нафта и Кина да го сносат со нив финансискиот товар.

Климатски промени – Земјата забрзано губи билиони тони мраз

01:29

This browser does not support the video element.

Спорна точка - кој ќе го плати цехот?

И покрај тоа што богатите земји историски имаат најголем удел во климатската криза, Кина сега е земјата која емитира најмногу стакленички гасови. Во официјалните документи, големата сила сепак сè уште се води како земја во развој која теориски добива пари за заштита на климата, наместо самата да ги поддржува посиромашните земји кои немаат удел во нејзиното загадување. И минатата година преговори се водеа во земја богата со нафта. Обединетите Арапски Емирати беа домаќини, а формално сè уште се водат како земја во развој. Тие им ветија на посиромашните земји финансиска поддршка за енергетската транзиција и обнова по климатски катастрофи. Набљудувачите ова го сфатија како трошка надеж дека богатите земји сѐ повеќе ќе преземаат одговорност. Во ОАЕ минатата година, глобалната заедница за прв пат постигна долгорочен договор за запирање на согорувањето на јаглен, нафта и гас како причинители на климатските штети. Планетата земја сепак и натаму се загрева со што е далеку од климатскиот договор постигнат во Париз според кој 197 земји се согласија да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови во споредба со пред-индустриското време. Со актуелната климатска политика, според научниците ќе има глобално затоплување од 3,2 степени до крајот на векот.

Нема заштита на климата без намалени емисии

„Постои огромна дискрепанца меѓу реториката и реалноста кога се тврди дека сме ориентирани кон 1,5 степени Целзиусови, а потоа не се исполнува една од централните задачи“, вели Алден Мајер, виш експерт во меѓународната тинк-тенк E3Г, специјализирана за американска и меѓународна климатска политика. И ОАЕ и Азербејџан и следниот домаќин на климатската конференција на ОН, Бразил, имаат планови за проширување на користењето фосилни горива, објаснува Мајер. Истиот тренд се забележува и во САД, Канада, Норвешка, Австралија и Обединетото Кралство. Пред сè ЕУ се залага поголемите суми за земјите во развој да бидат поврзани со поголема заштита на климата. Членовите на Парискиот климатски договор треба да презентираат нови климатски цели следната година, но повеќето од нив сè уште немаат приложено ниту нацрт, посочува Хоне. Мејер очекува дека на агендата ќе се најде и удвојување на средствата за адаптација на климатските промени од страна на индустриските земји. Може да станува збор за системи за рано предупредување за невремиња или поплави, мерки за заштита на крајбрежјето, зелени површини за заштита од жештина во градовите или безбедносни мерки за електрани во региони подложни на невремиња или поплави. Се споменуваат 40 милијарди годишно за ваквата намена, а дополнително треба да се  развива новиот фонд за штети и загуби и да се поттикне неговата имплементација. Треба да се преговара за зголемување на првично предвидените 800 милиони долари за оваа цел. Според фондацијата блиска до Зелените, Хајнрих Бол, деветте најстрашни катастрофи во земјите во развој само во 2023 година предизвикале штета од 37 милијарди долари. Дебатата дали земји како Кина или нафтените држави треба да учествуваат во покривање на штетите, ќе продолжи и во Баку.

Избори во САД, војна – дали целта од 1,5 степени сѐ уште е остварлива?

Натегањето за парите годинава е заострено и заради истенчените буџети на земјите како резултат на Ковид-пандемијата, економската несигурност и војната во Украина, што доведе до масовно зголемување на воените буџети ширум светот. Изборната победа на Доналд Трамп во САД, најголемата економија и втора со најмногу емисии на стакленички гасови во светот, ќе има и влијание врз преговорите. Изборниот резултат предизвика загриженост кај оние кои се залагаат за поголема и побрза заштита на климата. Трамп не само што го доведе во прашање кредибилитетот на науката во однос на климата за време на неговиот прв мандат, туку и отфрли голем број закони за животната средина и се откажа од Парискиот договор за климата. Тој веќе најави дека доколку се кандидира за втор мандат, ќе се држи до курсот на анти-климатски претседател и дека екстракцијата на јаглен, нафта и гас ќе биде приоритет. „Неговата поддршка за зајакнување на екстракцијата на фосилни горива, неговото непочитување на меѓународните договори и неговото одбивање да обезбеди финансии за климата ќе ја продлабочат кризата и ќе загрозат животи и основа за егзистенција“, оценува Харџит Синг, активист за заштита на климата и член на Иницијативата за договор за стоп на фосилни горива. Отстапувањето на Трамп од климатските обврски на САД, ќе ја заслабне и довербата во меѓународните системи, наведува Синг.

За да може уште некако да се постигне целта од 1,5 степени зацртана во Парискиот климатски договор, глобалните емисии на стакленички гасови мора врвот да го достигнале пред 2025 година, односно најдоцна од тогаш да опаѓаат. Според аналитичарите, сѐ уште би можел да се фати последниот воз.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми