Екстремни жештини или тропски инфективни болести во порано умерените региони - климатските промени влијаат и врз здравјето на луѓето. Научниците предупредуваат дека непреземањето мерки ќе чини човечки животи.
Реклама
Дури и ако порастот на просечната глобална температура остане под два степена споредено со прединдустриската ера, бројот на жртви поради горештини во светот до средината на векот би пораснал за 370 проценти, гласи резултатот на новата студија „Lancet Coutdown on health and climate change“, која ја објавија 114 интернационални научници во стручниот магазин „The Lancet".
Сѐ поголем број жртви на жештините
Во неа се констатира дека луѓето ширум светот се изложени на двојно поголем број денови на екстремна жештина отколку во периодот меѓу 1986 и 2005 година. Тоа е посебно животно загрозувачки за малите деца и за постарите луѓе. Бројот на смртни случаи предизвикани од екстремно високи температури кај лица постари од 65 години е пораснат за 85 проценти во однос на периодот 1991 до 2000 година. Марина Романело од Универзитетскиот колеџ во Лондон доаѓа до заклучок: „Да не се преземе ништо, скапо ќе нѐ чини. Не можеме да си дозволиме да останеме неактивни, цената за тоа се човечки животи.“
Емисијата на ЦО2 уште е превисока
Зголемените температури се причина поради која работата или спортување на отворено ќе бидат сѐ поризични. Освен тоа, расте опасноста од шумски пожари и ширење на тропски инфективни болести.
Научниците согледуваат пораст на користењето на обновливи извори на енергија и преземање на натамошни мерки за заштита на климата, но сеуште се емитуваат 1337 тони јаглерод диоксид во секунда, истакнува Романело. „Не ги редуцираме емиисите ни одблиску толку брзо за да ги задржиме опасностите за климата на ниво кое нашите здравствени системи би можеле да ги совладаат.“
Во Германија, во периодот меѓу 2013 и 2022 година, луѓето биле изложени во просек по 7,9 дена годишно на потенцијално животно опасна горештина. Тоа е доста помалку во однос на 86 дена во глобален просек, но во Германија просечните летни температури во периодот од 2018 до 2022 година се за 1,8 степени Целзиусови повисоки отколку во периодот меѓу 1986 и 2005 година.
Сѐ повеќе отсуства од работа
Високите температури во Германија доведоа до тоа во 2022 година околу 34 милиони работни часови да отпаднат поради горештините, првенствено во градежништвото. Тоа претставува зголемување од 12 проценти споредено со перидот 1991 - 2000 година.
Иако во 2020 година во Германија 31 процент од електричната енергија бил добиен од обновливи извори на енергија, земено вкупно во сите енергетски области – греење, сообраќај и други, тоа изнесувало само шест проценти. Во специјалниот додаток на студијата за Германија стои: „Ниското користење на чисти обновливи извори на енергија и продолжувањето на користењето на фосилни горива и биомаса водат до висока загаденост на воздухот, што пак носи ризик од заболувања на дишните патишта и на срцето и крвотокот, рак на бели дробови, дијабетес, невролошки пореметувања и ја зголемува опасноста од компликации при бременоста, што пак со себе повлекува повисока оптовареност со болести и смртност.“
Реклама
Смртни случаи поврзани со исхраната
Друг дел од научниот извештај е посветен на поврзаноста меѓу исхраната, климатските промени и здравјето. Научниците констатирале дека чувањето корисни животни во земјоделството е одговорно за 57 проценти од целокупната емисија на штетни гасови во земјоделството. Не само што првенствено говедата испуштаат огромни количества метан, туку и одгледувањето сточна храна одзема големи делови од аграрните површини.
Покрај тоа, во 2021 година биле регистрирани глобално 1,9 милиони смртни случаи поврзани со прекумерно јадење на црвено месо, месни преработки и млечни производи, во Германија имало дури 87.000 смртни случаи. Од таа причина научниците пледираат за исхрана базирана на растенија и помалку месо.
Но, научниците имаат и позитивни пораки. Така, во светот е намален бројот на починати од загадување на воздухот, од 2005 година тој опаднал за 15,7 проценти. Потоа, во 2022 година биле инвестирани 1500 милијарди евра во чисти енергии, 61 процент повеќе отколку во фосилни енергии.
Светот шокиран од убиствените екстремни временски прилики
Германија, Канада, Кина - драматичните слики кои се последица на екстремното време доминираат во последните недели. Дали за тоа е одговорна климатската криза?
Фотографија: AFP/Getty Images
Поројни дождови и поплави во Европа
Досега невидените поплави предизвикани од дводневни обилни врнежи дожд, колку што обично паѓаат во два месеци, во Германија и Белгија однесоа најмалку 209 човечки животи. Реките во средината на јули се претворија во надојдени буици и уништија села и објекти стари со векови. Обновата на куќите, фирмите и инфраструктурата, според проценките, ќе чини повеќе милијарди евра.
Фотографија: Thomas Lohnes/Getty Images
Екстремно поројни дождови
И делови од Индија и од Кина се погодени од рекордни поплави, дојде до излевање на акумулации и одводни канали. Научниците предвидоа дека промената на климата ќе доведе до зачестени и пообилни врнежи од дожд - загреаниот и потопол воздух апсорбира повеќе вода, што води до повеќе дождови.
Фотографија: AFP/Getty Images
Поплави во централна Кина
Повеќедневните непрекинати дождови на крајот на јули предизвикаа катастрофални поплави во централнокинеската провинција Хенан. Повеќе луѓе ги загубија животите, стотици илјади мораа да ги напуштат домовите. Во провинцијата Женгџоу бројни патници останаа заглавени во метрото поплавено од водата. Областите во провинцијата се уште потешко погодени.
Фотографија: Courtesy of Weibo user merakiZz/AFP
Рекордни жештини во САД и во Канада
Неподносливата горештина е сѐ почеста, како на крајот на јули во американските сојузни држави Вашингтон, Орегон и канадската провинција Британска Колумбија. Врелиот воздух „заробен“ под антициклонски фронт доведе до екстремно време и стотици смртни случаи. Во селото Литон беше измерена рекордна температура од 49,6 степени Целзиусови, а во следниот ден селото до темели настрада во пожар.
Фотографија: Ted S. Warren/AP/picture alliance
Шумските пожари доведуваат до невреме
Бранот жештина можеби е на заминување, но сушата поттикнува шумски пожари. Огнената стихија во Орегон е толкава што самата предизвикува невреме, а чадот се разнесува дури до Њујорк. Неодамна објавена студија тврди дека ваквите временски услови би „биле практично невозможни“ да не се климатските промени предизвикани од човекот.
Фотографија: National Wildfire Coordinating Group/Inciweb/ZUMA Wire/picture alliance
Дали Амазонската област е стигната до клучна точка?
Во јужниот дел на централен Бразил владее најтешката суша во последните 100 години. Со неа расте и ризикот од пожари и натамошно уништување на Амазонската прашума. Научниците неодамна соопштија дека голем дел од југоисточните шумски области во Амазон наместо да апсорбираат ЦО2 како порано, поради континуираното уништување сега испуштаат штетни гасови. Наскоро може да дојде до пресвртна точка.
Фотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance
На работ на изгладнување
Во Мадагаскар, по години безмилосна суша, од глад се загрозени преку 1,4 милиони луѓе. Некои се принудени да јадат сирови кактуси, диви растенија и скакулци. Бидејќи не беа регистрирани природни катастрофи или политички конфликти, гладот таму се смета за прв во поновата историја предизвикан единствено од климатските промени.
Досега незабележаните поплави во северна Европа ја зафатија и Велика Британија: откако во еден единствен ден наврна количина дожд колку за еден месец, делови од Лондон, подземни постојки на метрото и улици се најдоа под вода. Поплавите се доказ дека „опасностите од промената на климата ни се приближуваат и нам“, изјави лондонскиот градоначалник Садик Кан.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images
Грција се бори со пожари
Додека земјите во северна Европа се под вода, оние на југот, како Грција, се зафатени од повеќе топлотни бранови уште од почетокот на летото. Во првата недела од јули температирите се искачија над 43 степени Целзиусови. Туристичките атракции, како Акропол, преку ден се затворени, додека околу Солун беснееја шумски пожари. Во акција на гаснење на огнот беа и хеликоптери.
Фотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images
Шумски пожари и на Сардинија
Шумски пожари од досега незабележани размери го опустошија централно-западниот дел од островот, истакна гувернерот Кристијан Салинас: „Досега во прав и пепел се претворени 20.000 хектари шума, кои беа синоним за вековната еколошка историја на нашиот остров“. Околу 1200 луѓе се евакуирани од и натаму загрозениот регион.