1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клиничкиот центар уште 6 месеци на „апарати за дишење“

ДТЗ
14 јуни 2024

По хаваријата на Клиничкиот центар, за замена на опремата и инсталациите на централната компресорска станица се потребни 455.000 евра, средства кои делумно ќе бидат финансирани од универзитетските клиники.

Македонија Клиника
Проблемот со компресорскиот систем на државните клиники ќе потрае до крајот на годинатаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Нема надежи дека во скоро време ќе се најде решение за хаосот којшто се случи на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, откако надвор од употреба беше ставена дотраената компресорска станица, што доведе до одложување на операциите и ги стави пациентите во небрано.

Оперативен план за изградба на нова компресорска станица има - но тој предвидува дека дури за 6 месеци би можеле работите да тргнат од мртва точка. Дотогаш пациентите ќе треба да се снаоѓаат како знаат и умеат, до оглед на тоа дека и другите две  алтернативни болници веќе се преоптоварени со пациенти на кои им се неопходни итни операции. 

План и финансиска конструкција 

Владата во четвртокот (13.06) го разгледа оперативниот план за изградба на нова компресорска станица во Клиничкиот центар, подготвен од Службата за заеднички работи. За замена на опремата и инсталациите на централната компресорска станица се потребни 455.000 евра, средства кои делумно ќе бидат финансирани од универзитетските клиники.

Клиничкиот центар до крајот на годината на „апарати за дишење“Фотографија: Petr Stojanovski

„Владата го разгледа предложениот оперативен план и со оглед дека планот има фискални импликации, препорача сите надлежни институции и органи да постапат согласно своите надлежности, во насока на решавање на предметното прашање“, информираа од Владата.  

Планот предвидува неколку активности - барање согласност од универзитетските клиники, подготовка на тендерска документација, набавка, монтирање и пробна работа. Крајниот рок за завршување на сите активностите е шест месеци, односно до крајот на годината. 

Кризата на хирургија трае веќе неколку недели. Како привремено решение се донесе одлука за набавка на надворешни компресори, со цел да можат да се извршуваат сложени и итни оперативни зафати. 

Наталожени проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица неодамна доведоа до крах на здравственот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде се затворени хируршките сали. Итни, неодложни и комплицирани операции се вршат на клиниката, додека полесните случаи се препраќаат во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница - Хирургија „Св Наум Охридски“.

Јавното обвинителство и Народниот правобранител го истражуваат случајот, за да утврдат дали има кривично дело и дали се прекршени правата на пациентите. Хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми