1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Цар Борис Трети“ внесе немир во Охрид

ДТЗ
7 октомври 2022

„Инструирани се, не знаат што прават. Го копаат гробот на Македонија“, изјавија дел од учесниците на протестот. Од бугарскиот клуб повикаа на разум - тврдат дека ќе градат мостови на соработка, а не раздор и провокации

Цар Борис Трети Охрид
Стотици граѓани протестираа против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Искршени јајца по улиците, камења и тврди предмети расфрлани пред охридскиот Амам сведочат за протестите коишто се случија денеска напладне во градот, каде  стотици граѓани протестираа против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, зад кој стои граѓанско здружение формирано пред една година. Со вувузели, транспаренти и извици: „Татари, предавници на својот народ и фашисти“, насобраните граѓани организирани од страна на Левица, со поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, побараа да „запре Холокаустот против Македонците“. Во тензична атмосфера, со многу навреди и пцости, протестот беше држен под контрола од бројни припадници на полицијата, коишто го обезбедуваа клубот и откако толпата се разотиде. Додека гостите во малата просторија сместена на првиот кат на охридскиот Амам го прославуваа отворањето на клубот, од околните дуќани ечеа патриотски песни и извици „Ние сме Македонци, ова е Македонија“.  

Полицијата спречи инциденти на протестот во ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Почитувачи на делото и ликот на Цар Борис III 

Малата просторија во која што е сместен клубот денеска беше претесна за бројните новинарски екипи, гости и љубопитни граѓани коишто дојдоа да чујат кој и зошто отвора ваков клуб во Охрид. Зад иницијативата стои Томе Блажески, претседател на здружението „Цар Борис III“, кој вели дека се почитувачи на делото и ликот на бугарскиот цар.

„Со ова здружение формирано минатата година сакавме да градиме мостови меѓу Македонија и Бугарија и да ги зближиме двата народи. Но, не злоупотребуваат странски фактори. Со „оружје на 21 век“ ни прават притисоци, не обвинуваат за фашизам, а ова е културно катче за другарување на двата народи“, вели Блажевски. Тврди дека не сакале да провоцираат и ги повика граѓаните да бидат разумни. 

„Ако сме прекршиле некои закони не требаше воопшто да ни дозволат да го регистрираме здружението“, реагира Блажески, кој смета дека не направиле ништо лошо за да ги напаѓаат. „Цар Борис не е осуден од ниту еден меѓународен суд. Во Тел Авив има негов споменик - ако бил против Евреите зарем некој би му правел споменик таму“, реагира Блажески. 

На отворањето на клубот присуствуваа и претставници на бугарската амбасада и конзулати во земјата, а здружението „Цар Борис Трети“ доби поддршка и од членови на битолското здружение „Ванчо Михајлов“,кое исто така предизвика бројни реакции во јавноста, по што беше и опожарен нивниот објект.  

Зад иницијативата стои Томе Блажески, претседател на здружението „Цар Борис III“, кој вели дека се почитувачи на делото и ликот на бугарскиот цар.Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

„Го копаат гробот на Македонија“ 

„Фашизмот мора да падне, не за бугарскиот Хитлер“, „Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“, „Со фашисти не се преговара“ - порачаа учесниците на протестот, кои виореја македонски знамиња и носеа транспаренти со пораки на незадоволство и револт против отворањето на ова здружение во Охрид. Дел од граѓаните велат дека не им пречат бугарски здруженија, туку конкретно се незадоволни од името на клубот.

„Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но имињата се провокативни – и Цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола“, коментираат некои од граѓаните.

Други, пак, сметаат дека за ваквите идеи за отворање на бугарски клубови стои инфилтрирани луѓе кои сакаат да ја подриваат државата.

„Инструирани се, не знаат што прават. Го копаат гробот на Македонија“, изјави дел од учесниците на протестот. Според други „убиен е духот на народот“. „Кога државата и институциите не функционираат, граѓаните се заплашени“, велат тие. 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондацииФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Сите се жалат на притисоци 

И едната и другата страна сметаат дека владее страв и притисок меѓу граѓаните: здружението коешто стои зад бугарскиот клуб реагира дека се мета на притисоци и закани, другите пак, велат дека исто така поради страв многумина од мештаните не излегле на протест за да го искажат своето незадоволство од ваквите клубови кои никнуваат као печурки по дожд. 

Виолета Аврамоска од ЛО Левица Охрид истакна дека денес се излезени на протест против здружението кое го носи името на познат фашистички државник Цар Борис III. „Ние немаме ништо против Бугарите, но сме против отворање на вакви клубови именувани по познати фашисти како Цар Борис III и Ванчо Михајлов. Против сме против глорификација и рехабилитација на фашизмот. Овдека сме за да го вратиме згазеното достоинство на македонскиот народ и македонската нација и да го вратиме достоинството на антифашистичките борци. Бевме на моменти испровоцирани, но овде не бевме дојдени со намера да бидеме насилни, не сме анархисти, дојдовме да го искажеме нашиот став и револт дека сме против глорификација и рехабилитација на фашизмот кој на голема врата веќе ни се промовира како т.н. европски вредности“, рече Аврамоска. 

Додека гостите во малата просторија сместена на првиот кат на охридскиот Амам го прославуваа отворањето на клубот, од околните дуќани ечеа патриотски песни и извици „Ние сме Македонци, ова е Македонија“. Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации. „Со тоа не само ќе се спречи идно формирање на вакви квази културни клубови, туку и ќе може да се реагира за веќе постојните кои власта на СДСМ дозволила да се регистрираат и е нивен соучесник“, вели пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Пратеникот од редовите на СДСМ, Ненад Коциќ на прес-конференција во Собранието изјави дека не поддржуваат отворање на клубови на ниту еден поддржувач и извршител на Третиот Рајх. „СДСМ осудува провокации од каков било вид. Оваа земја почива на херојството на нашите предци и делата на македонската антифашистичка борба. За нас, значењето на антифашистичката борба е исклучителна, државничка и безвременска“, порача тој. 

Во македонското законодавство, слободата на здружување е уставно загарантирано право (член 20 став 1 од Уставот) и се остварува преку основање на здруженија, фондации и други субјекти. Но, законските дупки доведоа до отворање на бугарски клубови со спорни имиња. Затоа Министерството за правда подготвува нов закон за Здруженија и фондации, чија содржината ќе биде позната до крајот на октомври. Целта на измените на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на  регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање.Во меѓувреме, со  цел да се спречат и превенираат одредени состојби,формирано е советодавно тело за оваа проблематика.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми