1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана и за бугарското здружение во Охрид

ДТЗ
30 март 2023

За две недели згаснаа двете бугарски здруженија, коишто со месеци предизвикуваат бројни реакции и инциденти. Образложението за нивното згаснување е дека предизвикуваат тензии и нетолеранција во општеството

Цар Борис Трети Охрид
Забрана и за бугарското здружение во ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Министерот за правда, Кренар Лога, го потпиша решението со кое треба да згасне и бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. По добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности, Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис III“ Охрид се очекува да биде избришано од Централниот регистар, како што тоа се случи неодамна и со клубот во Битола. 

За само две недели во земјата згаснаа двете бугарски здруженија, кои што со месеци наназад предизвикуваат бројни реакции и инциденти. По усвојувањето на законот за здруженија и фондации, бугарските клубови добија рок од три месеци да ги усогласат имињата коишто се толкуваа како провокација. Откако ваквата препорака не беше спроведена, тие се најдоа на маса пред Комисијата за употреба на имиња на личности.

Тензии и нетолеранција

Во случајот со „Цар Борис“ во Охрид, Комисијата смета дека евентуалното именување  на здружението со таков назив предизвикува тензии и  нетолеранција во целото македонско општество. Во образложението, Комисијата наведува дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдиректно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.

За две недели згаснаа двете бугарски здруженија, коишто со месеци предизвикуваат бројни реакции и инциденти.Фотографија: DW/F. Schmitz

„Министерството за правда постапува согласно одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности. Решението ќе се достави до централен регистар за понатамошно постапување“, информираа од Министерството за правда. 

Претходно иста одлука беше донесена и за здружението во Битола. Во образложението за негативното мислење беше наведено дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска  со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ. 

Бришењето на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола од Централниот регистар предизвика лавина реакции во Бугарија. Бугарскиот претседател Румен Радев порача дека станува збор за лошо решение, коешто е израз на паника и немоќ. За бугарското МНР, пак, стануваше збор за тенденциозна одлука со која земјата ја крши Европската конвенција за човекови права. 

Здруженијата не се откажуваат

Претседателот на бугарското здружение во Битола, Љупчо Ѓоргиевски за ДВ вели дека не се откажуваат, ниту по одлуките за нивно бришење од Централниот регистар. Најавува дека ќе поднесат жалба на ваквото решение и дека ќе ги искористат сите правни лекови во земјата. „Потоаправдата ќе ја бараме и во Стразбур“, вели тој. 

Во меѓувреме, вели дека вакуум просторот ќе го искористат за да се „консолидираат и окрупнат“. „Знаеме дека се што е забрането е послатко. Ќе се збиеме и ќе се обединиме во периодот кој следи“, вели Ѓоргиевски. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми