1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

Надин Мена Михолек
26 октомври 2024

Првпат во историјата Фолксваген планира затворање погони во Германија и масовни отпуштања. Во Волфсбург, каде речиси сите работат за Фолксваген или нивниот бизнис зависи од концернот, владее страв од пропаѓање на градот.

Фолксваген
Силуетата на фабриката за автомобили на Фолксваген е обележје на градот ВолфсбургФотографија: picture-alliance/dpa/M. Schreiber

Кога во Волфсбург ќе пристигнете со воз, прво ќе видите четири огромни оџаци од тули над фабриката на Фолксваген (ФВ). На зградата има голем сино-бел знак на ФВ. Тука е една од најголемите фабрики за автомобили во светот.

Волфсбург е изграден плански, во првата половина на дваесеттиот век, на чиста ливада во близина на градот Фалерслебен. Денес Фалерслебен е дел од Волфсбург.

Нацистите на 1 јули 1938 година новооснованиот град го нарекоа „Град на возила КдФ во близина на Фалерслебен“. КдФ е кратенка за „Сила низ радост“, а тоа била организација која го организирала слободното време и одморот за работничката класа.

Автомобилот КфД бил планиран како евтина понуда за масите, значи како „народен автомобил“ (Фолксваген). Но, помеѓу 1939 и 1945 година се произведувале речиси исклучиво воени возила. Дури по војната започнува масовното производство на легендарната „Фолксваген Бубачка“, која се  заснова на плановите на автомобилите КдФ.

Волфсбург постои поради концернот Фолксваген и некои велат дека кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува.

Волфсбург е најмладиот град во цела ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Leitzke

Крај на соништата?

Во моментов над градот виси кризата на производителите на автомобили. За првпат во историјата, најголемиот европски производител планира затворање на погони во Германија и откази за илјадници вработени.

Во Фолксваген работат повеќе од 60.000 луѓе - тоа е речиси секој втор жител на Волфсбург. Платите во ФВ се над просекот. Тоа е добро за вработените, лошо за билансот на концернот, бидејќи Фолксваген плаќа околу 62 евра на час (вклучувајќи осигурувања), а тоа беше најскапата саатница во автомобилската индустрија во 2023 година.

Со просечна плата од 5.238 евра (бруто), Волфсбург е еден од најбогатите индустриски градови во Германија. Побогат е само Инголштат, каде што е седиштето на Ауди, кое исто така припаѓа на концернот ФВ.

Кристин Ресер вели дека тука сè уште е жив типичниот германски сон за куќа со градина, автомобил и жена со две деца. Таа посредува во продажба на недвижен имот.

Кристин Ресер (д.) во разговор со репортерката на ДВФотографија: Anna Chaika/DW

Богатите години поминаа

Ресер целиот живот го поминала во Волфсбург. Денес ја чувствува несигурноста која владее во градот. Многу работници ѝ се јавуваат затоа што сакаат да ги продадат своите куќи „пред да загубат вредност“, вели таа за ДВ.

Други ги откажале своите договори за купување недвижности пред да се вселат. „Луѓето се плашат да купат куќа, претпочитаат да ги задржат своите пари додека не видат што ќе одлучи ФВ“, вели таа.

Концернот лани оствари солиден профит од над 18 милијарди евра и на акционерите им исплати 4,5 милијарди евра како дивиденда. Но, минатата година, менаџментот на Фолксваген започна програма за ефикасност која треба да заштеди десет милијарди евра до 2026 година за концернот да стане поконкурентен.

Во август годинава, менаџментот објави дека се неопходни дополнителни мерки за штедење, вклучувајќи затворање на веројатно две фабрики во Германија и значително намалување на бројот на вработени во татковината, каде ФВ моментално вработува околу 120.000 луѓе.

Синдикатите велат дека ќе се спротивстават на затворањето на погоните и кратењето на работните места во Фолксваген со сите достапни средстваФотографија: MORITZ FRANKENBERG/AFP

Тишина пред влезот на фабриката

Ова октомвриско попладне мекото есенско сонце осветлува голема површина на фабриката. Низ влезот 17 во 14 часот излегуваат стотици работници кои ја завршиле првата смена. Облечени се во комбинезони и џемпери или кошули со логото на Фолксваген.

Кога ќе дојдат на големиот паркинг пред фабриката, расположението е лошо, речиси никој не е расположен да разговара со новинарите или да се фотографира. По бројните медиумски написи во последните недели за кризата во компанијата, повеќето од нив не сакаат да одговараат постојано на истото прашање.

Еден сепак вели дека работниците се плашат за своите работни места, друг дека им преостанува само надеж за подобра иднина. „Надминавме бројни кризи, ќе ја надминеме и оваа“, вели тој.

Како се менуваат времињата

Со даноците за стопанството, благодарение на големите приходи на ФВ, се збогати и Волфсбург. Но, сега градот насекаде покажува знаци на економско пропаѓање.

Центарот на градот, опкружен со широки улици со многу паркинг простор, ова сончево попладне е празен. Неколку минувачи одат по улицата „Порше“, но главно поминуваат покрај празни излози. Останати се уште неколку евтини продавници и светлата на едно казино.

Ниту во неколкуте кафулиња на главната улица нема многу гости, како што може да се очекува на ваков сончев ден во октомври.

Џулијано Салиовски вели дека не толку одамна многу негови гости доаѓале еднаш или двапати неделно на вечера, а сега најмногу еднаш месечно.

Салиовски е бегалец од Косово. Тој и неговата сопруга пред неколку години во Волфсбург отвориле хотел со ресторан и омилени се меѓу своите гости. Повеќето од нив ги поздравуваат по име.

Џулијано Салиовски сѐ поретко ги гледа своите гостиФотографија: Nadine Mena Michollek/DW

Пандемијата значително го намали бројот на резервации за ресторани и хотели, вели Салиовски за ДВ, „но сега ги има уште помалку“. Во овој период од годината, додава тој, имало многу резервации за Божик, но годинава нема.

И покрај сѐ, Салиовски верува дека ситуацијата ќе се „сврти“. Тој дури планира да го прошири својот бизнис во Волфсбург и покрај недвижностите што веќе ги поседува сака да купи уште една зграда.

Зошто Босанците толку многу го сакаат голфот?

01:50

This browser does not support the video element.

Дали градот ќе стане музеј?

Успешните години на производство на автомобили во Волфсбург може да се видат во музејот Фолксваген на улицата „Дизел“. Постои голема колекција на олдтајмери, вклучително сите најпопуларни модели на концернот, меѓу кои и „Бубачката“ која од 1938 до 2003 година била произведена над дваесет милиони пати. Или пак минибусот „Були“ на ФВ, кој беше повеќенаменско возило за време на германското економско чудо, а со кој германската „flower-power" генерација од шеесеттите и седумдесеттите го обиколуваше светот.

Секој турист во Волфсбург мора да го посети овој музеј, а секоја година доаѓаат повеќе од 300.000 посетители - најмногу поради ФВ. Таканаречениот Autostadt (автомобилски град) зафаќа 28 хектари. Тој нуди увид во „светот на мобилноста“ и местото каде што повеќе од три милиони возачи ги земале клучевите од својот нов ФВ-автомобил.

Но, во Волфсбург доаѓаат сѐ помалку туристи, вели еден таксист во интервју за ДВ. До пред неколку години, таксистите едвај ги задоволуваа потребите на туристите и деловните луѓе.

Дали е ова знак дека деновите на Волфсбург како европска автомобилска престолнина се одбројани? Дали е можно Фолксваген, кој пред неколку години продаваше најмногу автомобили, да не може да придобие доволно купувачи за своите електрични автомобили, кои наводно се иднината на индустријата?

Таксистот има чувство дека добрите денови во Волфсбург се минато. „Тие времиња се одамна минати“, вели тој, додавајќи дека тој смета оти може „да биде дури и полошо“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми